УЧИЛИШНИТЕ ДЕНОВИ НА ИВАН ТРПОСКИ ВО РОДНОТО ВОЛИНО (6)

ДЕЛ ОД ЖИВОТНАТА ПРИКАЗНА НА ИВАН ТРПОСКИ ОД СИДНЕЈ, АВСТРАЛИЈА ВО ДЕЛОТО „ОВА Е МОЈОТ ЖИВОТ“

Во ова продолжение ќе изнесеме дел од активностите и случувањата на  Иван Трпоски во неговото родно село Волино, во убавиот охридски крај. Така, меѓу другото, тој ќе го забележи следното:

Уште како ученик од прво одделение, бев вклучен во програ­мата како рецитатор. Првата рецитација се викаше Машинист, а со неа настапив на полугодишниот училиштен концерт. Оваа и другите рецитации ги запаметував од силното викање при учењето на брат ми Диме, кој беше ученик во трето одделение. Исто така, настапив со рецитација и на крајот од учебната година. Во трето одделение имав улога во пиеса во која глумев со Диме Печоски и Иванка Иваноска. Се сеќавам дека собравме најмногу ракоплескања. Како основноодделенец со рецитации и пиески, покрај Волино, имам настапувано и во селата Мислешево, Корошишта и Драслајца. Моите врсници со кои седев во првоодделенските клупи беа: Павле Андроникоски, Соколе Иваноски и Трајко Шкуртески (машки), а Менка Ногаческа, Митана Мочароска, Павлина Митреска, Вента Ѓорѓиоска, Богдана Спироска и Ристана Стоеска (женски).

Прва учителка ни беше Љубица Попмаркова. Прво одделение го завршив со многу добар, а можев да го поминам и со одличен успех да не бев многу брблив и палав. Поради палавоста учителката ме седна на првата клупа ‒ до Диме Печоски, кој беше повторувач. Многу проблеми ѝ нанесувавме на учителката при одржувањето на нејзината настава. Ги засмејувавме учениците, а за возврат физички плаќавме. Еднаш учителката нѐ фати каде јадевме пршки за време на наставата. Диме од дома ги имаше наполнато џебовите од беч­вињата со пршки и јадеше на час. Колку за беља, ми даде и мене. Па кркавме по пет стапчиња на рака. Во второ одделение нѐ учеше волинецот Крсте Скепароски.

Од него имавме многу страв. Ретко се смееше. Со остар и длабок глас нѐ укоруваше. За каков билопроблем тој ни ги тегнеше ушите и косата над ушите.Во трето одделение не учеше учителката Нада Филева од Охрид. Таа беше многу строга. Поради невнимателност на наставата, Нада неколку мина од нас нѐ повторува во трето одделение. За повторувањето свое место има и повеќенеделното мое отсуство од настава со случајот на болеста шуга (начеток). Но, несреќата да биде поголема, Филева повторно нѐ учеше нас во трето, дури и во четврто одделение. Поради нашата непослушност и палавост таа многу нѐ има грдено, провоцирано и тепано. Покрајучителите и повозрасните ученици, за палавост, уши­те ми ги има тегнато и служителот Симон Маркоски.

Во двокатната куќа, изградена меѓу 1941 и 1942 година, со камен и плитари и со покрив од ѓерамиди, според кажувањата на родителите, јас сум бил прво дете родено во неа.

Признавам дека бев немирен, палав и непослушен. Околу огништето обично се задевавме со брат ми Диме. Подоцна заде-вањата ги проширивме и со помалиот брат Спаско и со сестра ми Ристана. Бевме повеќе деца па околу огништето во зимно време немаше место за да се топлиме сите. Подоцна татко ми ни купи печка, а во помодерното време ни купи и шпорет.

Паметам, во почетокот спиевме на рогузина. Таа беше мошне долга, мораше така да биде, за да може на неа да нѐ собере за да спиеме сите шест души. Наутро ја збиравме и ја стававме во еден ќош од собата. Кога станувавме од рогузината се грчевме од болки. Цели редици од грубото сламено плетило ни се оцртуваа по телата. Дедо ми во почетокот спиеше в пондила, во јаслите. Кога се роди Ангеле, а подоцна и Трпе, татко ми ни направи три дрвени кревети. Еден за родителите со Ристана, Спасе, Ангеле и Трпе, кои спиеја во големата крајпатна соба на спрат, а во другите два, во помалите кревети, спиевме јас и Диме во едниот и дедо ми Билко во дру­гиот, во другата јужна горна соба.

Куќата имаше уште една соба на горниот кат, во која ги чувавме ковчезите со алишта, дударето со ореви, срчите со ракија, каците со расол и месо и други рабо­ти. Меѓу нив се наоѓаше поширок простор на кој од едната страна имаше чардак, а на другата висечки нужник. Пред нужникот беше поставен разбој, на кој мајка ми ткаеше волнени клашни за облека и конопни ќебиња и черги за покривка. Над него беше изградена баџа, која служеше за качување на покривот од куќата. Странич­но се наоѓаше дрвена скала по која се слегуваше на долниот кат.

Во долниот кат, во крајпатната соба, беше сместено огништето, со широк тланик над него, а под него секогаш висеше котел со вода, па ношвите за леб, стомнарник за вода, синија (трпеза) за јадење, пет-шестина триножни столчиња и трупчиња за седење, подоцна беа заменати со дрвена долга маса и долги столови, радио прием­ник и други работи. Во пондилата, на едната страна беа јаслите со биволите и коњите, а на другата страна се наоѓаа амбарите за жито, бочвите за вино, самар, јарем, черепналки, питуличарки, сач, бутин, сито, дрмон и други земјоделски алати. Меѓу собата со ог­ништето и пондилата се наоѓаше широк ајат во кој секогаш нешто имаше, дали вреќи со грав, со пченка, гајби со компири, пиперки, јаболка или некакви други дрангулии.

Преткуќа се наоѓаше широко двориште на кое на средина беше забоден стежер, околу кој во летно време вртеа коњите, вр-шејќи ја пченицата. Меѓу куќата и патот течеше рекичка, која го наводнуваше поголемиот дел од селскиот имот. До неа беше изгра­дена фурна за печење леб. А под неа беше изграден паткарник. До фурната имаше една стара и многу крошнеста муренка, за која се тврдеше дека неа и оревот во бавчата ги посадил прадедо ми Трпо. Тие даваа многу плод. Оревот го откорнаа силни ветришта точно на ден Илинден во 1962 година, а муренката во 1990 година ја пресече брат ми Спаско. На јужниот крај од двориштето се наоѓаше голема племна во која се ставаше слама, детелина, јонџа, паперка и друга сточна храна. На задниот дел од плевната беше изградена кочина за прасиња и просторија за овци и кози, а над нив се наоѓаше коко-шарник. Бавчите ни се наоѓаа на јужниот дел од племната и на ис­точниот дел од куќата. Деленицата која живееше на југоисточната страна имаше пат за врвење меѓу двориштето и плевната. Подоцна во куќата поставивме електрично осветлување, а купивме и желез­ни кревети, додека дрвените ѝ ги отстапивме на тетка ми Устијанка.

Куќата беше оддалечена околу стотина метри од сретселото, по патот по кој се патува од Мешеишта за во Струга, преку Моро­ишта. Бавчите беа заградени со јасики, врби, бозје, шипови и капи-ни. А во нив имаше засадено педесетина сорти овошни дрвја, како: јаболка, круши, ореви, праски, кајсии, цреши, вишни, сливи, дуњи и други овошки. Освен пченка, меѓу нив садевме зеленчук, како грав, компири, бостан, пипер, кромид, праз, зелки, домати, метли, а подоцна и други култури како граор, детелина, јонџа, тутун и друго.

Поради местоположбата и нејзината ширина, за време на Втората светска војна во бавчите бил стациониран еден италијан­ски баталјон сосе нивните коњи и возила. Татко ми, кој делумно го научил италијанскиот јазик, им служел како посредник меѓу војни­ците и селаните, за што бил наградуван со конзерва макарони или некакво парче облека. Тој имаше позитивно мислење за нив. Веле­ше дека не биле агресивни спрема населението, а единствена мана им била што ги задевале лесните жени. Нѐ тераа да ловиме жаби, желки и змии, за кои ни даваа од војничкиот казан по кутлачка шпагети или макарони. И со домашните производи правеле трампа со војниците, особено со готвачите. Така, за две јајца добивале пар­че мармалад, за една кокошка ‒ карти за играње, а за две кокошки можело да се добие рало пижами.

По повод италијанските војници убаво е да го спомнам и следниов настан. При капитулацијата, италијанските и албански војници, од Дебрца низ струшкото поле, преку Струга и Ќафасан бегале за Албанија. Бегајќи, пред партизанските истрели, попатно го фрлале и оружјето, барајќи од селаните леб и вода. Така еден војник влегол и во нашето двориште, а потоа тропнал на врата и по­барал вода. Мајка ми и тетки ми се уплашиле. Тетки ми побегнале на вториот кат и се заклучиле в соба. Мајка ми, вџашена, гледајќи го војникот со долга коса, брада и со раздрпани алишта, веднаш ме грабнала од лелајка и, стискајќи ме во себе, му одмавнувала со раката, за да си оди. Но тој на италиански јазик ја молел за да му даде вода да се напие. На мајка ми ѝ текнало дека бара вода, па му ги покажала стомните во ќошот, кои биле покриени со конопна престилка.

Тој ја зел една од стомните, лакомо ја накркачил, по кое заблагодарувајќи ѝ, ја напуштил куќата. На заминување, во дво­риштето, тој повторно застанал, го извадил ќесето и ѝ ја покажал на мајка ми сликата од неговото бебе, кое го оставил во Италија, па бакнувајќи ја сликата почнал да плаче. По тоа од ќесето извадил некаква метална паричка и ѝ ја дал на мајка ми велејќи ѝ нешто, што таа не го разбрала, но сигурно се однесувало, за мене, за да ми купи нешто со парата. Потоа повторно со трчаница заминал по патот кој води преку селото Мороишта за Струга. По овој настан, кој мајка ми често го раскажуваше, јас и денес се прашувам, колкав спомен, покрај прикаскава, ќе ми причинеше и металната паричка ако беше зачувана до денес?

Проодолжува

1sla1 Подготвил: СЛАВЕ КАТИН