Министерката Петровска на средба со словенечкиот претседател Пахор

Иднината на Западниот Балкан, која е тесно поврзана со европските и евро-атлантските структури, особено во светло на новата геополитичка реалност, актуелните безбедносни ризици кои произлегуваат од руската агресија врз Украина и нужноста од ефектуирање на проектираната амбиција на ЕУ како глобален актер, биле во фокусот на разговорите на денешната средба на министерката за одбрана Славјанка Петровска и претседателот на Словенија, Борут Пахор, во Љубљана.

– Северна Македонија и Словенија се обединети во вредностите и принципите кои гарантираат безбедност и просперитет за регионот, но и за европскиот континент. Двете пријателски земји имаат идентични заложби за мир, слобода и демократија. Двете земји имаат заедничко минато, но уште поважно –заедничка сегашност и иднина, како дел од најмоќниот воено-политички сојуз, НАТО. Нашите држави се еднакво посветени  на гаранцијата на безбедна, демократска, просперитетна иднина за своите граѓани. А тоа ќе го постигнеме само ако меѓусебно соработуваме, си помагаме, ги паметиме лекциите на историјата за да создаваме нови лекции за пример во иднина, заклучиле Пахор и Петровска на средбата, соопштија од МО.

Тие ја осудиле руската агресија врз Украина и порачале дека тоа е удар врз суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и сериозно кршење на основните принципи на меѓународното право. Како што стои во соопштението од МО, соговорниците се согласиле и дека е потребен итен прекин на огнот и решавање на сите отворени прашања по дипломатски пат.

Претседателот Пахор нагласил дека Словенија во континуитет е силен поддржувач на Северна Македонија, постојано се залага за забрзување на интеграцијата на Северна Македонија и на земјите од Западен Балкан во Унијата.

Словенечкиот претседател Пахор го поздравил развојот на настаните во контекст на приближувањето на Северна Македонија кон ЕУ и изразил задоволство што по толку години Северна Македонија има јасна и силна европска перспектива.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *