Ковачевски – Гутереш: Соработката со ОН продолжува, стратешките развојни цели се приоритет

Премиерот Димитар Ковачевски оствари средба со генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, на која изрази благодарност за ангажманот на ОН во Република Северна Македонија и нагласи дека соработката ќе продолжи со зголемен интензитет, особено во имплементирањето на новите стратешки цели за одржлив развој за периодот 2021-2025 година.
Како што информира владината прес-служба, на средбата на маргините на 77. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, премиерот истакна дека ангажманот на ОН во Република Северна Македонија е мошне важен за јакнење на капацитетите на земјата во клучните сектори и за унапредување на реформите. Тој изрази надеж дека соработката со ОН ќе продолжи и во иднина со цел обезбедување поддршка за нашите развојни цели во контекст на нашите евроинтеграциски аспирации.
– Реформите во областите на доброто владеење, борбата со корупцијата, реформите во судскиот систем, како и јакнењето на социјалната кохезија, ќе бидат приоритетите на земјата. Крајната цел на Владата е да воведе значајни промени во животот на нејзините граѓани, да ја подобри легислативата, да ги зајакне капацитетите и ефикасноста на институциите, истакна премиерот.
Владината прес-служба соопшти дека на средбата е потврдена нашата силна заложба за јакнење  на улогата на ОН во справувањето со глобалните предизвици како руската агресија врз Украина, климатските промени и недостатигот од храна.
-Владата на Северна Македонија, како што беше посочено, е целосно посветена на имплементација на Агендата 2030, којашто се однесува на целите за одржлив развој на ОН и нејзина интеграција во националните стратешки документи и планови. На средбата со генералниот секретар Гутереш, премиерот Ковачевски изрази интерес и за зголемено учество на нашата земја во мировните операции на Обединетите нации. Република Северна Македонија, истакна Ковачевски, е активен партнер на меѓународните антитерористички коалиции и ќе продолжи да придонесува кон меѓународните заложби за борба против тероризмот, се наведува во соопштението.
Дополнителен доказ за нашиот ангажман во правец на зацврстување на мирот и стабилноста, додаде премиерот,  е и нашето претстојно претседателство со ОБСЕ наредната година, за кое интензивно се подготвуваме во време на голема нестабилност предизвикана од руската воена агресија врз Украина.

-Ковачевски во оваа прилика истакна дека како претседавач на ОБСЕ ќе ги искористиме сите ресурси и механизми на оваа организација, со цел да се намалат тензиите и да се воспостават канали на комуникација и критички дијaлог. На средбата беше разговарано и за Преспанскиот договор како пример кој имаше исклучително позитивно влијание врз билатералниот и регионалниот развој на Република Северна Македонија и Грција, и чија имплементација и пошироко беше оценета како историски чин, наведува прес-службата на Владата.

Ковачевски изрази големо задоволство и од неодамнешното отпочнување на скрининг процесот во рамки на пристапните преговори кон ЕУ, потврдувајќи ја нашата силна посветеност на реформските процеси  на патот кон европското семејство.