ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ“ (ВТОР ДЕЛ) НА СЛАВЕ КАТИН
По Втората светска војна, се’ до обновувањето на Македонската православна црква, македонските доселеници ги граделе, помагале и ги извршувале црковните потреби во македонско-бугарски, српски, грчки, руски, романски и други цркви.
Во периодот пред и по Втората светска војна, исто така, во САД се изградени македонско-бугарски и бугарски цркви, во кои најголем број членови биле Македонци. Таков е случајот со црквите, Св. Ѓорѓи во Толидо, Св. Пророк Илија во Акрон, Св. Дух во Јангстаун, Св. Дух во Синсинати, Св. Димитрија во Кливланд, Охајо, Св. Софија во Чикаго, Илиноис, Св. Никола во Флинт, Св. Спас во Батл Крик, Мичиген, Св. Климент Охридски и Св. Ѓорѓи, двете во Лос Анџелес, Калифорнија, Св. Никола во Бафало и Св. Андреј во градот Њујорк.
СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ ВО ДЕТРОИТ. Најбројната македонска колонија во САД е Детроит, каде поголем број печалбари од Македонија дошле уште во почетокот на ЏЏ век. Дошле од различни причини и со различни национални, политички и религиозни убедувања. Затоа и започнале различно да се организираат и поврзуваат на културно и духовно поле. Така, одреден број Македонци заедно со малубројната бугарска емиграција се организирале на црковен план.
До 1927 година своите религиозни потреби ги задоволувале во различни христијански храмови, а од таа година се организирале во македонско-бугарската православна црква, која денес го носи името Св. Климент Охридски.
Во Дирборн, во 1928 година, со средства на Македонци, претежно од егејскиот дел на Македонија, биле купени две куќи, на чиј плац на 17 февруари 1929 година бил поставен камен-темелникот на новиот храм Св. Тројца. Набргу потоа, црквата била изградена (но незавршена) и во неа, на 2 мај истата година била отслужена првата богослужба. Со тоа започнало заедничкото црквување на Македонците и Бугарите, предводени од бугарскиот поп “мисионер”, кој за оваа намена бил испратен директно од Софија.
Меѓутоа, во текот на кризата (1930‡34) се појавиле проблеми од финансиски карактер, па црквата била затворена и дадена на продажба. Тоа ги натерало членовите на Македонската патриотска организација (МПО), огранокот “Татковина” од Детроит, да ја срушат црквата Св. Тројца во Дирборн и да вложат средства за нова црква.
Така, во март 1935 година биле удрени темелите на новата црковна општина која го добила името Св. Климент Охридски. Новиот храм бил готов за три години и служел сe’ до 1964 година кога дошло до поделба меѓу членството. Едната фракција останала во Св. Климент Охридски, изградена во 1964 година, а осветена во јуни 1966 година од бугарскиот митрополит Андреј, како голем троброден храм, во кој денес црквуваат голем број Македонци од сите делови на Македонија, како и мал број Бугари и други христијани. Другата фракција, пак, изградила нова црква во Дирборн Хајтц со ново име Св. Павле.
Ваквата состојба дошла како последица на поделбата во Бугарската православна црква, што се одразила и во иселеништвото. Затоа, од 1963 година во САД и Канада постојат две администрации. Во едната се лојалните на Бугарската православна црква, здружени со Источната православна црковна епархија за Северна и Јужна Америка и Австралија со седиште во градот Њујорк (која контролира осум цркви), а во другата е Епархијата на Бугарската православна црква за САД и Канада со седиште во градот Толидо, Охајо, која под своја јурисдикција и контрола држи девет цркви.
СВЕТИ ЛАЗАР – “РАВАНИЦА” ВО ДЕТРОИТ. Одреден број Македонци во Детроит, по потекло од Тетовско, црквувале, дале финансиска помош, а и денес се едни од најбројните и најактивните во Српската православна катедрална црква Св. Лазар – “Раваница”. Нив ги има од Вратница, Беловиште, Рогачево, Одри и други села. Од изградбата на новиот објект во седумдесеттите години, голем број од македонските доселеници биле приклучени во културниот, образовниот, црковниот и спортскиот живот.
Инаку, старата (првата) црква своите активности ги започнала на 20 мај 1917 година, кога било купено местото, за по десет години (1927) да биде започната изградбата. Таа била регистрирана пред властите на Мичиген во Ленсинг на 27 септември 1932 година, како црковна корпорација. Црквата била осветена на 17 јуни 1934 година. Во периодот од повеќе децении црквата била градена три пати. Камен – темелникот за денешниот објект на “Раваница” бил поставен на 27 јуни 1965 година, а на 25 и 26 ноември 1967 година храмот бил осветен.
Од 1963 година кога се појавила шизмата во Српската православна црква, храмот Св. Лазар “Раваница” соработувал со поранешните југословенски власти. Тоа било повод и мотив македонските доселеници да црквуваат во оваа црква.
Исто така, одреден број македонски доселеници црквувале, а и денес има мал број кои одат и во македонските и во други српски цркви. Таков е случајот со српските православни цркви Св. Стефан во Лакавана, Св. Богородица во Виндзор, Св. Сава во Торонто и во други градови.
СВЕТА ПЕТКА – “МЕМОРИЈАЛЕН ХОЛ ВРАТНИЦА” ВО ДЕТРОИТ. Според некои показатели најголемиот број македонски доселеници во Детроит се од Вратница, Тетовско. Тие црквуваат и во МПЦ Св. Богородица и во СПЦ Св. Лазар “Раваница”, како и во вратничката црква Св. Петка. Оваа селска заедница која поседува голема сала каде се организираат разни манифестации има и мала црквичка.
Објектот бил изграден во 1979 година, во кој е сместена црквичката, која е под јурисдикција на Спрската православна црква. Денес доселениците од Вратница имаат преземено акција за собирање средства за изградба на нова црква.
СВЕТИ КИРИЛ И МЕТОДИЈ ВО ЛОРЕЈН. Градот Лорејн во Охајо, исто така, во почетните години бил центар на македонската емиграција. И таму била организирана црковна општина, но таа била формирана една година (1932) по затворањето на црквата во Маунт Јунион, во Пенсилванија, во која црквувале руски и македонски емигранти.
Така, на 24 септември 1933 година во еден словачки народен дом било свикано народно собрание. На собранието била одредена комисија која започнала со собирање средства за изградба на црква, а на 29 октомври 1933 година се поставени основите на општината Св. Кирил и Методиј. Оваа црква станала центар за голем број активности на доселениците од Балканот. Таа е активна и денес, но бројот на верниците е многу мал.
СВЕТИ ТОМА ВО АКРОН. Како и денешната црква Св. Климет Охридски во Детроит, така и црквата Св. Тома е регистрирана како Источна православна црква. Таа била основана во 1959 година, откако извесен број верници на постојната црква Св. Пророк Илија во Акрон, не сакале да ја признаат контролата на МПО. Тие на 8 ноември 1959 година одлучиле да формираат друга црква и да им служи бугарскиот свештеник од Св. Пророк Илија.
Тогаш името “македонско-бугарска” било изоставено, а прифатено името Св. Тома ‡ Источна православна црква. Било купено место за изградба на црквата, а била осветена на 20 февруари 1960 година од бугарскиот владика Андреј Велички.
Одреден број македонски доселеници од Акрон, Кентон и Маслон црквувале и во Српскта православна црква Св. Ѓорѓи во Кентон, потоа во романската и во сириската црква. Исто така, поголем број Македонци од Леринско и Костурско ја помагаат и црквуваат во грчка православна црква.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН