Со зголемено производство на домашен јаглен до пониска производна цена на струјата од РЕК Битола

Со набавка на сопствена опрема и рационализација на трошоците АД ЕСМ успеа на 11 евра по тон да ја намали цената за ископ на јаглен од рудникот Подински јагленови серии (ПЈС) што се наоѓа под веќе исцрпениот рудник Суводол. Со тоа е намалена и производната цена на електричната енергија во најголемиот енергетски капацитет во земјава РЕК Битола и сега, како што вели генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски, се движи од 58 до 60 евра за мегават час.

Како што нагласи Ковачевски во изминатиот период се набавени 36 парчиња сопствена механизација за рудникот, во тек е постапка за набавка на уште, а за 2023 година се планира да се набават нови парчиња опрема.

-Со тоа се намалуваат трошоците за ангажирање на надворешна опрема за потреба на рудникот во РЕК Битола. За првите девет месеци од годинава успеавме да ги намалиме трошоците затоа што работиме повеќе со сопствена механизација и имаме зголемен ископ на домашен јаглен. Цената во моментов на ископаниот домашен јаглен во ПЈС е 11 евра по тон што значи дека е 5-6 пати пониска цена, отколку да го купиме во соседството. Токму тоа значи помала цена и на електричната енергија, а ќе значи и намалување на финансиските загуби коишто ги правиме со оглед на тоа што Владата не задолжува да имаме регулирана цена од 48 евра за мегават час без разлика колку е производната. Производната цена, пак, ја намалуваме од месец во месец и сега во РЕК Битола е некаде 58 до 60 евра од мегават час, прецизира Ковачевски при посетата на новинарските екипи на рудникот и на термоцентралата.

Заради зголемен ископ на домашен јаглен и намалени трошоци, како што посочи, производната цена на РЕК Битола е намалена во однос на претходната и тоа значи подобро влијание или заштита на цената на електричната енергија заради тоа што најголемото производство доаѓа токму од РЕК. Но, додаде, цената на ЕСМ кумулативно се формира од цената на РЕК Битола, РЕК Осломеј, ТЕЦ Неготино на хидроелектраните, која е најниска и дали и кога ќе се стави во функција и дали ЕСМ ќе го стави во функција ТЕ-ТО. Токму затоа, како што нагласи, има отворени прашања што ќе биде во следните два месеца, кои зависат од цената на мазутот и природниот гас кој треба да се набави во наредниот период.

-Производната цена на РЕК Битола е намалена во однос на претходната година, пред се, заради зголемениот ископ на домашен јаглен и заради намалувањето на сите непотребни трошоци и на трошоците за ангажман на надворешна механизација и намалување на оперативните трошоци. Тоа значи дека крајната цена која ја дава ЕСМ кон ЕВН Хоум ќе е пониска или можеби ќе треба да се задржи во наредниот период, потенцира Ковачевски.

Генералниот директор на компанијата вели дека во трите рудници на РЕК Битола ПЈС, Брод Гнеотино и во Живојно има доволно количини јаглен за РЕК непрекинато да работи во наредните 10 до 15 години.

-Во рудникот ПЈС се ископуваат најголемите количини на јаглен во нашата држава. Годишниот ископ е околу четири милиони тони и тоа задоволува речиси 80 проценти од потребите на РЕК Битола. Во рудникот Брод Гнеотино се ископува до еден милион тони јаглен, а во новиот рударски локалитет Живојно во текот на наредните месеци треба да се извршат неопходните подготовки и се прави влез за првпат да почнеме со усек, односно влегување во рудник и следствено на тоа да вршиме ископ на јаглен од таа локација. Во ПЈС на залиха за експлоатација се наоѓаат некаде околу 36 милиони тони јаглен, во Брод Гнеотино има уште околу 20 милиони тони и новата локација Живојно располага со околу 23 милиони тони јаглен. Овие количини на јаглен овозможуваат сигурно и стабилно работење на комбинатот РЕК Битола во наредните 10 до 15 години, истакна Ковачевски.

Од годишното производство на јагленот во РЕК Битола кое е над пет милиони тони, додаде, дури над четири милиони тони доаѓаат од ПЈС.

-Тој локалитет има капацитет за доисцрпување на околу 36 милиони тони јаглен и доколку годишно ископуваме четири милиони тоа значи дека има доволни количини за осум до девет години. Во Брод Гнеотино има уште околу 20 милиони тони, а во рудникот Живојно кој се планира да биде отворен во наредните неколку месеци има 23 милиони тони. Во Брод Гнеотино годишно се ископуваат околу еден милион тони, а во Живојно се планира годишно да се експлоатираат околу два милиони тони јаглен, појасни Ковачевски.

Ископот на јаглен во ПЈС е на ниво пониско од 130 метри од почетната точка кога е почнат ископот на јаглен во Суводол и практично новиот рудник е на истата локација каде што бил и стариот само е на пониско ниво. За експлоатација има уште 12 метри јаглен. Јагленот го копаат четири багерски единици, како и две багерски единици кои вршат откривка на јаловина, односно земја за да се дојде до јагленот.

-Во изминатите четири до пет години направени се значителни инвестициски зафати во подрачјата каде се врши ископ на јаглен за потребите на РЕК Битола. Во претходните десетина години пред тоа тука многу малку се инвестирало во откривки што создаде дополнителни потешкотии за да стигнеме до јагленот. Затоа во 2018-2019 година направивме нова ревизија на рударските проекти за да можеме да го продолжиме векот на траење на рудниците во Битола, но исто така да има и побрза динамика на ископ на јаглен кој значи сигурно производство на електрична енергија. Вложивме во нови системи и од минатата година во Суводол работат новите 36 парчиња механизација кои се ставени во функција. Тоа значи дека со сопствена механизација ископуваме јаловина и јаглен со што значително ги намалуваме трошоците на ископ, а следствено на тоа ја намалуваме и производната цена на електричната енергија од РЕК Битола. Имаме планови за развој за понатаму, но она што е најзначајно е да ја пребродиме енергетската криза  која започна минатата година, трае цела оваа година и евидентно е дека дел од кризата ќе продолжи и во 2023 година. Затоа ние значително се подготвуваме и РЕК Битола ќе биде ставена 100 отсто во функција. Токму затоа е зголемен домашниот ископ на јаглен и производството на електрична енергија во термоелектраната. Тоа значи поголемо производство на домашна енергија за 20 проценти, а воедно и значително намалување на цената која ја нудиме на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум, а следствено на тоа и поевтина цена за граѓаните и малите потрошувачи. Тоа во моментов значи субвенционирање на некаде околу 80 проценти од сметките за потрошена електрична енергија поради високите цени што ги има на берзите, потенцира Ковачевски.

Планот за производство на РЕК Битола за годинава, како што кажа, е околу 3,5 милиони тони јаглен да се ископаат од рудникот ПЈС и тој е веќе исполнет.

-Во наредните месеци ископот на јаглен ќе значи натфрлање на планот и зголемено домашно производство на електрична енергија. Средствата кои ги добиваме од Буџетот во текот на оваа година и лани значат зголемено домашно производство и дополнителна набавка на јаглен од соседството од Грција и од Албанија за да можеме да го хомогенизираме нашиот јаглен затоа што овој јаглен што го копаме во ПЈС е со значително намален квалитет во однос на оној што се копал од Суводол во претходните 10 до 15 години. За да ги добиеме истите количини на јаглен или истата енергија во термоелектраните ќе треба годишно да ископаме плус дополнителни уште еден милион тони јаглен за да го задоволиме капацитетот на РЕК Битола. Тие 36 милиони тони во ПЈС, 20 милиони во Брод Гнеотино и 23 милиони тони јаглен во Живојно се капацитети кои од овој момент ќе траат во следните 10 до 15 години, прецизира Ковачевски.

Пред две години кога ја набавуваме механизацијата и минатата година кога склучивме договори, посочи, кажавме дека со набавката на 36-те парчиња опрема во вредност од околу 20 милиони евра ќе задоволиме само дел од потребите за ПЈС или околу една третина од она што реално ни е потребно.

-Во моментов тече уште една постапка во вредност од околу 800 милиони денари за набавка на механизација и помошна опрема за рудниците во РЕК Битола и во Осломеј, а се планира во 2023 и во 2024 година да има уште две набавки кога значително повеќе ќе го зголемиме сопствениот ангажман на сопствена механизација, а со тоа значително ќе го намалиме ангажманот на механизација од  надворешни фирми. Токму затоа оваа година имаме намалена цена на производство на јагленот во РЕК Битола заради намалување на другите трошоци со ангажманот на сопствена механизација. Планираме и во наредните години да се намалат цените на производство на јаглен, а следствено на тоа и производната цена на електричната енергија на АД ЕСМ од термоелектраните, истакна Ковачевски.

Според него, годишниот капацитет на рудниците на РЕК Битола – ПЈС и Брод Гнеотино, кои во моментов се активни, овозможуваат годишно производство на околу пет милиони тони јаглен или стабилно производство на два блока од РЕК Битола во континуитет и три блока  во моментот кога има зголемена потрошувачка на електрична енергија, посебно во зимскиот период кога е грејната сезона и кога има значително поголема потрошувачка на струја во државата.

-Се прават напори планот за производство за наредните години така да се проектира. И токму затоа имаме јаглен за термоелектраните за минимум 10 години од сега со рудниците кои се во експлоатација и тој што се планира да се отвори, а можеби и за следните 15 години. Н �, ние стоиме зад зелената агенда и по надминувањето на енергетската криза ќе треба повторно да се вратиме на старата патека, односно на зеленото сценарио и промена на производството на електрична енергија и наместо од јаглен да произведуваме од гасните електрани кои се предвидени, од ветерниците и од фотоволатиците, рече Ковачевски.

Помошникот директор во ЕСМ за производство на електрична енергија од термоелектрани и јаглен од рудници, Љупчо Кижевски кажа дека рудникот Суводол почнал да функционира во 1980 година, а во 2010 година е изработен главен рударски проект за отворање на ПЈС која всушност се наоѓа под рудникот Суводол и има помал квалитет на јагленот отколку Суводол за околу 1000 килоџули на килограм.

-Тоа претворено во тони јаглен е некаде околу еден милион тони јаглен што значи дека од ПЈС треба да се ископаат еден милион тони повеќе јаглен за да се задоволи истото производство на електрична енергија што се правело со јагленот од Суводол, рече Кижевски.

Нагласи дека светските норми за отворање на рудник се од шест до осум години за административни работи и правење на усек и други постапки за да биде ставен во функција. За да се отвори ПЈС, додаде, беше неопходно да се ископаат околу 60 милиони кубни метри јаловина.

-Во 2018 година почнавме со копањето јаловина. Да се ископаат 60 милиони кубни метри јаловина претворено во пари е инвестиција од околу 250 милиони евра. Во ПЈС годишниот капацитет на ископ по проект, е три милиони тони јаглен, но ние со натчовечки напори досега годинава ископавме 3,5 милиони тони со што 100-процентно го имаме реализирано планот на производство на електрична енергија за 2022 година. Сега правиме напори со вклучување на третиот блок да го натфрлиме планираното производство. Годишниот капацитет во Брод Гнеотино е два милиони тони јаглен, а се планира од рудникот Живојно да се ископува уште еден милион тони јаглен годишно. Сакаме ископот во Живојно да почне до крајот на годинава со правење на усек. Во тој рудник јагленот има најдобра калорична вредност 7900 килоџули на килограм, во Брод Гнеотино има 7300, а ПЈС 7200 килоџули на килограм, посочи Кижевски.

За да работат трите блока на РЕК Битола дневно, како што кажа, треба да се испорачаат 18000 тони јаглен, бидејќи еден блок троши од пет до седум илјади тони во зависност од калоричноста вредност или во просек 6000 тони. Ако се има предвид дека 1000 тони јаглен се 40 камиони значи дека за еден ден работа на РЕК Битола се неопходни 700 камиони.

– Ние јагленот не го транспортираме со камиони, туку на систем со подвижна лента од рудникот до термоелектраната, но тоа сликовито го кажувам за да има претстава колкава количина јаглен се троши дневно, посочи Кижевски.

Порача дека ЕСМ веќе успеа да добие концесија за експлоатација на јагленот во рудникот Живојно.

-Таму соодносот на тие 23 милиони јаглен е 1:9, значи 23 милиони по 9 толку јаловина треба да извадиме за да ги извадиме тие 23 милиони тони јаглен. Сега со правење на усекот прво ќе направивме помало проектче за 25 хектари, правиме за уште 25 хектари, а тоа значи дека треба да извадиме околу пет милиони и 100 метри кубни јаловина за да добиеме 433 илјади тони јаглен. Првите тони јаглен после влегување во усекот ќе протечат после три месеци, нагласи Кижевски.

Генералниот директор на ЕСМ Ковачевски појасни дека тоа значи доколку во ноември се започне со влез и работа во усекот на новиот локалитет Живојно негде кон крајот на јануари или во првата половина на февруари, треба да се добијат првите количини на јаглен.

-На новиот локалитет Живојно планирано е прво да се изработи влез со усек, а паралелно ги работиме и големите проекти, така што веќе од наредната 2023 година во следните 12 години ќе има проекти со коишто ќе се работи годишно по околу два милиони тони јаглен да имаме експлоатација од Живојно за комбинатот, односно за термоелектраните во РК Битола. Со завршувањето на ПЈС главниот фокус ќе биде ставен на рудниците во Брод Гнеотино и во Живојно. Токму затоа директорот Кижевски спомена дека сите резерви или капацитети на јаглен коишто се наоѓаат во комбинатот РЕК Битола можат да гарантираат дека наредните 10 години ќе имаме сигурно јаглен за најмалку два блокови како што е според планот, а по потреба и за три блокови, а можеби да стигнеме и до 15 години зависно од начинот на експлоатација. Со енергетската криза која што започна минатата година, а продолжи и оваа година, се очекува исто така да префрли и во 2023 година тоа значи три години поместување на сите датуми коишто ги имаме зацртано, прецизира Ковачевски.

Планот и енергетската стратегија во државата, како што кажа, предвидуваше дека 2025-2026 година со завршувањето на грејната сезона треба да заврши работата на блок 1 во РЕК Битола. Понатаму беше планирано 2027-2028 година тоа да се направи со блок 2 и во 2030-2031 година блок 3, со што требаше да заврши производство на електрична енергија од јаглен. Паралелно требаше да тече процесот на транзиција на термоелектраната со инсталирање гасни централи и со фотоволтаичните централи.

-Меѓутоа, енергетската криза влијаеше да се одложат плановите не само кај нас и во регионот, туку и пошироко во Европа вклучително и земјите коишто беа најголеми поборници за зелената енергија како Германија, Франција, Шпанија, кои веќе ги вратија во експлоатација и во функција најголемите термоелектрани. Нашиот прв сосед Грција исто така ги врати термоелектраните на јаглен во функција. Тоа значи дека и ние како држава треба малку да ги поместиме тие години на енергетска транзиција или трансформација. Токму затоа непосредно сега во текот на овие месеци интензивно работиме на проширување на локалитетите во ПЈС, на откривки во рудникот Брод Гнеотино и на усекот односно влезот во Живојно од каде годинава и во наредната година ќе ни почнат првите количини на јаглен. Тоа значи дека РЕК Битола за оваа и за наредната грејна сезона максимално ќе биде подготвен за работа на три блока, односно ќе има доволно јаглен којшто го ископуваме сопствено заедно со увезениот од Грција и од Албанија кој служи за хомогенизација, односно за зголемување на калоричната вредност. Тоа ќе значи сигурност и гаранција дека РЕК Битола повторно и понатаму ќе испорачува најмногу енергија, нагласи Ковачевски.

И без да се отвори рудникот Живојно, додаде, имаме околу 56 милиони тони резерви на јаглен, а тоа значи најмалку 10 години работа на РЕК Битола со капацитет како сега.

-Затоа велиме дека РЕК Битола може да работи во наредните 10 д 15 години во зависност од квалитетот на јагленот, количините на јаглен кои ќе ги експлоатираме и во зависност од брзината и процедурите како и кога ќе го ставиме во максимална функција рудникот Живојно. ЕСМ испорачува 100 проценти од потребите на електрична енергија за регулираниот пазар каде се сите 650 илјади домаќинства и над 70 илјади мали потрошувачи. Дополнително 100 проценти испорачуваме електрична енергија за техничките загуби во системот за Електродистрибуција и 100 проценти за МЕПСО, операторот на преносниот систем. На отворениот пазар ЕСМ продажба ги снабдува најголем дел од здравствените институции – болници клиники и малите здравствени институции, градинките, како и поголем дел од министерствата и администрацијата, а со новата одлука ќе треба да ги снабдиме и училиштата и ноќните вишоци да ги пласираме на домашните пазар за стопанските субјекти, потенцира Ковачевски.

Според Кржевски, доколку лани ЕСМ испорачаше 70 отсто од потребите на ЕВН Хоум колку што треба согласно закон, а не 100 отсто како што наложи Владата и другото да го извадеше на отворен пазар ќе имаше 120 милиони евра добивка. Годинава во првите  шест месеци да испорачаше 60 отсто колку што се задолжени со закон, а не 100 отсто ќе имаше околу 200 милиони евра добивка.

-Во изминатите две години започнавме со енергетска транзиција и почнавме да произведуваме електрична енергија од фотоволтаици на локалитетот кај старите рудни наоѓалишта во Осломеј, а такво нешто е предвидено и во веќе исцрпениот рудник Суводол каде треба да се постават фотоволтаици со околу 280 мегавати инсталирана моќ. Тие треба да значат и рекултивирање на земјиштето, но и производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија, потенцира Ковачевски.

Во моментов во РЕК Битола во функција е блок 2, викендов беше ставен во функција и блок 1, кој беше во ремонт, а се чека и испораката на трансформаторот за третиот блок кој треба да пристигне до крајот на месецов и во ноември блок 3 да биде подготвен за функција и трите блокови да бидат функционални и да се стават во експлоатација.

Директорот на РЕК Битола Пеце Матески вели дека до крајот на месецов ќе профункционира и системот за ископ на јаловина што требаше да почне уште во 2014 година и дека ќе има уште поголема откривка на јаглен и со тоа поголем ископ.

-Моментално на депонија има 200 илјади тони јаглен, додека откривка на јаглен имаме извршено на над 800 илјади тони. Тоа значи дека на со почетокот на официјалната грејна сезона ќе имаме преку 250 илјади тони јаглен и над еден милион тони откриен јаглен кој ќе биде подготвен за експлоатација, односно да се транспортира до термоелектраната. Во рудникот ПЈС се работи непрекинато 24 часа на ден со цел да има стабилно производство, а со тоа да има и стабилно производство на електрична енергија. Дневно во ПЈС моментално се копаат над 15 илјади тони, а РЕК Битола кога работи со полн капацитет троши 18 илјади тони, бидејќи еден блок троши околу шест илјади тони. Мазут користиме само во случај кога е неопходно за процесот на производство на електрична енергија како поддршка за системот. Во моментов не користиме мазут, бидејќи го користиме само како поддршка, а не како главно гориво за производство на електрична енергија, прецизира Матески.

Во текот на ноември, додаде, ќе ги имаме во функција сите три блокови во РЕК Битола.

-Заврши ремонтот на разладната кула на блок 2 кој беше почнат уште пред три години и е инвестиција од околу 400 милиони денари сопствени средства на компанијата. Со него се направи заштита на надворешниот дел на разладната кула, но се прави и една еколошка активност – замена на азбесните бетонски плочи кои се во разладната кула со нови  еколошки кои нема да предизвикуваат дополнително загадување на амбиенталниот воздух во Битола. За следните неколку години се планира ваков ремонт да се направи на разладната кула во блок 3 и конечно двата блока да имаат еколошки разладни кули, информира генералниот директор Ковачевски.

Во блок 1, посочи, викендов заврши генералниот ремонт како подготовка за грејната сезона. Блок 2 до скоро беше единствениот блок кој беше во функција во РЕК Битола, а блок 3 е во застој и се чека испорака на блок трансформаторот. Секој од нив има инсталирана моќ од 235 мегавати номинална снага, а во моментов работат од 180 до 200 мегавати во зависност од квалитетот на јагленот и опремата.

-Ремонтите се работат во период кога има помал конзум, односно помала потрошувачка на електрична енергија за да може да се работи со минимална снага во термоелетктраната. Најчесто ремонтите ги правиме со сопствени ресурси односно со нашите вработени и во моментов користиме исклучиво домашни компании кои се ангажирани и работат на ремонтите. Еден класичен ремонт се работи од 45 до 90 дена во зависност од видот на ремонтот, но со оглед на тоа дека се наоѓаме во енергетска криза и секој застој може да не чини доста скапо, успеавме во тек на работа да ги завршиме дел од активностите без да застануваат блоковите. Ремонтот кој што го направивме на блок 1 го завршивме за 23 дена и од 15 октомври е ставен во функција. Тоа претставува еден рекорд за завршен ремонт на еден од блоковите. Убеден сум дека со ангажманот на нашите стручни лица изведовме успешен ремонт, истакна Ковачевски.

Самиот производител на блоковите во документацијата, како што вели, кажува  дека опремата треба да се користи  максимум 35 години што значи дека пред седум години требаше да бидат конзервирани трите блока и да завршат со работа.

-Но, поради условите во нашата држава и слабото инвестирање во енергетскиот сектор во минатите 30 години приморани сме со дополнителни ангажмани и вложувања во постојните капацитети на термоелектраните РЕК Битола и РЕК Осломеј да го продолжиме нивниот работен век се додека не направиме енергетска транзиција. Тоа предвидува да се исклучат блоковите и производството на електрична енергија од јаглен, а да се изградат гасни централи кои ќе бидат нивна супституција, како и соларни електрани. Во моментов се гради соларна електрана од 120 мегавати во Осломеј и во завршни активности се подготовките за распишување на тендери за 280 мегавати во кругот на РЕК Битола, прецизира Ковачевски.

Сепак, додаде, со квалитетно и редовно одржување трите блока во РЕК Битола и понатаму може да продолжат да работат и да бидат во функција.

-Добро е што во 2018, 2019 и 2020 година се направија три капитални ремонти на сите три блокови што не беа направени во претходните шест до осум години. Со капиталниот ремонт се продолжува за шест до осум години квалитетното функционирање на блоковите и во РЕК  Битола и во Осломеј. Оптимист сум дека успешно го спроведуваме процесот на одржување, на ремонти и на функционалност, односно  зголемување на надежноста на термоелектраните во Битола и во Осломеј, потенцира Ковачевски.

Ремонтите, прецизира, може да бидат мали средни или големи, односно капитални.

-Трите капитални ремонти што ги направивме во 2018, 2019 и 2020 година беа во вредност од околу 30 милиони евра што е сериозна и скапа инвестиција, со која е подобрен турбинскиот и генераторскиот дел на термоелектраната. Претходно е направена модернизација на котловските делови на блок 2 и блок 3, а на жалост прекинат е договорот за модернизација на блок 1, но успеваме и со таков котел на блок 1 да извадиме максимална енергија. Малите или средните ремонти чинат од два до пет милиони евра на еден од блоковите и тоа го работиме исклучиво со средства на АД ЕСМ, посочи Ковачевски.

Според него, има две можности за префрлување на работата на РЕК Битола на гас.

-Првиот е постојните капацитети со дополнително вложување од производство на јаглен да се преадаптираат на гас. При тоа да се искористи поголем дел од опремата и да се пренамени производството на електрична енергија да биде од гас. Втората варијанта, за која сметаме дека е подобра, е да се направи нова постројка на гас затоа што постојниве се стари над 30 години и има потрошеност на материјалите и опремата е веќе во завршни години на експлоатација. Покрај тоа станува  збор за стара технологија, која има низок коефициент на ефикасност што значи дека новата опрема од 100 единици природен гас ќе извади поголема количина на електрична енергија отколку старата. Токму затоа во нашата стратегија предвидено е овие блокови да завршат со производство и само мал дел од опремата да се искористи за новите постројки. Планирано е да има комплетно нова гасна когенеративна постројка со снага од 250 до 400 мегавати, односно да покрие два од блоковите. Таа треба да произведува и електрична и топлинска енергија која ќе се користи за затоплување на Битола и општините Новаци и Могила. Веќе се гради топловодот кој треба да биде во функција во следните три до четири години. Когенеративната постројка која треба да се изгради во РЕК Битола со капацитет од 250 до 400 мегавати би чинела од 300 до 500 милиони евра. Но, како што одминува времето се поскапуваат материјалите за производство и сите елементи кои се носители на една гасна централа, рече Ковачевски.

Нагласи дека не очекува една исклучително тешка зима заради енергетската криза од глобални рамки.

-Токму заради тоа правиме значително поголеми подготовки со зголемен ангажман на нашите производствени капацитети да произведеме колку што е можно повеќе електрична енергија и со тоа да го задржиме сигурен и стабилен електроенергетскиот систем во државата, но и да произведеме домашна поевтина електрична енергија што ќе значи стабилни цени – иста цена или можеби поевтина или, пак, доколку има зголемување на цената тоа да биде благо. ЕСМ ќе ги управува сите производствени капацитети во државата со цел да се произведе колку што е можено повеќе електрична енергија и да ја намалиме зависност од увоз и при тоа да нема рестрикции. За тоа во моментов се преговара и со ТЕ-ТО кој е приватен капацитет, исткана Ковачевски.

АД ЕСМ испорачува 100 проценти енергија на регулираниот пазар на ЕВН Хоум, ЕВН дистрибуција и на МЕПСО. Со тоа 100 процентно се задоволува регулираниот пазар.

-За регулираниот пазар не купуваме електрична енергија. Дополнително колку што имаме вишоци на енергија ќе ги снабдуваме сите правни субјекти кои се на отворениот пазар. Наша обврска ќе биде во наредниот период да ги покриеме градинките, основните и средните училишта, здравствените институции и дел од институциите на државата. Со зголемен капацитет со вклучување на третиот блок во РЕК Битола и со максимален ангажман на ТЕЦ Осломеј и евентуално заедничко работење со ТЕ-ТО ќе произведеме  дополнителни количини на енергија, кои ќе бидат пласирани на отворениот пазар пред се за стопанството. Ние сме увозно зависна држава од електрична енергија и тоа не може да се промени преку ноќ. Она што сме го пропуштиле во изминатите 30 години не можеме да го надоместиме во 30 месеци. Затоа имаме развојни компоненти и затоа се сите 12 големи инвестиции на АД ЕСМ што се планирани во следните 10 години кои треба да направат дополнителни 1760 мегавати инсталирана моќ и конечно нашата држава да произведува електрична енергија онолку колку што троши, посочи Ковачевски.