ДЕЛ ОД РОМАНОТ „АЛЕКСАНДАР ВЕЛИКИ“ (МАКЕДОНСКИ) ОД
УЛРИХ ВИЛКЕН ВО ПРЕВОД НА СЛАВЕ КАТИН
Додека Парменион го испрати со античките грчки единици долж планинските стрмни патишта што беа направени за персискиот двор од Суса до Персепол, Александар Македонски со своите Македонци иташе низ планините по краткиот пат до Персиските преслапи. Овде тој се соочи со цврста одбрана. Персискиот намесник Ариобарзан беше изградил ѕид на преслапот и го чекаше со многу посупериорна војска.
Само со тешки борби и со помош на вешти маневри Александар Македонски успеа да го натера непријателот да побегне. Потоа побрза долу во рамнината, преку реката Аракс (Кур), што беше неколкупати премостена до Персепол со цел да втаса во градот пред градскиот гарнизон да го опљачка богатството. Тој втаса навреме и го спаси богатството.
Тогаш Александар Македонски стапи во родната земја на Ахеменидите. Големиот Кир основачот на империјата и на династијата, во својот главен град имаше изградено дворец и гробница во Пасаграда (во близината на сегашниот Мешеди-Мургхаб), блиску до бојното поле на кое го совлада Астијаг Медијанецот.
Подоцна Дарие I, на југоисточната страна оттука ја изгради цврстата тврдина Персепол, во која тој и неговите следбеници ги изградија своите резиденции и отворените приемни сали (Апалана – приемен простор на отворено) потпрени со столбови на висока тераса на која лежеа дворедни скали, богато украсени со релјефи. Урнатините на кралските згради во Персепол (Такд и Дшемшид) дури и денес оставаат силен впечаток.
Огромните столбови кои се издигаат кон небото, големите бикови пред главната врата, релјефот и натписите сведочат за силата и сјајот на светската империја која веруваше дека ќе се зачува за цело време со милоста на Ахурамазда. На ѕидовите од скалите кои водат кон терасата се запишани овие зборови:
„Така рече кралот Дариј: оваа земја на Персија што ми ја подари Ахурамазда, а која е убава, богата со луѓе и богата со коњи, според тестаментот на Ахурамазда и од мене кралот Дариј, не се плаши од непријатели”. Cera таа се предаде небранета пред нозете на Александар Македонски.
Во Персепол Александар Македонски не само што се чувствуваше како нов господар, кој со освојувањето на овој свет дом на персиската традиција ја стави секирата во коренот на силата на Ахеменид, туку уште еднаш се појави како генералисимус на Коринтската лига што му ја даде Федералниот совет со задача да ја води панелинистичката војна против Персија, да се одмазди за злосторствата што Ксеркс ги изврши против боговите и храмовите на Елините. Над сите очекувања, тој ја поведе својата непобедлива војска во земјата од која потекнуваат Персијците.
Освен тоа, неговите победи над сегашниот владетел Дарие не се сметаа како одмазда над покојниот Ксеркс. Овде, каде што Ксеркс го изгради својот дворец, приемната сала, големата порта и светите градски места на Персепол, требаше да се изврши одмаздата на сите времиња.
По наредба на Александар Македонски беа фрлени факели во зградите на кралот Ксеркс, а притоа и други објекти беа делумно уништени. Тоа, всушност, беше еден симболичен акт со кој на целиот свет, а особено на античките Грци им се кажа дека со ваква „театарска претстава” борбата за одмазда ја постигна својата цел
Во едно од кажувањата на Клитарх се вели дека оргијата на Александар Македонски, поттикната од Атињанецот Tec, го запали дворецот. Природно, тоа се повторува од подоцнежните писатели, а има приврзаници и денес.
Во Персепол Александар Македонски ја доби веста за победата што ја постигна Антипатер, која го ослободи од многу грижи. My испрати пари од Суса за борба против Агис, кој во пролетта 331 година ја формира Пелопонезиската коалиција против Александар Македонски. Антипатер не беше во можност веднаш да тргне во војна против Агис, бидејќи беше спречен од едно востание во Тракија.
По задушувањето на востанието, Антипатер тргна кон југ. Сходно со обврските според договорот на Лигата од Коринт, по пат собра војска од античките грчки сојузи и тргна да ги казни сојузниците на Спарта и Спартанците. Во Пелопонез влезе со вкупно 40.000 војници. Агис пак, со своите сојузници, собра 20.000 пешаци и 2.000 коњаници, го опседна Мегалопол во Аркадија, кој му остана верен на Александар Македонски.
Пред ѕидовите на овој град, речиси во исто време кога Александар ја постигнуваше победата кај Гавгамела, се водеше голема битка во која, наспроти големиот отпор на непријателот, Антипатер ја извојува решавачката победа. Кралот Агис, срцето и душата на борбата за слобода, по добивањето на повеќе повреди, загина во битката, а Спарта мораше да моли за мир. Антипатер зеде педесетина спартански благородници како заложници и се повика на решението од Федералниот совет, како што Александар Македонски направи по освојувањето на Теба.
Но Федералниот совет кој се состануваше на Коринт само за посебни случаи беше слаб за да одлучи во името на Александар Македонски. Така, кога подоцна спартанските заложници допатуваа, Александар Македонски некои од нив ги осуди, a на некои им прости, додека Спарта ја натера да се приклучи кон Лигата од Коринт.
Александар Македонски ја одмори војската во Персепол во текот на зимските месеци, иако имаше мали напади од страна на потчинетите племиња во Персија. Намесникот на Карманија, следната провинција на Исток за среќа се покори и затоа беше оставен во служба. Богатството што Александар Македонски го најде во Персепол беше трипати поголемо од она во Суса.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН