ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ИЗРАЕЛ И МАКЕДОНИЈА“ НА СЛАВЕ КАТИН
Северно од долината Гиносар на самиот брег на Галилејското Езеро е светото место Тагба. Тагба е арапски збор што значи „место на седум извори“. Денес тука се откриени и постојат само пет извори низ кои протекува солена вода. Затоа, на овој регион не постоело населено место. Според библиските преданија, Исус Христос во Тагба нахранил 5.000 луѓе со две риби и пет леба
Затоа во сеќавање на извонредниот настан, во IX век била изградена базиликата „Умножени лебови“, со многу живописни мозаици на кои се прикажани животни и растенија во композиција со различни бои.
Тиверијада не е само град на дијамантите, туку тој е познат и како град на туризмот. Распространет на живописните предели на Галилејското Езеро и со зелени површини, овој град привлекува голем број посетители. Хотелските објекти се преполни во текот на целата туристичка сезона, која овде започнува од февруари. Градот Тиверијада своето име го добил од римскиот император Тивериј, што значи град постар од 2.000 години.
Со мноштво споменици, тврдини и други религиозни историски згради и локации, Тиверијада е едно од четирите свети места за Евреите, заедно со Ерусалим, Хеброн и Сафат. Меѓу другото, овој град е место на познатите просветители и рабини кои имаат значајно место во историјата на еврејскиот народ.
Посебна привлечност се и топлите бањи, зградите и другите остатоци од римското време, како и ископините од времето на христијанството. Покрај целиот брег што Тиверијада го зафаќа долж Галилејското Езеро, се лоцирани високите хотелски згради кои со својата архитектура мошне успешно се вклопуваат во севкупниот амбиент и го претставуваат древниот град. Од 1948 година, тој е еврејски град и се развива како значајно туристичко место на Галилејското Езеро.
Тој е втор град по значење во туризмот по градот Еилат. Инаку, Еилат е најјужното место на Израел кое лежи во пустинскиот дел на бреговите на Црвеното Море. Тоа е атрактивно летувалиште во кое доаѓа до израз и се промовира туризмот, бизнисот и претставува место со големи перспективи. Еилат, всушност, е „прозорец“ кон источните простори и излез на Израел на Индискиот и Пацифичкиот Океан.
На север од градот Тиверијада се протега висорамнината Голан. Таму таа се наметнува со сета своја убавина, големина, богатство и значење за опстанокот на државата Израел. Таму е тромеѓето меѓу Израел, Сирија и Јордан. Долу во подножјето, пак, се топлите извори во Хамад Гадер, на реката Јермук, каде некогаш во времето на својата болест, доаѓал и проповедникот Јов.
Тука се и остатоците на некогашната огромна римска бања и денешните резервати за одгледување крокодили. Тука е местото Магдал кое претежно е земјоделско подрачје и се наоѓа во јужниот дел на долината Гиносар. Тоа е древен град што бил познат како родно место на Марија од Магдала (света Марија Магдалена), која подоцна била и една од најверните следбенички на Исус Христос.
Како спомен на библиските преданија и библиското време овде има ископини од тој период, кои се доста важни за христијанството. Сепак, Гиносар како и Магдала, така и целиот регион од Голан, за Израел претставуваат еден од најзначајните земјоделски региони и место во чии предели се чуваат и спомените од библиското време.
Останавме на брегот на Галилејското Езеро да се насладуваме на сè она што Господ ја дарувал овдешната природа. Таму го почувствувавме и вкусот на езерската реткост – рибата „свети Петар“. Потоа, и ние како аџии се упативме кон јужната страна на Галилејското Езеро, во месноста Јарденит, каде истекува реката Јордан. Тоа е местото на кое Спасителот Исус Христос бил крстен од свети Јован Крстител. Во минатото, ова место немало голема економска важност.
Меѓутоа, денес овој предел заедно со реката Јордан има многустрано религиозно и симболично значење. Така, реката Јордан ја означува границата на Ветената земја; низ неа поминуваат водите кои Мозес не смеел да ги премине, а Јарденит означува многу значаен христијански чин.
Имено, според Новиот завет на брегот на реката Јордан проповедал свети Јован Крстител, и според традициите тој таму го крстил Исуса Христа. Денешниот центар на крштевањето е наречен „Јарденит“. Тој е изграден од членовите на блискиот кибуц Кинерет, со цел да се привлече најголемиот број аџии кои доаѓаат да ги посетат светите места во Израел.
И ние во толпата аџии стасавме до водите на Јордан, навлеговме боси во нив, а потоа го следевме потопувањето и покрстувањето на неколку христијани од Соединетите Американски Држави. Тоа, навистина, беше доживување и возбуда, а во исто време враќање на сликите од времето кога свети Јован Крстител го покрстил Исус Христос. Тоа беше нашето второ крштевање, но најзначајно бидејќи беше извршено во водите во кои беше крстен Исус Христос.
Галилеја е интересен предел во Израел. За неа, меѓу другото се тврди дека го има задржано, речиси, истиот пејзаж од времето кога таму проповедал пророкот Исус. Галилеја, е место кое посетителот целосно го смирува и не дозволува обземање од негативна емоција Таму посетителот го обзема смиреност и желба за комуницирање со целата таа недопрена природа што се наоѓа на тоа свето место.
Галилејската земја е позната како место од каде што Исус ги почнал своите проповеди, место каде што го направил чудото со рибите, со виното, со лечењето на болните и, место каде се наоѓало неговото живеалиште.
Галилеја, исто така, е позната по малите селца, од кои едно од нив е родното место на Марија Магдалена. Таму се наоѓа и Назарет, местото од каде што потекнуваат родителите на Исус, и местото каде ангелот Гаврил ја известил Дева Марија дека ќе забремени од Светиот Дух. Исто така, Кана галилејска е местото каде што се случило чудото на свадба кога Исус ја претворил водата во вино.
Во Галилеја, едно од најинтересните места е, секако, Капернаум, место каде што живеел свети Петар и другите рибари. Ова место е познато по чудата кои Исус ги покажал, лечејќи многу болни луѓе. Место каде што Исус се чувствувал свој на своето.
Во Галилеја расте едно дрво, за кое се смета дека е дрвото на кое се обесил Јуда, од срам за делото што го направил, откако го предал Исус. Цветовите имаат црвена боја,. Ретко кој ја напушта Галилеја, без да ја проба рибата на свети Петар, која, обично, е вкусна…
Има предание дека Галилејското Езеро секогаш ги следело емоциите на Исус, кога бил смирен езерото било смирено, кога имал разбранувани емоции, Галилејското Езеро се бранувало. Во денешно време, Галилејското Езеро е еден од најбитните извори на вода за целиот Израел. Таму, на местото каде што се наоѓала куќата на свети Петар, денес се наоѓа една католичка црква.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН