ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ИЗРАЕЛ И МАКЕДОНИЈА“ НА СЛАВЕ КАТИН
Според некои неофицијални податоци, во Израел постојат повеќе од 10.000 свети места каде низ вековите се градени прекрасни базилики како спомен на библиските преданија од Новиот завет. Не е мал бројот и на културно-историските споменици што ја презентираат еврејската историја од Стариот завет, чии ѕидишта говорат за времето на Саул, Давид и Соломон, за вавилонското и персиското владеење, за периодот од петвековното османлиско ропство, за европскиот ариејски период итн. Речиси секој посетител и турист што доаѓа во оваа земја не може, а да не го посети Капернаум, зошто, според библиските преданија тој е вториот дом на христијанството.
Затоа, да се посети Светата земја – Израел, во вистинска смисла на зборот претставува остварување на еден сон. Таа е земјата на Аврам и на неговите следбеници што Господ им ја ветил како наследство во кое децата на Израел биле водени од Мојсие по егзодусот во Египет
Израел е земјата што секој, без разлика на која религија припаѓа треба да ја посети и да го доживее чувството што го нуди Светата земја, каде што не може да се почувствува на друго место тоа што се нуди на овие простори. Таа е земјата на постојаната младост дарувана преку спасението на витлеемскиот Богомладенец.
Авторот на овие редови Славе Катин ќе забележи дека да се патува по Светата земја е голем предизвик, зашто таквото патување е повеќе од секое друго; таму се патува низ библиската земја, во земјата на пророците и патријарсите, низ земјата на царевите, земјата на апостолите… Да се чекори по земјата на Христовото детство, по бреговите на реката Јордан, на Галилејското Езеро и на Мртвото Море, по земјата осветена од Исуса Христа е ретко доживување за секој христијанин, за секој човек без разлика на неговите религиски убедувања и верувања.
При нашата посета на Светата земја – Израел, се запознавме со библиските преданија на голем број свети места, меѓу кои ќе ги споменеме неколку од нив. Имено, височинката Тавор или Табор, што се наоѓа југозападно од Галилејското Езеро на надморска височина од 588 метри, северно од рамнината Језраил е значајно, историско и религиозно место.
Тавор кој благо се вишнее над Језраелската Долина, во регионот каде секој камен е исполнет со дел од историското и религиозно минато. Името на висорамнината Тавор се јавува и во Библијата, која ја означува древната граница меѓу племињата на Нефталим, Зевулон и Исахар. На нејзиниот врв Варак ги собрал Зевулон и Нефталим во борба против Сисар и го поразил.
Според библиските преданија таму било и светилиштето на Исахар и Зевулон, тоа истото што денес се слави како преобразување на Исус Христос. Но, најважно е тоа што на Тавор, според преданијата се случи чудото на преобразувањето на Исус Христос.
Таму, на врвот Тавор се наоѓа црквата „Свето Преображение“, последната религиозна зграда, која како резултат на војната била уништена во XIX век. Таа, повторно е изградена во 1923 година и претставува значајно религиозно место кое го посетуваат голем број верници од целиот свет.
Со својата убавина, со локацијата и со богатството на библиските преданија посебно внимание заслужува светото место Капернаум. Оваа локација се смета како втор дом на Исус Христос и е едно од главните места на христијанството. Христијаните, често пати, го нарекуваат Капернаум крстосница на религиите.
Капернаум е местото каде Исус Христос заминал да живее откако го напуштил Назарет. Капернаум (Кафарнаум) е сместен на северниот брег на Галилејското Езеро во непосредна близина на древниот пат „Виа Марис“, што води кон Сирија. Неговото име значи „Наумово село“. Тој бил римски воен логор и центар на римската власт. Исус Христос проповедал во синагогата и тука излечил многу народ. Најверојатно, во древните времиња тука постоел град, за што сведочат ископините на синагогата.
Еден дел од Капернаум припаѓа на Католичката црква, која уште на влезот од древниот град поставила споменик, во чест на свети Петар, еден од тројцата омилени Христови ученици. Инаку, свети Петар е познат како Симон Петар, Шимон и Кифа. Тој потекнува од рибарското Витсаида што се наоѓа на брегот на Галилејското Езеро, а со брат му Андреј биле рибари.
Името Петар или Кифа значи камен, карпа и тоа му го дал Исус Христос со зборовите: „Ти си Петар (Кифа) и на тој камен ќе ја изградам црквата своја“. Запишано е дека Петар ги предводел апостолите и прв проповедал меѓу паганите. Се одрекол од Христа три пати пред распнувањето, а по воскреснувањето, Петар три пати му ја посветил љубовта на Исус.
Исто така, во Капернаум ја видовме древната синагога, една од најстарите и најзначајните синагоги во Галилеја. Но таа не е онаа синагога во која Исус Христос проповедал, туку таа е изградена во IX век. Таму во православниот дел од Капернаум ја посетивме црквата „Архангел Михаил“, која ете, и таа е под управа на Грчката православна црква. За жал, домаќинот, грчкиот свештеник се однесуваше како Господ да е „Грк или од грчко потекло“, што остава дамка кај христијаните, особено на оние од Македонија кои доаѓаат и со љубов и почит кон религијата ги посетуваат светите места во Израел.
Исус Христос во Галилеја дошол откако разбрал дека Јован Крстител е предаден. Тогаш го напуштил Капернаум и се искачил на ридот Бјатитудс (светите Блаженства), место кое го добило името од Христовата проповед при давањето благослов. Штом го видел насобраниот народ го одржал познатиот говор, изрекувајќи ги зборовите „блажен осум пати“. Инаку, највисока Христова заповед е: „… љубите ги непријателите свои и благословувајте ги оние што ве колнат…“.
Тука, под огромните фикусови дрва и ние од Македонија, од Новиот завет на македонски јазик ги прочитавме благословите што Исус Христос ги изрекол пред собраниот народ. Бидејќи и Македонецот е библиски човек, сметавме дека со тоа ќе се почувствува македонскиот дух и оттука ќе се прошири насекаде ширум светот, да се чуе и дознае дека Македонија и Македонците се библиски и вечни…
Според библиските преданија, овде на ридот Бјатитудс доаѓале и по 10 до 15 илјади луѓе да го слушаат говорот на Исуса Христос. Денес, како спомен на ова свето место за христијаните е изграден новиот храм „Црквата на Блаженствата“. Таа е конструирана со успешни креации од библиските преданија што претставуваат симбол на светото христијанско место.
Храмот е со осум ѕидови, со осум прозорци, со осум витражи во внатрешноста, со осум кругови, со осум мозаици и со осум видови овошје. Градбата е во христијански стил, чии први темели се поставени уште многу одамна, но најновата зграда на црквата по проектот на архитектот Антонио Барлузи од 1937 година е дел на католичките мисионери. И денес црквата ја чуваат католички сестри, а ја посетуваат илјадници христијани од целиот свет.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН