Мицотакис – Ковачевски: Работиме на енергетска независност и диверзификација на извори за снабдување со енергенси

Европската перспективa на Северна Македонија, можностите за соработка, светската енергетската криза и продлабочувањето на соработката и на енергетските проекти, се во фокусот на средбата што денеска во Атина почна меѓу премиерите на Северна Македонија и на Грција, Димитар Ковачевски и Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА.

Мицотакис истакна дека денеска имаат многу работи за кои ќе разговараат и ја повтори грчката поддршка за патот на земјава кон ЕУ, но и во однос на енергетската криза, а рече и дека во интерес на двете земји е да промовираат инвестиции.

Премиерот Ковачевски се заблагодари за поддршката на Грција за почетокот на преговорите на Северна Македонија со Европската унија, потенцирајќи дека двете соседни земји се пример за добри односи не само за регионот, туку и за светот.

Од Владата на Северна Македонија информираа дека двајцата премиери констатирале дека регионалната соработка е од големо значење со особен акцент на важноста од соработката во енергетскиот сектор, за која се согласиле дека има голем потенцијал, ако се земат предвид заедничките проекти за изградба на терминалот за течен нафтен гас (ЛНГ) во Александруполи, како и гасното поврзување помеѓу двете земји. 

Премиерите ги потврдиле заложбите согласно планираното, најдоцна до средината на 2024 година, да има снабдување со гас од Грција и заклучиле дека стратешките проекти се од голема важност за долгорочната енергетска независност за стабилно и постојано снабдување со течен гас во кризно време.