Северна Македонија и ЕУ го потпишаа Договорот со Фронтекс на македонски јазик

Во Владата попладнево е потпишан Договорот за статус со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража, Фронтекс.

Договорот е потпишан на македонски јазик.

Од име на ЕУ го потпишаа амбасадорот на Чешка Јарослав Лудва како претставник на чешкото претседателство со Советот на ЕУ и еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон која е дел од делгацијата на Фон дер Лајен, а од македонска страна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

На потпишувањето присуствуваа претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен и премиерот Димитар Ковачевски.

-Потпишувањето на Договорот за статусот на Фронтекс претставува уште еден чекор во продлабочувањето на односите меѓу ЕУ и Северна Македонија. Тоа ќе донесе практични придобивки преку подобрување на граничната безбедност на земјата. Договорот е на македонски јазик, како и на сите 24 јазици на ЕУ, а сите јазични верзии се подеднакво валидни, информираа претпладнево од Делегацијата на ЕК во земјава.

Договорот за гранично управување, познат како Фронтекс, беше блокиран од страна на Бугарија поради употребата на зборовите „македонски јазик“. Советот на ЕУ на 13 октомври ја усвои одлуката за потпишување на Договорот за гранично управување меѓу ЕУ и Северна Македонија, откако Софија всушност го крена ветото, оставајќи ја формулата македонски јазик недопрена, како што е случај за сите други земји од регионот кои имаат договор со агенцијата Фронтекс. Договорот потоа беше одобрен и од страна на Европскиот Парламент.

Откако ќе стапи во сила Фронтекс ќе може да биде повеќе инволвиран во управувањето со границите во Северна Македонија во однос на миграциските текови и борбата против „илегалната миграција“. ЕУ смета дека зајакнувањето на контролите на македонските граници ќе помогне да се подобри безбедноста на границите на ЕУ.