Претседателот Стево Пендаровски денеска, по тет-а-тет средбата со претседателката на Словачката Република Зузана Чапутова, порача дека земјава за евроинтегративниот процес очекува принципиелна поддршка како словачката и од другите членки на ЕУ.
Пендаровски на заедничката прес-конференција по средбата се заблагодари за „постојаната и исклучително гласна“ поддршка на Словачка, нарекувајќи ја вистински пријател.
Посетата на Чапутова, оцени шефот на државата, го потврдува позитивниот тренд во развојот на билатералните односи, дотолку повеќе што се реализира кога нашиот пристапен процес кон ЕУ е веќе почнат.
-Кога беше најтешко, Словачка, како вистински пријател, без калкукалции, не поддржуваше во сите ситуации. Искрено, се надеваме на сличен пристап во иднина од сите земји членки на ЕУ, следејќи го принципиелниот однос на Словачка како една од движечки сили на Вишеградската група, потенцира Пендаровски.
Според него, Северна Македонија чекаше 17 години со статус на кандидат за да почне преговори и тоа е, за жал, како што рече, еден од ретките негативни преседани во процесот на европските интеграции.
-ЕУ долги години со право се фали со тој процес, дека е веројатно најдобрата надворешна политика на целата Унија, но во тој дел, не само кон нас, туку и кон цел Западен Балкан не покажа високи или исклучителни резултати. Добро е што конечно, по серија направени компромиси од нашата страна и постоење неспорна политичка волја од страна на Брисел почнавме преговори. Сакам посебно да се заблагодарам на Словачката република која ни даваше поддршка во сите овие години додека чекавме да ги почнеме заслужените преговори. Поддршката беше на принципиелна основа, немаше политизирање на ниту едно прашање било да се работи за некој сегашен проблем или за некакво толкување на историјата. Словачка беше еден од нашите најдобри адвокати додека чекавме да ги разрешиме преостанатите пречки и да ги почнеме преговорите, а овој месец ќе почне и скринингот, напомена Пендаровски, одговорајќи на новинарско прашање.
Тој информира дека со Чапутова размениле мислења и за зајакнување на регионалната соработка, како и за успешниот модел на Вишеградската група чие искуство, како што рече, може да биде корисен пример и за земјите од Западен Балкан.
-Разговаравме и за безбедноста на континетот, за војната во Украина и последиците од кризата. Посебен фокус беше ставен на интензивирањето на економската соработка која го нема постигнато својот реален потенцијал, иако трговската размена бележи константен раст во последните пет-шест години. Изразив очекување дека ќе видиме поголеми инвестиции на словачките компании кај нас, особено сега, откако ги почнавме преговорите со ЕУ, потенцира Пендаровски.
Претседателот изрази и уверување дека во следниот период односите меѓу двете змеји ќе бидат кренати на уште повисоко ниво за што придонес ќе има и нашата амбасада во Братислава.
-Во текот на овој месец очекувам нашиот ополномоштен амбасадор да ја преземе должноста во главниот град на Словачката Република, истакна Пендаровски.