Премиера на младинската претстава „Еднаш свет изградив“

По речиси три години од последната младинска премиера, Театарот за деца и младинци поставува нова –  „Еднаш свет изградив“ која премиерно ќе биде изведена вечер од 20 часот. Режисерот Јане Спасиќ е автор и на текстот, а го напишал инспириран од  „Сидарта“ на Херман Хесе.

Преку семејна приказна за татко и син кои се среќаваат по многу  години, авторот се обидува да согледа неколку поважни животни фази и да ги разгледа последиците на индивидуалните одлуки.

– Преку нивниот однос и приказните на таткото се поставуваат повеќе прашања за значењето и последиците од изборите во животот: Дали децата може да избегаат од изборите на своите родители и дали може да направат свои самостојни избори или тие секогаш ќе носат сенка од изборите на своите родители, дали постојат универзални вредности или сите се индивидуални? Дали на животот може да му се даде подолготрајна смисла или секоја животна фаза има свое значење? Дали некое од овие прашања има дефинитивен одговор или засекогаш остануваат отворени?, истакна режисерот Спасиќ.

Претставата е работена низ експериментален процес заедно со актерите од Театарот за деца и младинци – Драган Довлев, Ненад Митевски, Наташа Петровиќ, Симона Спировска, Бојан Кирковски и деветгодишниот Михаел Стојановски.

Сценографијата е на Мери Батакоја, костимите ги дизајнираше Бранкица Јордановска, композитор на музиката е Дарија Андовска, а дизајнот на светлото е на Звездан Миљковиќ.

Претставата трае  75 минути и е наменета за средношколци од 15-16 години. Со неа ТДМ повторно сака да ја заживее младинската сцена и планира постепено да ги врати претходните три претстави за млади – „Нашиот клас“, „Заспаниот разум раѓа чудовишта“ и „Животинска фарма“.