БИТКИ КАЈ РЕКАТА ПИНАР ВО СИРИЈА – ЕДНА ОД ПОБЕДОНОСНИТЕ ЗА АЛЕКСАНДАР (16)  

 

 

ДЕЛ ОД РОМАНОТ „АЛЕКСАНДАР  ВЕЛИКИ“ (МАКЕДОНСКИ) ОД

 УЛРИХ ВИЛКЕН ВО ПРЕВОД НА СЛАВЕ КАТИН

 

Битката не се водеше на другата страна од планината Аман во Сохој, туку на оваа страна од северозападниот дел на Сирија, јужно од Ис. Како дојде до ова? Тоа е еден од најинтересните и највозбудливите делови во целата историја на војната. Патот на Александар, што порано Парменион беше испратен да го извиди и да го заземе, водеше низ Киликијанските клисури, по должината на сирискиот брег.

Потоа патот врти кон југ, поминува кај Ис, преку реката Пинар (Дели-Чаи) и малата река Пајас до сирискиот морски премин и преку планинскиот премин Јонах продожува до Миријандр (во близина на сегашниот Александрета-Искандерун). Од тука патот води  југоисточно преку Аман од Баиланскиот премин до сириската рамнина. Тоа беше патот што младиот Кир еднаш го помина и им беше познат на античките народи од Ксеиофонските раскажувања.

По оздравувањето од болеста во Ис, напаѓајќи кон југ, Александар Македонски дојде до Миријандр, каде што поради силната есенска бура и дождот што паѓаше во ноќта, неговите единици останаа во кампот и наредниот ден, веројатно со цел да се одморат пред битката што претстоеше.

Таму, вечерта на негово големо изненадување беше информиран од дезертерите дека Дариј и неговата војска се наоѓаат северно од него, на реката Пинар. Тој тешко поверува во тоа и испрати неколку офицери кон северниот брег да го проверат тоа што го слушна: тие ја потврдија веста.

Како дошло до оваа промена на позицијата? Дареј се улогорил пред неколку недели во Сохој и го чекал непријателот од кај Киликија. Меѓутоа, поаѓањето на Александар Македонски беше одложено од неговата болест и од другите настани во Киликија. Неговиот презир кон малата војска на Александар Македонски, која мислеше дека ќе ја прегази со својата бројна коњица, заедно со приближувањето на зимата и тешкотиите во такви услови, го поткрепуваа него и неговиот план.

Co цел да ја направи својата огромна војска помобилна, ги испрати во Дамаск своето богатство и главниот дел од багажот, а заедно со војската, придружен од огромна свита и од своето семејство, тргна источно од планината Аман на север кон Лионскиот преслап (Арслан-Богхас), потоа југозападно преку планината, преку преслапот Аман (Топрак Калеси) во крајбрежната рамнина на Ис, за оттука да напредува кон Киликија.

Доколку се спореди растојанието покриено од двете војски и нивната различна мобилност, може да се претпостави дека настапувањето на Дариј започна неколку дена пред Александа Македонски да замина од Мал. Речиси во исто време кога Дариј допатува на преслапот Аман, Александар Македонски втаса во Миријандр.

Така двете војски, разделени од планинскиот венец на Аман, ненадејно се разминаа на различни преслапи на истата планина, со тоа што Дариј сега беше на север, а Александар на југ.

Дариј прво беше известен за случајното доаѓање на Александар Македонски во Ис кој се сретна со војската и дозна дека само што поминал Александар и продолжил кон југ. Наскоро и тој тргна и право се улогори на реката Пинар, очигледно со намера да го следи Александар Македонски низ преслапот Баилан и така на крајот, според оригиналниот план, да започне борба во широката сириска рамнина која многу повеќе му одговараше.

За среќа, се случи обратно. Во моментот кога Александар Македонски беше информиран за позицијата на Дариј на Пинар, со интуиција на гениј ја предвиде предноста што му ја пружи оваа неочекувана ситуација и донесе решение да војува. Александар Македонски беше отсечен од својата база, па затоа поразот на Пинар би бил катастрофален. Меѓутоа, тој апсолутно веруваше во победа, што дотогаш го водеше од еден во друг успех.

Тој се потпираше врз квалитетот на војничката супериорност и врз својот талент за водење борба. Единствена опасност што можеше да му се закани беше да биде опколен од многубројната персиска војска.

Ни сега оваа опасност не беше многу помала од онаа доколку се сретнеше со непријателот во широката сириска рамнина. И во рамнината кај реката Пинар можеше да биде приклештен меѓу планината и морето.

Беше потребна брза акција. Затоа, со претпазливост и сталоженост кои беа негови карактеристики во најважните моменти на одлука, Александар Македонски  ги презеде сите потребни мерки да се сретне со непријателот наредниот ден. Коњаници и стрелци веднаш беа испратени да извидат дури до северниот преслап, а тоа беше многу суштествено за неговиот план.

Откако им даде доволно време на своите единици да се подготват пред самото поаѓање, тргна на пат со својата војска, втаса до врвот на преминот до полноќ, постави претстража и ѝ дозволи на војската да се одмори меѓу карпите.

По првите утрински зраци, Александар Македонски се спушти во рамнината прво во тесна колона со пешадијата напред која постепено се прошируваше во борбена линија колку што допушташе рамнината. Овде, повторно како и на Граник, напредувањето до бојното поле беше извршено во голема тишина и прецизно како да беше на параден простор, а не пред непријателот.

Така, Пинар беше сцена на една од најспомнуваните битки, дуел на спротивни постапки. Има добар опис за битката од подоцнежните автори засновани врз два независни и првобитни извори: на Птолемеј, кој лично беше еден од војниците на фронтот и на Калистен кој како цивил можеше да го гледа тоа од далеку.

 

Продолжува

 

Пишува: СЛАВЕ КАТИН