Италијанскиот претседател Серџо Матарела доаѓа во официјална посета на Северна Македонија

Претседателот на Италијанската Република Серџо Матарела, утре во вечерните часови ќе пристигне во официјална посета на Република Северна Македонија.

Во Скопје, како што соопшти Амбасадата на Италија, претседателот Матарела во петок ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски. По тет-а-тет средбата, заедно со нивните делегации, државниците ќе одржат работна средба, а по нејзиното завршување предвидена е прес конференција за новинарите.

По средбата со Пендаровски, Матарела ќе се упати во Собранието, каде што ќе се сретне со претседателот на Парламентот, Талат Џафери. Во рамки на свечената седница, ќе се обрати до пратениците и граѓанските и верските претставници во земјата. Потоа, заедно со претседателот Пендаровски ќе се поклони на споменикот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“.

Претседателите Пендаровски и Матарела досега имаа средби во Рим во ноември 2019 година и во мај 2021 година.

Во петок во попладневните часови и премиерот Димитар Ковачевски ќе го пречека претседателот Матарела и неговата делегација. По средба со претставници на италијанската заедница во земјава, шефот на државата во вечерните часови ќе го напушти главниот град.

Серџо Матарела беше избран за претседател на Италијанската Република во јануари 2015 година, а на таа функцијата беше реизбран и во февруари 2022 година, со над 75 отсто од гласовите на Собранието, со што е втор претседател избран со најголем број гласови во историјата на Италијанската Република. Посетата на Матарела на највисоко ниво го потврдува интензитетот на односите меѓу Италија и Северна Македонија, на политичко поле (Италија отсекогаш ги поддржувала евроатлантските амбиции на Северна Македонија и го поддржува нејзиниот развојен и институционален пат со широк сет на иницијативи за соработка), општествено (Италија е домаќин на значителна македонска дијаспора) и економско-трговско поле (Италија е осми трговски партнер, со силен нагорен тренд). Во земјава расте и интересот за италијанската култура и јазик, посочуваат од Италијанската амбасада во Скопје.