ПО ПАТОТ НА СТРАДАЊАТА НА ИСУС ХРИСТОС (25)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ИЗРАЕЛ И МАКЕДОНИЈА“ НА СЛАВЕ КАТИН

Основно значење на зборот црква е „народ“. Црквата е народ Божји повикан да го сознае живиот Бог, да го љуби и да му служи. Ним Исус Христос им го доверил светото библиско откровение и затоа Црквата е „столбот и темелот на вистината“. Иако Црквата самиот Бог ја повикал на постоење, неа ја сочинуваат обичните луѓе, чии погледи се обоени со духот на нивното време

Исусовото вистинско послание е разбрано дури по неговата смрт и неговото воскресение. Имено, тој повикувал на вера и преданост и настапувал како конечен судија за човечката судбина. Не објавувал само простување и спасение, туку со својот живот, страдање и смртта и го постигнал тоа!

Исус Христос е гласникот, ама е и срцето на пораката. Тој ги повикувал луѓето кај Бога. Тој самиот е тој пат до Бога. Почитувањето на Исус Човекот како Син Божји не извирало од некоја вообразена побожност по неговата смрт, туку во длабокиот впечаток што тој го оставил на своите ученици во трите години на своето дејствување. Неговото воскреснување ја продлабочило и ја потврдило таа увереност. Без сомневање во неговата реална човечност, следбениците сфатиле дека Исус Христос чекорел со Господ.

При посетата на автентичните библиски места кај посетителот се јавува едно чудно чувство. Во Ерусалим, дури и атеистот се чувствува како верник. Секоја година во градот доаѓаат повеќе од еден милион посетители од странство. Повеќето од нив се христијани и Евреи.

При прошетката по улиците на Стариот град може да се видат Ерменци со црни качулки, грчки православни свештеници со високи капи, припадници на римокатоличките редови во разнобојни одежди, Етиопјани, Копти од Египет, припадници на Сириската православна црква чиишто деца учат арамејски, на јазикот на којшто зборувал и проповедал Исус Христос.

На обичниот посетител не му е лесно да ги идентификува многуте цркви и нивните претставници во масата минувачи. И доколку би успеал да препознае некој калуѓер, на пример, од Руската православна црква, сепак, невозможно би било да каже на која фракција ѝ  припаѓа – на „црвените“ кои се заколнале на верност на црковните водачи во Москва, или на „белите“ кои избегале по Руската револуција и сега имаат седиште во Соединетите Американски Држави.

Русите во Ерусалим ја имаат изградено црквата „Светото Тројство“, што се наоѓа во близината на Портата Јафа и претставува дел од комплексот и центарот на руските аџии. Црквата, пак, „Света Марија Магдалена“, која се наоѓа на подножјето на Маслиновата Гора, а која е изградена во 1885 година, е препознатлива по своите седум позлатени кубиња.

Животот, учењето и смртта на Исус ќе означат нова страница во историјата на човештвото. Во време кога Евреите го оплакуваат уривањето на Храмот, учениците на Исус од Назарет веќе го шират новото, христијанско учење. Ерусалим, градот на Исусовото страдање, смрт и воскресение, до денес ќе остане најголемо светилиште во христијанството. Затоа, секоја година повеќе од еден милион христијани од сите делови на светот доаѓаат во Ерусалим.

На Велики петок, пред Велигден, река луѓе минува низ Виа Долороса, по стапките на Синот Божји, на патот кон Голгота. На местото на распнувањето и смртта на Исус се наоѓа Црквата на Светиот гроб, позната уште како Црква на Воскресението, единственото место под небесната капа каде што во исто време можат да се сретнат на молитва верниците од различни христијански заедници.

Црквата на Светиот гроб која претставува симбол на единството на сите кои веруваат во Исуса Христа, истовремено е жив сведок на поделеното христијанство. Во не така дамнешното минато, тука доаѓало до тепачки, па дури и убиства меѓу свештениците од различните христијански заедници. Екуменизмот, за среќа, го истакнува заедништвото во Христос за сметка на партикуларните разлики.

Сепак, како иронија на судбината, клучевите на Црквата од Светиот гроб традиционално ги чува едно муслиманско семејство, да не се караат разединетите христијани. Исто така, и на Светиот гроб внатре, во црквата, поделбата е видлива. Свои делови поседуваат Грците, Латините, Ерменците, Сиријците, Етиопјаните и Коптите.

Под Голгота се наоѓа Адамовата пештера, во која, според преданието, почива првиот човек – Адам. Тука симболично се преплетуваат животот и смртта, минливото и вечното. Адам е првиот човек, Исус последниот. Бидејќи, како во Адам сите умреа, така во Исус сите ќе оживеат. Исус, воскреснувајќи и воздигнувајќи се кон небото, ги носи со себе и првите грешници – Адам и Ева, спасувајќи ги, со својата жртва, сите што живееле и ќе живеат.

Слично како и Еврејскиот храм, и Светиот гроб бил осквернавен. На местото на Воскресението римскиот император Адријан ја поставил на гробот фигурата на Јупитер. Меѓутоа, идолите не можеле да го уништат паметењето на луѓето кои во своите срца го чувале споменот на Синот Божји. Нивниот спомен ќе му помогне на царот Константин, првиот христијански владетел, да го лоцира местото на Исусовото мачеништво и да ја изгради Црквата на Светиот гроб.

Меѓутоа, за христијанскиот свет најголемо сквернавање било заземањето на Ерусалим, а со тоа и заземањето на Светиот гроб, од страна на муслиманите. Калифот Омар, освојувачот на Ерусалим, веднаш по влегувањето во градот, најпрво, ја посетил Црквата на Светиот гроб. Велат дека не сакал да одржи исламска молитва во црквата, бидејќи со самиот тој чин црквата би била претворена во џамија.

Поради тој гест на калифот Омар, извонредно скромен и толерантен владетел, Црквата на Светиот гроб не ја доживеала судбината на „Аја Софија“ во Истанбул. За жал, калифот Ал – Хаким, за кого велат дека бил ментално растроен, наредил црквата да биде урната до темел.

Тоа било во 1009 година. Деведесет години подоцна пристигнала крвавата сметка за лудостите на малоумниот калиф. Имено, крстоносците, ослободувајќи го гробот, го масакрирале, речиси, целото еврејско и муслиманско население на Ерусалим. Светиот гроб, за кој војувале најдобрите христијански рицари, но и разноразни авантуристи кои убивале во Христовото име, денес „мудро“ го чува монах на Грчката православна црква.

Продолжува

1sla1 Пишува: СЛАВЕ КАТИН