Џафери – Фајон: Реална цел е членство на Северна Македонија во ЕУ до 2030 година

 Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска се сретна со потпретседателката на Владата и министер за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон.

– Изразувајќи задоволство од денешната средба со наша долгогодишна пријателка и поддржувач од Република Словенија, Џафери се заблагодари за континуираната поддршка на Република Словенија во остварувањето на двете државни стратешки цели, членството во НАТО и во ЕУ во изминатите децении. Тој информираше за актуелниот процес на скрининг, на кој претходеше процесот на консултации и став на Собранието кон Владата за почитување на идентитетските особености на македонскиот народ и решавањето на билатералните прашања надвор од кластерите во текот на преговорите, информира собраниската прес-служба.

На средбата стана збор и за целосното усогласување на државата со надворешната, безбедносната и одбранбената политика на ЕУ, како јасен показател за безусловните заложби и посветеноста на нашиот пат кон членство во Унијата.

– Со нејзината прва официјална посета на Република Северна Македонија на оваа функција, во година кога се одбележува 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји, почитуваната Фајон ја потврди личната и државната определба за целосна поддршка на земјата на сите полиња од взаемен интерес. Истовремено, таа ги истакна потенцијалите кои постојат за соработка на билатерален план како на полето на економијата и образованието, особено во период на глобални промени кога се повеќе од потребни мерките за солидарност и заедничко делување. Особено задоволство искажа за актуелниот процес на скрининг и фактот што земјата има над 40 проценти усогласеност со законодавството на ЕУ, факт што ја чини зацртаната цел за членство на земјата во ЕУ до 2030 година реална и оправдана, се вели во соопштението.

Соговорниците го поздравија претстојното потпишување на договорот со Фронтекс на македонски јазик, со кој, како што нагласија, постојните стравови се потврдуваат како неоправдани. За потенцијалите кои постојат во самата дијаспора, вклучително и студентската дијаспора во Словенија, е заклучено дека треба да продолжат да се негуваат и унапредуваат и во иднина.

На средбата присуствувале и претседателот на Групата на Собранието за соработка со Парламентот на Република Словенија, Александар Вељаноски, словенечкиот амбасадор во земјава, Милан Предан и генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова.