ПРЕСТОЈОТ НА АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ ВО ВАВИЛОН (32)

 

ДЕЛ ОД РОМАНОТ „АЛЕКСАНДАР  ВЕЛИКИ“ (МАКЕДОНСКИ) ОД

 УЛРИХ ВИЛКЕН ВО ПРЕВОД НА СЛАВЕ КАТИН

 

Старите традиции, што сега ги презсде Александар, спојувајќи ги со светската доминација и суверенитетот над Вавилон, морале да му бидат добредојдени, но тоа тешко му ја смируваше душата. Оваа вавилонска доминација над светот едноставно бараше владеење над подрачјата на Азија (вклучувајќи го и Египет), a тоа единствено значеше суверенитет над Азија што му беше ветено уште во Гордиум, а официјално потврдено од собранието на војската во Арбела, пред да дојде во Вавилон.

Но нема да биде точно ако од вавилонските традиции произлезат барањата да се владее над Азија. Сепак, можеше да биде од значење за Александар Македонски да најде во старите метрополи на Ориентот потврда на она што го доби со својата десна рака, бидејќи прокламацијата кај Арбела беше навистина само последица од неговите гигантски подвизи.

Како и во Египет, каде што Александар Македонски постави месно население на чело на цивилната власт, така и сега при освојувањето од земја во земја, како Крал на Азија, функциите ги даваше на Персијци со титула намесник. Тоа беше направено првпат во Вавилон и значително придонесе за јакнењето на Александар Македонски како крал на Вавилон. Мазај го назначи намесник во знак на благодарност што му ја предаде цврстата тврдина.

Освен тоа, Мазај го постави за граѓански гувернер во својство на македонски генерал да командува со единиците. Финансиските и даночните работи беа одвоени од намесништвото и му беа доверени на еден Македонец. Врз овој принцип Александар Македонски ја водеше администрацијата и во другите намесништва на Исток, сé додека не беа потребни некои измени. Како посебна мерка, што наскоро беше укината, на Мазај како намесник му беше дозволено да кова пари.

Од Вавилон каде што остана околу еден месец, Александар Македонски тргна кон исток и во период од дваесет дена допатува во Суса, стариот главен град на Елам, кој беше главна престолнина кога владееја Ахеменидите. Во посвежата Екбатана остана само во жешките летни месеци, а зимата и пролетта во Вавилон.

Каква улога одигра Суса во античкиот грчки свет од Аешил до срамниот мир на Анталцида? Колку амбасадори на античките грчки држави чекаа во претсобјето на Големиот крал?

Наспроти тоа, Александар Македонски и неговите Македонци сега влегоа таму без да употребат оружје. Колку беше загрижен да го заштити градот и неговото богатство е покажано со испраќањето на Филоксен во Суса директно од бојното поле кај Гавгамела. Пораката од Филоксен му беше патем пренесена дека Суса се предала и дека богатството останало негибнато.

Првпат Александар Македонски освои едно од најголемите депоа на богатство на персиските кралеви. Тоа беше од посебно значење. Дарие I воведе метални пари во империјата, која дотогаш беше управувана врз основа на размена на природни производи, а покрај данокот на намесниците се плаќаше и данок на кралот.

Меѓутоа, стариот систем преовлада и сега како и пред тоа: наместо да ги пушти во оптек добиените готови пари, Александар Македонски ги натрупа во своите главни дворци и на примитивен начин, како и Херодот, ги стопи во златни и сребрени прачки, кои во случај на потреба ги сечеше и ги претвораше во ковани пари. Иако Дарие Кодоман потроши огромна сума пари за војната, а понесе пари и на бојното поле и таму ги изгуби, сепак Александар Македонски најде огромно богатство во дворците.

Се претпоставува дека во Суса, не сметајќи ги скапоцените камења, 40.000 сребрени таланти и 9.000 метални дарикти од злато паднаа во рацете на Александар Македонски, чија вредност се проценува многу високо; сребрените таланти, некованото злато и сребро достигнуваа до околу 14,000,000 фунти. Притоа, Александар Македонски веќе можеше да го испрати Менес од Суса како нов финансиски директор на Киликија, Феникија и Сирија, со 3,000 таланти, за да му плати на Антипатер колку што бараше за војната со Агис, но никакви новости не пристигнаа за тој конфликт.

Влегувањето во Суса беше проследено со голема свеченост. Александар им приложи жртва на македонските богови според прадедовскиот ритуал и нареди да се одржи трка со факели и гимнастички натпреварувања. За намесник го постави Персијанецот Абулит, кој претходно му го предаде градот, но постави и двајца Македонци, еден како командант на единиците, другиот како командант на тврдината.

Во Суса Александар Македонски ја зајакна војската со неколку илјади нови единици од Македонија. Co инкорпорирањето на луѓето од планините во кралски службеници тој направи нова организација: ги подели полковите прво во по два ескадрона и на секој му додели командант. Тоа беше прва од големиот број реформи што беа постепено воведувани во организацијата на војската.

Наредната цел на Александар Македонски беше Персепол. По поминувањето на Паситигрис дојде до земјата на Уксиите. Додека населението што живееше во рамнината му се покори, немирните планинци побараа да плати доколку сака да ја помине нивната територија, како што претходно направи персискиот крал.

Александар Македонски одби да плати, бидејќи не сакаше да му признае самостојност на ниедно племе во својата Македонска Империја и со воено лукавство успеа да ги совлада. Потоа, тој им наметна годишен данок во коњи, влечни добици и овци, бидејќи овие планински луѓе не ги познаваа, парите и живееја од сточарството.

 

Продолжува

 

 

Пишува: СЛАВЕ КАТИН