АЛЕКСАНДАР ТРЕТИ МАКЕДОНСКИ – ХЕГЕМОН НА КОРИНТСКАТА ЛИГА (6)  

ДЕЛ ОД РОМАНОТ „АЛЕКСАНДАР  ВЕЛИКИ“ (МАКЕДОНСКИ) ОД

 УЛРИХ ВИЛКЕН ВО ПРЕВОД НА СЛАВЕ КАТИН

 

Што треба да се направи со освоениот град? Како хегемон на Лигата, Александар Македонски свика вонреден состанок на Федералниот совет и се обрати кон него тој да го реши прашањето, бидејќи ваква одлука требаше да донесе Федералниот суд, а не хегемонот.

Само соседниот сојуз, главно Бојотијанците и Фокијанците, брзо ги испратија своите пратеници и така на состанокот најдоа излез со израз на омраза на угнетените чии многу генерации страдаа под врховната власт на Тебанците.

Во оваа случка човек може целосно да го види бедното неединство на античките Грци: по пропаѓањето на Атинската империја (404) Тебанците и Коринтците побараа уништување на Атина, а сега претставниците на Лигата бараа уништување на Теба. Ниеден член од Лигата не го бранеше извршувањето на ваквата казна, како што е примерот со Спарта која потоа направи добро дело во своја корист.

Додека Спарта и’ оддаваше признание на Атина во војните за слобода од Персија, овојпат претставниците посочија на предавството за кое Теба беше виновна. Поттикнати од ова, решението на Лигата беше Теба да се срамни со земјата, да се подели територијата (со исклучок на онаа што беше света) меѓу бојотијанските членови на Лигата, да се остави постојан македонски гарнизон во Кадмеја, да се продадат жените и децата како робови и да се прогласат тебанските бегалци како одметници на целата територија на Лигата.

Доколку Александар Македонски сакаше можеше да ја ублажи острината на одлуката. Но, во корист на панелинистичката идеја и војната за освета против Персија, тој мораше да им покаже што ги чека бунтовниците кои ја издадоа Лигата и беа играчка во рацете на персискиот крал.

Така, Александар како хегемон без колебање нареди да се изврши одлуката. На тој начин светиот град, градот на Кадмо и Оедип, градот на Епаминонда беше збришан од површината на земјата. Современиците сепак чувствуваа дека Александар Македонски имаше грижа на совеста. Подоцна кога имаше можност да покаже милост спрема одделни Тебанци, тој секогаш го правеше тоа.

Неговата наредба да се поштеди куќата на Пиндар, големиот тебански поет, покажува дека Александар Македонски не наредил да се уништи градот во состојба на „бесен ѓавол”, туку под притисок на политичките услови и со поделени чувства во својата душа. Исто така, непобитно е дека тој одлучил да војува само тогаш кога ќе има целосно помирување на античките грчки држави. Овој страшен пример беше добредојден за да им прости на другите бунтовници.

Најмногу изненадени од ова беа Атињаните, свесни за својата вина како поттикнувачи на античкото грчко востание. Сензационалната вест за тебанската катастрофа одекна како гром од ведро небо во периодот кога ги изведуваа големите црковни церемонии, па затоа очекуваа дека ќе бидат казнети од победникот, иако претпазливо ја затаија ветената помош и ги оставија, Тебанците на цедило.

Веднаш испратија пратеник кој му го честита на кралот неговото безбедно враќање од север и казнувањето на Тебанците. Ваквото поведение е толку бесрамно што тешко може да се оправда.

Откако ја почувствуваа кралската склоност кон милоста, Атињаните решија, по барање на Александар Македонски, да ги предадат антимакедонските водачи на чело со Демостен и да молат за повлекување на барањето испратено по втората делегација предводена од Фокион.

Александар Македонски, надвор од симпатиите спрема Атина, сметаше дека е важно да не го вкрсти оружјето со персискиот крал, со најсилната военопоморска сила. Затоа се согласи и го поддржа прогонството на генералот Харидем, негов најжесток противник, кој пребега во Персија придружен од свои истомисленици.

Бидејќи беше обновен мирот во Античка Грција, по враќањето во Античка Македонија (октомври 335 година), Александар Македонски конечно можеше да се посвети на подготовките за азискиот поход.

Но, тоа беше само принуден мир што преовлада во Елада. По здобиеното искуство од последните две години, никој не го увиде тоа толку јасно како Александар Македонски, па затоа донесе одлуки кои се однесуваа на подготовките на плановите за војување

Бидејќи Александар Македонски немаше доверба кај голем дел од античките Грци, го остави верниот Антипатер во Античка Македонија со половина од неговите македонски регрути, 12.000 фалангисти и 1.500 коњаници. Антипатер беше одговрен да внимава и на Лигата како претставник на хегемонот, веројатно со титула на стратег. Истото сомнение беше причина Александар да ги ограничи контингентите од Лигата на не повеќе отколку што беа потребни за панелинистичката експедиција.

Освен флотата од 160 триреми што беше наречена античка грчка флота, се спомнуваат уште 7.000 пешаци и 600 коњаници, како и 1.500 тесалиски коњи, кои подоцна веројатно беа приклучени кон кралската војска и ја добија неговата посебна доверба, а одиграа важна улога во големите битки во Азија. Без коњаниците залудно е да се постават 7.000 пешаци во борбен фронт. Се добива впечаток дека, независно од Тесалијците, Александар Македонски ги зеде античките грчки контигенти повеќе како гаранција за да има мир во Елада.

Античката грчка флота во почетокот претпазливо беше држена надвор од дејствата. Тоа беше неизбежно поради големата супериорност, како според бројност така и според квалитетот на персиската флота од 400 воени бродови, со своите одлични феникиски и кинриотски воени бродови.

 

Продолжува

 

 

Пишува: СЛАВЕ КАТИН