Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Унгарија во Република Северна Македонија, Андраш Клаин.
На церемонијата на предавање на акредитивни писма, претседателот Пендаровски, како што соопшти неговиот Кабинет, изразил задоволство од долгогодишната успешна соработка во духот на цврстото пријателство и традиционалното партнерство, додавајќи дека двете земји ги поврзува и заедничката визија за мир, стабилност и просперитет, како во регионот на Западен Балкан, така и на европскиот континент.
Претседателот Пендаровски изразил благодарност за целокупната континуирана поддршка која Унгарија ѝ ја пружа на Северна Македонија во насока на остварување на европската стратешка цел.
-Сега, кога Северна Македонија е во активна фаза на пристапниот процес за членство во Унијата, уверен сум дека унгарската поддршка ќе добие на дополнителен интензитет, истакнал Пендаровски.
Претседателот Пендаровски, како што е наведено во соопштението, го потенцирал унгарскиот придонес во контекст на почетоците на мигрантската криза на т.н. западно-балканска рута во насока на обезбедување и заштита на македонската јужна граница и изрази благодарност што до денес, речиси 1800 унгарски полициски службеници зедоа учество во заедничкото справување со предизвиците на илегалната миграција.
Новоименуваниот амбасадор Клаин нагласил дека унгарската Влада останува цврста во поддршката за интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ, честитајќи го стартот на преговорите на Република Северна Македонија. Тој додал дека билатералните односи изобилуваат со примери на соработка.
Претседателот Пендаровски на амбасадорот Андраш Клаин му посакал успешно извршување на значајната дипломатска мисија.