Министерството за надворешни работи вчера ги осуди непримерните квалификации во содржината на Декларацијата на Советот на Општина Благоевград, што се однесуваат на македонскиот народ. Бугарското МНР, пак, излезе со став дека секакви јавни изјави со кои се навредува или провоцира другата страна се апсолутно неприфатливи. Тие, се посочува, не го претставуваат официјалниот став на бугарската држава и обидите да се претстават како такви се неточни и знак на лоша волја. Евроамбасадорот Дејвид Гир, пак, вчера кажа дека добрососедските односи се суштински дел на евроинтергративниот процес, а процесот на пристапување во ЕУ може да помогне за поголема промоција и унапредување на односите, не мора да значи откажување од историјата и идентитетот, туку напоротив. Членството носи предности како поголема стабилност, просперитет и демократска одговорност.
Во соопштението на македонското МНР се наведува дека ваквите декларации се во спротивност на интенцијата на двете влади за градење доверба меѓу народите на двете земји и со духот на Договорот за пријателство и добрососедство, чија основна цел, се вели, е токму тоа, да промовира пријателство и меѓусебно почитување.
Од МНР уште еднаш потенцираат оти интерес на двете држави и на сите граѓани е унапредување на добрососедството.
– Во оваа насока ги охрабруваме и локалните власти, но и сите други здруженија и групации за посебен фокус кон активности кои создаваат пријателство, меѓугранична соработка, економска, културна и туристичка размена, соодветно на духот на европската соработка, се додава во реакцијата на МНР.
Соопштението на МНР претставува реакција на Декларацијата усвоена од Советот на бугарската Општина Благоевград, со која се изразува противење на отворањето на Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во овој град, со оценка дека таквиот чин претставува провокација.
– Категорично се спротивставуваме на антибугарската провокација за отворањето на т.н. Македонски културен клуб „Никола Вапцаров“ на територијата на Општина Благоевград, се наведува во Декларацијата, во која се додава дека „македонската нација е вештачки создадена од Коминтерната“.
Потенцирајќи дека „Никола Јонков Вапцаров е бугарски поет“, општинските советници на Благоевград оценуваат дека формирањето на центар со неговото име во нивниот град претставува „груба провокација од нелегитимни организации“.
– Сметаме дека сите дејствија за создавање на организација во која група луѓе се самоопределуваат како „малцинство“ во рамките на нашата национална држава се грубо кршење на Уставот и законите во Република Бугарија. Исто така, сметаме дека со ваквите провокативни дејствија грубо е прекршен Договорот за добрососедство и погазени се сите досегашни напори за подобрување на нашите односи со Република Северна Македонија и е попречен нејзиниот пат кон европска интеграција и членство во Европската унија, се наведува во Декларацијата.
Основач на клубот „Никола Вапцаров“ е Друштвото за заштита на основните човекови права, кое е регистрирано во Бугарија.
Бугарија отсекогаш настојувала да ги зајакне и продлабочи пријателството и добрососедските односи со Северна Македонија. Бугарија вложи многу труд за да ја реализира оваа цел во последните години, се наведува во соопштение на бугарското Министерство за надворешни работи.
Како што пренесува дописникот на МИА од Софија, во оваа насока Министерството за надворешни работи на Бугарија нагласува дека секакви јавни изјави со кои се навредува или провоцира другата страна се апсолутно неприфатливи. Тие, се посочува, не го претставуваат официјалниот став на бугарската држава и обидите да се претстават како такви се неточни и знак на лоша волја.
Без оглед на бројните провокации против Бугарија и особено кон Бугарите во Северна Македонија во последните месеци, бугарското Министерство за надворешни работи смета дека ваквиот говор е неприфатлив и крајно контрапродуктивен.
-Ваквите изјави не се во интерес на Бугарите во Северна Македонија. Тие го одвлекуваат вниманието на јавноста од правичниот и легитимен стремеж на бугарската заедница за еднакви граѓански права, особено за слободно здружување и одбрана на нивното културно и историско наследство, се наведува во ставот на Софија.
Согласно духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година меѓу Бугарија и Република Северна Македонија, тие ги повикуваат политичарите и јавните личности од двете страни на границата да ги насочат своите напори и пораки за поддршка на процесот на обновување на довербата и воспоставување добрососедски односи.
Евроамбасадорот Дејвид Гир во обраќањето на конференцијата „Можности за проширување“ рече дека добрососедските односи се суштински дел на евроинтергративниот процес. Конференцијата се одржа како дел од серијата настани што ги организираат чешката Амбасада во земјава заедно со Амбасадата на Чешка во Бугарија, со цел подобрување на добрососедските односи и дијалогот меѓу Скопје и Софија, како и можностите за зајакнување на економската соработка. Фокусот на вчерашната дебата, како што истакна чешкиот амбасадор Јарослав Лудва е на заедничкиот европски пазар и придобивките кои тој ги носи за земјите членки.
-Минатото не беше секогаш лесно, и кога зборуваме за минатото се фокусираме на исклучителните постигнувања кога од поранешни непријатели стануваме соработници, ставајќи ги на страна прашањата од историјата поради заедничкиот интерес. Но има многу примери на разлики меѓу членките на ЕУ кои постојат и денес, како што е меѓу Холандија и Белгија кои се решаваат на дневна база. Понекогаш овие спорови се чинат непремостливи како случајот со преговорите меѓу Италија и Хрватска во однос на офшор економски зони, кој на крајот се надмина. Ваквите чувстителни прашања и недоразбирања помеѓу соседите се константни и бараат да се работи на нив постојано. Добрососедските односи се суштествен дел на евроитергративниот процес бидејќи ЕУ не сака да увезува спорови, но и затоа што тие се клучни за промоција на просперитет, иновација, креативност преку подобрена поврзаност, трговија и размена на човечки капитал и инвестиции. Тие овозможуваат стабилност, мир и со тоа ги унапредуваат потенцијалите за инвестиции и просперите, рече Гир.
Тој нагласи дека живееме во свет на поликризи – многу кризи кои се случуваат одеднаш, како ковид кризата, војната во Украина која предизвика енергетска криза и зголемување на трошоците за живот, климатските промени, дигитална револуција и притисокот од миграциите, но вели, очигледно во наш заеднички интерес е да работиме заедно за справување со овие предизвици
-Често проблемите помеѓу нациите се поврзуваат со несигурност, историја, болки и трауми, од подалечни или поблиски времиња и често тие ги допираат и идентитетските прашања за тоа кои сме. Јас израснав во Обединето кралство и моето разбирање за односите со Ирска е многу променето од тогаш. Затоа во промоцијата на добрососедските односи сите мора да се однесуваме со почит и отвореност, да се слушаме меѓу себе во дух на пријателство. Тоа е во наш интерес. Со тоа не го губиме нашиот идентитет. Процесот на пристапување во ЕУ може да помогне за поголема промоцијата и унапредување на односите, не мора да значи откажување од историјата и идентитетот, туку напоротив. Членството носи предности како поголема стабилност, просперитет и демократска одговорност, порача евроамбасадорот Гир.
Ами Ларсон-Јаин амбасадорката на Шведска како иден претседавач со ЕУ од јануари 2023 година, ја поздрави оваа иницијатива за конструктивен дијалог во кој би се вклучени и граѓанското општетство и бизнис заедницата, нагласувајќи дека собработката од сите видови денес е потребно повеќе од кога било и е единствениот пат напред, кога се соочуваме со кршење на меѓународното право на нашиот континент.
-Кога станува збор за соседи во ЕУ, од шведска перспектива гледано нордиските земји имаат минато кое е доминирано од војни и конфликти. Денес ги користиме нашите сличности за да бидеме најдобри сојузници во ЕУ, а се надвема и во НАТО кога че станеме полноправна членка, рече Ларсон–Јаин.
Шпанскиот амбасадор Хозе Луис Лозано Гарсија, чија земја го презема претседавањето со ЕУ во втората половина од 2023 година, поздравувајќи ја чешката иницијатива, потсети дека Шпанија стана членка на ЕУ во 1986 заедно со Португалија, а пристапувањето во ЕУ по спроведувањето на реформите, придонело за јакнење на нивната демократија но им донело и низа бенефиции и бројни економски можности. Кога станува збор за можностите за проширување и билатералните прашања тој ја нагласи важноста на програмата за прекугранична соработка со Португалија.
Амбасадорот на Словачка, Хенрик Маркуш нагласи дека според негово лично мислење, за нив проширувањето значеше реунификација со Чешката Република, но во една друга смисла и квалитет. Словачка и Чешка станаа вистински партнери благодарение на членството во ЕУ, кое, вели, отвори многу можности за коегзистенција, а вклучувањето во единствениот пазар и особено во еврозоната значајно влијаел на нивниот развој како мала земја.
И чешкиот амбасадор Лудва како организатор на настанот се согласи дека кога зборува за чешко-словачките односи дека Чешка и Словачка порано пред да се разделат биле сопружници, а сега се страствени љубовници, кои живеат по правилата на ЕУ.
Во своето обраќање бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов нагласи дека постојат силни показатели дека размената меѓу Бугарија и Северна Македонија до крајот на годината првпат ќе надмине една милијарда евра, што значи дека бизнисот ги следи добрите трендови во односите, а тоа е во интерес на граѓаните и на двете земји. Од големо значење за интензивирање на билатералните односи додаде тој е и улогата на Коридорот 8 кој ќе ги поврзува Бугарија, Северна Македонија, Албанија и Италија.
-По руската агресија во Украина брзото завршување на Коридорот 8 стана од огромно знаење не само за националната безбедност на нашите земји, туку и за европерспективите на регионот на Западен Балкан. Најпосле Бугарија и Северна Македонија имаат и одлична прекугранична соработка финансирана од ЕУ со речиси 95 проценти апсорпција на средства за периодот 2014 – 2020. Тоа што е исклучително импресивно е дека пограничните региони имаат воспоставено одлична соработка, кажа Ангелов.
Првата конференција во организација на чешката Амбасада се одржа во понеделникот во Софија, втората вчера во Скопје, а преостанатите две во Петрич на 31 октомври и во Струмица на 1 ноември.
Лудва од овие конференции очекува подобро меѓусебно разбирање, добри соседски односи и особено размена на искуства во повеќе области, а фокусот ќе биде на меѓусебната соработка меѓу невладините организации. На прашањето како го оценува сегашното ниво на односите меѓу Скопје и Софија, Лудва рече дека ништо на светот не е совршено, но секогаш се може да биде подобро и оти гледа простор за соработка, која што, вели, ќе се обидеме да ја подобриме уште повеќе.