Владина делегација предводена од Ковачевски на 77. Генерално собрание на ОН во Њујорк

Премиерот Димитар Ковачевски во придружба на сопругата, од денеска до 24 септември ќе ја предводи владината делегација која ќе учествува на Генералната дебата на 77. Генерално собрание на Обединетите Нации во Њујорк (САД).

Во состав на владината делегација се министерот за надворешни работи Бујар Османи, постојаниот претставник на Република Северна Македонија при ООН во Њујорк, Љубомир Фрчковски, како и советникот за надворешни работи Едмонд Адеми.

Според агендата, премиерот Ковачевски ќе учествува и ќе се обрати на Главната дебата на 77-то Генерално собрание на ОН каде тема е „Tрансформативни решенија на испреплетени предизвици“.

Ковачевски ќе учествува и ќе се обрати на Самитот за трансформација на образованието под покровителсто на генералниот секретар на ОН Гутереш и УНЕСКО. Дебатата ќе биде во насока на унапредување на образовните системи во земјите преку реформски процеси кои ќе обезбедат квалитетно и достапно образование за секое дете.

Како што соопшти владината прес-служба, премиерот ќе учествува и ќе говори на Состанок на високо ниво по повод одбележувањето на 30 годишнината од Усвојувањето на Декларацијата за правата на лицата кои припаѓаат на национални, или етнички, верски и јазични малцинства.

За време на посетата на Њујорк, Ковачевски ќе одржи предавање на реномираниот Универзитет Колумбија, каде ќе даде осврт на уникатниот модел на одржлива демократија на Република Северна Македонија, како и економската интеграција и трансформација на земјата. Предавањето ќе се одржи во рамки на серијата говорници и предавања на Форумот на светски лидери каде досега учествувале над 300 претседатели на држави од 85 земји, меѓу кои и премиерот на Хрватска Зоран Милановиќ, премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис, премиерката на Норвешка, Солберг, премиерката на Финска, Марин. Во оваа серија говорници, предавања имаат одржано и поранешниот претседател на САД Бил Клинтон, поранешната државна секретарка на Стејт департментот Медлин Олбрајт, поранешниот претседател на Француската Република Никола Саркози, поранешниот генерален секретар на ООН Бан Ки-Мун.

Во рамките на Генералното собрание на ООН премиерот Ковачевски е поканет и ќе присуствува на приеми кај претседателот на САД Џо Бајден и кај градоначалникот на Њујорк Ерик Адам.

За време на посетата, а во рамки на Генералното собрание на ООН, премиерот Ковачевски ќе се сретне со генералниот секретар на Организацијата на Обединетите Нации, Антонио Гутереш.

Премиерот при работната посета на САД ќе оствари повеќе билатерални средби, како и средби и со истакнати македонски личности кои работат и живеат во Њујорк.