ПРАВОСЛАВНИ ЦРКВИ НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО САД ПОД ТУЃА ЈУРИСДИКЦИЈА (16)

ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ (ВТОР ДЕЛ) НА СЛАВЕ КАТИН 

По Втората светска војна, се’ до обновувањето на Македон­ската православна црква, македонските доселеници ги граделе, помагале и ги извршувале црковните потреби во македонско-бугарски, српски, грчки, руски, романски и други цркви. 

Во периодот пред и по Втората светска војна, исто така, во САД се из­­гра­дени ма­кедонско-бугарски и бугарски цркви, во кои најголем број чле­нови биле Ма­кедонци. Таков е случајот со црквите, Св. Ѓорѓи во Толидо, Св. Пророк Или­ја во Акрон, Св. Дух во Јангстаун, Св. Дух во Синсинати, Св. Ди­ми­т­рија во Кливланд, Охајо, Св. Софија во Чикаго, Илиноис, Св. Никола во Флинт, Св. Спас во Батл Крик, Мичиген, Св. Климент Охридски и Св. Ѓорѓи, две­­те во Лос Анџелес, Калифорнија, Св. Никола во Бафало и Св. Андреј во гра­­дот Њујорк.

1jur12

СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ ВО ДЕТРОИТ.  Најбројната македонска колонија во САД е Детроит, каде поголем број печалбари од Македонија дошле уште во почетокот на ЏЏ век. Дошле од различни причини и со различни национални, политички и религиозни убедувања. Затоа и започнале различно да се орга­ни­зи­раат и поврзуваат на културно и духовно поле. Така, одреден број Маке­дон­ци заедно со малубројната бугарска емиграција се ор­га­низирале на црковен план.

До 1927 година своите религиозни потреби ги за­до­волувале во различни христијански храмови, а од таа година се органи­зи­рале во ма­кедонско-бу­гар­ската православна црква, која денес го носи името Св. Климент Охридски.

Во Дирборн, во 1928 година, со средства на Македонци, претежно од егеј­скиот дел на Македонија, биле купени две куќи, на чиј плац на 17 фев­­руари 1929 година бил поставен камен-темелникот на новиот храм Св. Тројца. Набргу потоа, црквата била изградена (но неза­вр­шена) и во неа, на 2 мај ис­та­та година била отслужена првата бо­го­служ­ба. Со тоа започнало заед­ничкото црквување на Македонците и Бугарите, пред­водени од бугарскиот поп  “мисионер”, кој за оваа намена бил испратен ди­ректно од Со­фија.

Меѓутоа, во текот на кризата (1930‡34) се појавиле проблеми од фи­нан­сиски карактер, па црквата била затворена и дадена на продажба. Тоа ги на­терало членовите на Македонската патриотска организација (МПО), огра­нокот “Татковина” од Детроит, да ја срушат црквата Св. Тројца во Дирборн и да вложат средства за нова црква.

Така, во март 1935 година биле удрени те­мелите на новата црковна општина која го добила името Св. Климент Ох­рид­­ски. Новиот храм бил готов за три години и служел сe’ до 1964 година кога дошло до поделба меѓу членството. Едната фракција останала во Св. Климент Охридски, изградена во 1964 година, а осветена во јуни 1966 година од бу­гарскиот митрополит Ан­дреј, како голем троброден храм, во кој денес цр­кву­ваат голем број Ма­кедонци од сите делови на Македонија, како и мал број Бу­гари и други хри­сти­јани. Другата фракција, пак, изградила нова црква во Дирборн Хајтц со ново име Св. Павле.

Ваквата состојба дошла како последица на поделбата во Бу­гар­ска­­та православна црква, што се одразила и во иселеништвото. Затоа, од 1963 го­ди­на во САД и Канада постојат две администрации. Во едната се лојалните на Бугарската православна црква, здружени со Источната православна црковна епархија за Северна и Јужна Америка и Австралија со седиште во градот Њу­јорк (која контролира осум цркви), а во другата е Епархијата на Бу­гар­ска­та православна црква за САД и Канада со седиште во градот Толидо, Охајо, која  под своја јурисдикција и контрола држи девет цркви.

СВЕТИ  ЛАЗАР – “РАВАНИЦА” ВО ДЕТРОИТ. Одреден број Македонци во Детроит, по потекло од Тетовско, црквувале, дале  финансиска помош, а и де­нес се едни од најбројните и најактивните во Српската православна кате­драл­на црква Св. Лазар – “Раваница”. Нив ги има од Вратница, Беловиште, Ро­­гачево, Одри и други села. Од изградбата на новиот објект во седумде­сеттите години, голем број од македонските доселеници биле приклучени во културниот, об­разовниот, црковниот и спортскиот живот.

Инаку, старата (пр­­­­ва­та) црква свои­те активности ги започнала на 20 мај 1917 година, кога би­ло ку­пено мес­то­то, за по десет години (1927) да биде започната изградбата. Таа била ре­ги­стрирана пред властите на Мичиген во Ленсинг на 27 септември 1932 го­дина, како црковна корпорација. Црквата била осветена на 17 јуни 1934 го­дина. Во периодот од повеќе децении црквата била градена три пати. Ка­мен – те­мел­никот за денешниот објект на “Раваница” бил поставен на 27 јуни 1965 го­дина, а на 25 и 26 ноември 1967 година храмот бил осветен.

Од 1963  година ко­га се појавила шизмата во Српската православна црква, храмот Св. Лазар “Рав­а­ница” соработувал со поранешните југословенски влас­ти. Тоа било повод и мотив македонските доселеници да црквуваат во оваа црква.

Исто така, одреден број македонски доселеници црквувале, а и денес има мал број кои одат и во македонските и во други  српски цркви. Таков е случајот со српските православни цркви Св. Стефан во Лакавана, Св. Бого­ро­дица во Виндзор, Св. Сава во Торонто и во други градови.

СВЕТА ПЕТКА – “МЕМОРИЈАЛЕН ХОЛ ВРАТНИЦА” ВО ДЕТРОИТ. Според некои пока­за­тели најголемиот број македонски доселеници во Детроит се од Вратница, Те­товско. Тие црквуваат и во МПЦ Св. Богородица и во СПЦ  Св. Лазар “Ра­ваница”, како и во вратничката црква Св. Петка. Оваа  селска заедница која по­седува голема сала каде се организираат разни манифестации има и ма­ла црквичка.

Објектот бил изграден во 1979 година, во кој е сместена црквичка­та, која  е под јурисдикција на Спрската православна црква. Денес доселениците од Вратница имаат преземено акција за собирање средства за изградба на нова црква.

СВЕТИ КИРИЛ И МЕТОДИЈ ВО ЛОРЕЈН. Градот Лорејн во Охајо, исто така, во почетните години бил центар на македонската емиграција. И таму била ор­га­низирана црковна општина, но таа била формирана една година (1932) по затворањето на црквата во Маунт Јунион, во Пенсилванија, во која црквувале руски и македонски емигранти.

Така, на 24 септември 1933 година во еден словачки народен дом било свикано народно собрание. На собранието била одредена комисија која започнала со собирање средства за изградба на цр­ква, а на 29 октомври 1933 година се поставени основите на општината Св. Ки­рил и Методиј. Оваа црква станала центар за голем број активности на доселениците од Балканот. Таа е активна и денес, но бројот на верниците е многу мал.

СВЕТИ ТОМА ВО АКРОН. Како и денешната црква Св. Климет Охридски во Детроит, така и црквата Св. Тома е регистрирана како Источна пра­вославна црк­ва. Таа била основана во 1959 година, откако извесен број верници на по­стој­ната црква Св. Пророк Илија во Акрон, не сакале да ја признаат кон­тро­­лата на МПО. Тие на 8 ноември 1959 година одлучиле да формираат друга црква и да им служи бугарскиот свештеник од Св. Пророк Илија.

То­гаш името “ма­кедонско-бугарска” било изоставено, а прифатено името Св. Тома ‡ Источ­на пра­вославна црква. Било купено место за изградба на црк­вата, а била ос­ве­тена на 20 февруари 1960 година од бугарскиот владика Андреј Велички.

Одреден број македонски доселеници од Акрон, Кентон и Маслон црк­ву­вале и во Српскта православна црква Св. Ѓорѓи во Кентон, потоа во роман­ската и во сириската црква. Исто така, поголем број Македонци од Леринско и Костурско ја помагаат и црквуваат во грчка православна црква.

Продолжува

1slave 3 Пишува: СЛАВЕ КАТИН