СЈО напладне со прес-конференција

Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите најави дека денеска напладне ќе одржи прес-конференција. Од СЈО не соопштуваат која ќе биде темата на прес-конференцијата.

СЈО минатата недела на својата веб страница го објави шесмесечниот извештај во кој е наведено дека досега обвинителите ја анализирале содржината на 515.572 аудио фајлови, односно во обработка се 85 отсто од вкупниот број на прислушуваните разговори. Изработени се 1.784 транскрипти каде врз основа на преслушаните разговори постои индикација за сторено кривично дело.

Во процес на анализирање од СЈО, како што е истакнато во извештајот, се повеќе од 100.000 аудио фајлови кои се прибавени при спроведени претреси кај неколку лица и во тек е утврдување дали и во колкав број разговори претставуваат предмет на незаконско следење на комуникациите.

Во изминатите шест месеци обвинителите на СЈО отвориле седум нови истражни постапки против вкупно 17 лица, а заведени биле и 136 нови предистражни предмети.

Во извештајот се нагласува дека и покрај изразената подготвеност и упатените укажувања, не се преземени мерки за изготвување на законски решенија со кои би се решила правната положба на Специјалното јавно обвинителство.