24 Август за ОМД е од посебно значење прославувајќи ја 30годишнината од постоењето на Армијата на Македонија, како и успехот во напорите Конгресот на САД да го изгласа Законот за овластување за национална одбрана во кој е вметнат и амандман за Македонија.
Согласно тој амандман во Законот за национална одбрана, Конгресот побара од Пентагон да предложи повеќе воени вежби со Македонија следната година
Ова е федерален закон со кој САД го утврдуваат годишниот буџет и расходите на Пентагон.
Согласно амандманот, Конгресот му наложува на секретарот за одбрана, во консултација со командантот на Европската команда на САД, да достави до Комитетот за вооружени сили на Претставничкиот дом, најдоцна до први декември 2022 година, брифинг во врска со плановите за дополнителни НАТО или заеднички вежби на САД и Македонија за време на фискалната 2023 година.
„Комитетот силно ја поддржува интегралната улога на Македонија како сојузник на НАТО и ја истакнува вредноста на НАТО вежбата Брз одговор 22 во Македонија за НАТО интероперабилноста, регионалната интеграција и одвраќање против руската агресија“, се вели во Законот.
Во него се додава дека од суштинско значење е „САД и остатокот од НАТО да продолжат да спроведуваат слични вежби со Македонија и да настојуваат на натамошната интеграција“. Македонија е вметната во предложениот законски текст од страна на конгресменката Лиса Мeклејн, копретседавачка со конгресната група за пријателство со Македонија и македонско-американската заедница, на барање на Обединетата македонска дијаспора (ОМД).
Новиот директор на ОМД за Македонија Гордан Јорданов, претседателот Методија А. Колоски и директорката за развој и унапредување Ема Браун, на 15-ти јуни имале средба со Мeклејн, со цел да побараат поголема соработка помеѓу САД и Македонија.
„Од самото постоење од 2004 година, ОМД интензивно работи на засилување на односите помеѓу САД и нашата татковина Македонија на секое поле. Чест ми е дека токму пред 30-годишнината на македонската Армија, Конгресот изгласа да се подлабочи врската помеѓу армиите на САД и Македонија. Во својата историја, македонската Армија немала поголем пријател од американската Армија. Заедно сме посилни“, изјави Колоски.