Премиерот Зоран Заев денеска и утре ќе престојува во дводневна работна посета на Брисел, каде, како што е најавено, ќе се сретне со претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер, со претседателот на Европскиот парламент Антонио Тајани, со високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и со еврокомесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан.
Средбата со претседателот на ЕК Жан Клод Јункер, е прва што тој ќе ја има со македонски премиер.
Во рамките на оваа дводневна посетата на Брисел, премиерот Заев ќе учествува на дебатата на тема „Македонија и регионот на Западен Балкан на патот кон членството во Европската Унија“ во организација на Центарот за европски политички студии (ЦЕПС), како и на трибината „Македонија по шарената револуција: Нови можности за успешно пристапување во ЕУ“, во организација на Фондацијата Фридрих Еберт во Брисел.
Во делегацијата, што ја предводи премиерот Заев, се и вицепремиерот Бујар Османи, министерот за надворешни работи Никола Димитров, министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски и генералниот секретар на Владата на РМ Драги Рашковски, информираат од владината прес-служба.