Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Естонија и на Сојузна Демократска Република Етиопија во Република Северна Македонија.
На церемонијата на предавање на акредитивни писма од страна на Раул Томас, новоименуван амбасадор на Република Естонија, со седиште во Будимпешта, претседателот Пендаровски истакна дека двете држави ги поврзува долгогодишно искрено пријателство, нагласувајќи дека суштината на односите се темели на заедничката визија за слободна и просперитетна Европа, изградена врз начелата на демократијата, мирот и владеењето на правото.
–Во овој контекст, дозволете ми да упатам голема благодарност за недвосмислената и видлива поддршка од Република Естонија за остварување на нашите стратешки цели – членство во НАТО и ЕУ. Денес, сме сојузници во најзначајниот воен сојуз во историјата на Европа – НАТО Алијансата, а сосема неодамна Република Северна Македонија направи чекор, кој овозможи почеток на пристапните преговори со Европската Унија. Како држава-членка на Унијата, вашите искуства и поддршка во рамките на преговарачкиот процес за нас ќе имаат особено значење. Оттука, би сакал да го нагласам моето очекување дека, со отпочнувањето на пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европска Унија, ќе продолжиме да ја конкретизираме и соработката во доменот на европските интеграции“, рече претседателот Пендаровски.
Амбасадорот Томас ја истакна својата подготвеност за натамошно унапредување на динамичната билатерална соработка и за изнаоѓање нови можности за соработка.
–Отворањето на преговорите за пристапување во ЕУ беше важен чекор напред за Вашата земја. Естонија силно го поддржува и ќе го поддржува патот на Северна Македонија кон членството во ЕУ. Секогаш сме подготвени да ги споделиме нашите искуства од европската интеграција. Естонија е многу благодарна за одлуката на Вашата земја целосно да се усогласи со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучувајќи ги и санкциите на ЕУ против Русија, рече амбасадорот Томас.
На церемонијата на предавање на акредитивни писма од страна на Демиту Хамбиса Бонса, новоименуваната амбасадорка на Сојузна Демократска Република Етиопија, со седиште во Рим, претседателот Пендаровски го нагласи интересот и подготвеноста на Северна Македонија за натамошно севкупно унапредување и развој на односите и соработката со Етиопија во сите домени од заеднички интерес, како на билатерален, така и на мултилатерален план.
-И покрај географската оддалеченост на нашите две пријателски земји и припадноста на различни региони, цврсто сум убеден дека постои заедничка желба и потенцијал да ги развиваме и унапредуваме меѓусебните односи за доброто на нашите народи, рече претседателот Пендаровски.
Амбасадорката Бонса оцени дека Етиопија и Северна Македонија уживаат пријателски односи и дека двете земји споделуваат заеднички ставови и имаат меѓусебно разбирање за повеќе-димензионални аспекти.
-Владата на Етиопија сака да работи со Вашата влада за да ги зајакне постојните односи меѓу двете земји и дополнително да ги продлабочи односите во областа на трговијата, инвестициите и туризмот, рече амбасадорката Бонса.
Претседателот Пендаровски на новоименуваните амбасадори на Естонија и на Етиопија им посака успех во извршувањето на одговорната дипломатска функција.