СДСМ и ЛДП против широка коалиција, во ДУИ најавен отчет за сработеното пред ново претседателство

Владејачките СДСМ и ЛДП се против формирање широка влада во која би влегле и опозициските партии, предлог што го изнесе пратеникот Павле Трајанов од Демократскиот сојуз, кој исто така е дел од владејачкото мнозинство.

Премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски вчера изјави дека нема потреба за формирање широка коалиција и експертска влада, бидејќи оваа Влада има политички легимитет и капацитет, и политички, и економски, од секој аспект да се справи со овие предизвици коишто се пред нас.

– Ја видов изјавата на Павле Трајанов. Тој веројатно беше мотивиран од она што јас го кажав во Собранието дека сите политички партии без разлика дали се на власт или се во опозиција треба да дадат свој максимум во оној на справувањето на државата со енергетската и со економската криза во која што се наоѓа целиот континент, рече Ковачевски на прес-конференцијата во Владата по средбата со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Тој истакна дека оваа Влада од прв ден работи со предизвици и изрази увереност дека ќе успее да ја преброди и сегашната криза.

– Ако се сетиме на 17 јануари кога беше изгласана оваа Влада, истите овие прашања ми ги поставувате, а тоа е дали ќе има затоплување на градот Скопје, бидејќи знаете тогаш на 14 јануари практично Скопје немаше затоплување. И истото се однесуваше на снабдувањето на електрична енергија. Успеавме да пребродиме непречено снабдување со храна, бидејќи нашите соседи имаа воведено е забрани за извоз на храна, а дел од нашите стратешки производи ги снабдуваме од соседството, дел извезуваме во другите соседни земји и преку директни контакти со претседателите на Србија, Албанија и на Грција успеавме да обезбедиме непречен проток на храна. Се беа тоа предизвици со кои успешно се справивме. Се справивме успешно со уште еден пик на корона вирусот. И сметам дека во наредните шест месеци ќе се справиме со енергетската криза која што е пред нас, изјави Ковачевски.

Моника Зајкова, пратеничка од ЛДП, синоќа во телевизиско интервју изјави дека партијата е апсолутно против формирање широка коалиција и предвремени избори и не се согласува со ставот на Трајанов од Демократски сојуз.

-Не би се согласила со оваа констатација на Павле Трајанов, затоа што, според она што го гледам во парламентот, мнозинството е стабилно, а можеме да видиме и дека Владата работи во полна пареа и ги менаџира предизвиците со кои се соочува. ЛДП е апсолутно против вакви широки коалиции,
рече Зајкова во гостување во дневникот на ТВ Сител.

Таа додава дека во државата треба да има обединување по одредени прашања, особено кога станува збор за државнички прашања или менаџирање на одредени кризи, меѓутоа секогаш во секоја нормална европска земја опозицијата е онаа којашто е објективен коректив на власта и, на некој начин, врши контрола или притисок врз нејзиното работење. Затоа, вели Зајкова, не би навлегла во вакви широки коалиции, особено не затоа што немаме драстични случувања кои би ги менаџирала таа коалиција.
Владата вчера во Собранието ја испрати оставката на министерот за локална самоуправа Горан Милевски, кој е и претседател на ЛДП, но не и предлогот за избор на нов министер за локална самоуправа. Според информациите од Либерално-демократската партија, за ова министерско место ќе биде предложен Ристо Пенов.
Се очекува неговиот избор да биде потврда дали мнозинството е стабилно или не, по случувањата во Демократската унија за интеграции откако пратениците Изет Меџити и Мерита Колчи Коџаџику се потпишаа на барања што беа доставени во партијата и по што вчера и оваа владејачка партија одржа состанок во Мала Речица. Според одредени информации во јавноста ним би можел да им се приклучи и независниот пратеник кој ја напушти Беса Кастриот Реџепи.

Средбата на претседателот на партијата Али Ахмети со т.н. огнена група која бара партиски реформи заврши вчера по шест часа, а во изјава за медиумите тој најави дека дебатата во партијата ќе продолжи, како и дека за десетина дена ќе има Централно собрание на кое ќе се избере ново претседателството.

-Денеска имавме разговор со долгогодишнте соработници, со нив сум поминал во многу битни процеси, во многу успеси. Разговаравме и во суштина дебатата се враќа внатре во партијата. На 15 октомври ќе има Централно собрание каде ќе се разговара за политичката ситуација, но и ќе се избере новото претседателство и веднаш истиот ден новото претседателство ќе се врати во седиштото на ДУИ каде што меѓу другото ќе се разговара за политичката ситуација и ќе има отчет од владиниот состав на ДУИ, изјави Ахмети на прес-конференцијата придружуван од Муса Џафери, Блерим Беџети, Изет Меџити, Садула Дураку и Невзат Бејта.

На новинарско прашање дали е „изгаснат огнот“ на т.н. огнена група, Ахмети рече дека „немало оган“ и ќе продолжи партиската дебата.

-Врз основа на анализата ќе продолжиме понатаму со дебатите. Нема оган, нема пламен, карактеристика на ДУИ е никогаш немало напори да се изгасне различното размислување, да се истисне или да се војува против различно размислување, напротив со почитување на тоа сме дошле до вистинските одлуки. Значи нема оган, и нема да има, изјави Ахмети.

Пратеникот Изет Меџити, еден од т.н. огнена група на новинарско прашање рече дека е задоволен, додека за побараната смена на вицепремиерот Артан Груби кажа дека ќе се продолжи со дебатирање околу нивните барања.

-Дебатата ќе се врати во ДУИ, органите ќе одлучат за тоа што понатаму со нашите барања, истакна Изет Меџити.

И покрај твдењата дека парламентарното мнозинство е стабилно опозициската Беса смета дека во моментов нема такво нешто. Коментирајќи ја состојбата во Собранието во изјава за МИА Фадил Зендели, пратеник од оваа партија рече дека владејачките партии немаат мнозинство во Парламентот и дека она што се случува во ДУИ со „огнената група“ е внатрешна работа на партијата.

-Немаат мнозинство. Мислам дека власта на некој начин ја префрла вината на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и другите опозициски партии. ДУИ не меша и нас, но во суштина проблемот е во самото мнозинство кое во Собранието нема капацитет и нема бројки односно мнозинство да ги реализира своите политики, рече Зендели.

Тој не сакаше да ја коментира состојбата во ДУИ велејќи дека станува збор за внатрешна работа на ДУИ, како и дека пратениците кои се потписници на барањата на „огнената група“ никаде јавно не кажале дека ќе настапуваат самостојно или дека се против политиките на партијата.

Пратеникот Павле Трајанов од Демократскиот сојуз смета дека во Парламентот нема услови за ново мнозинство, туку дека според него треба да се размислува за широка коалиција во која ќе бидат вклучени сите парламентарни партии.

-Mислам дека сега нема услови за ново парламентарно мнозинство, ниту пак некој за тоа веќе разговара. Помина таа тема и сега, можеби, поблиску сме да се отвори прашањето околу тоа дали треба да се организираат предвремени парламентарни избори или, пак, треба да се оди до крај на мандатот. Во една ваква ситуација, моја сугестија е, прво и прво, да се размислува за некоја широка коалиција, во која ќе бидат вклучени сите парламентарни партии и мислам дека на тој начин ќе се вклучат сите можни капацитети во државата за надминување на предизвиците со коишто се соочува сега нашата држава, изјави Трајанов.

Под широка коалиција, Трајанов вели подразбира во неа да влезат и ВМРО-ДПМНЕ и другите опозициски партии.

-Па, мислам дека тоа како тема треба да биде, тоа е една од клучните теми, а втора тема, се разбира, дека треба да биде договор за потреба од одржување на предвремени избори, врзано со промените на Уставот, бидејќи ако секојдневно слушаме – имаме пратеници од опозицијата итн –  во парламентарното мнозинство нема единство околу ова прашање, рече Трајанов.