ЕРИХОН – НАЈГОЛЕМАТА ОАЗА ВО ЈУДЕЈСКАТА ПУСТИНА (17)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ИЗРАЕЛ И МАКЕДОНИЈА“ НА СЛАВЕ КАТИН

Јужниот дел на котлината низ која врви реката Јордан е значаен историски простор за трите религии. Имено, најголемата оаза во Јудејската Пустина е Ерихон. Тоа денес е град под палестинска автономија, во јужната Јорданска Долина, на крстопатот кон Ерусалим и Бет Шеан на источната страна на Јордан. На арапски овој град се нарекува Ерихo. Иако се наоѓа длабоко во пустината, сепак, Ерихон ги има најбогатите извори со вода, што овозможија оваа населба да се претвори во една од најпродуктивните во производството на земјоделски производи. Тука се произведуваат сите видови овошје, а растат и најубавите цвеќиња.

Ерихон, градот на палмите е првиот освоен град по враќањето на израелскиот народ од египетското ропство, по преминот преку реката Јордан, а под водство на Исус Навин. Тој е град во кој Израелците влегле свирејќи на труби, за потоа да стане градот на цариникот Закхеј, чиј дом го посетил и Исус Христос и на кое место Спасителот излекувал и некој слеп човек.

Западно од Ерихон над котлината Јордан се наоѓа Планината на искушенијата каде што Исус Христос по крштевањето престојувал 40 дена. Денес тука има пештера врз која е изградена капела. Се верува дека Исус Христос на ова место постел 40 дена и 40 ноќи.

Ерихон лежи во просторот на најдепресивниот дел од минус 250 метри и претставува најниска населба на Земјината топка. Според археолошките наоди, што датираат уште од седмиот милениум, Ерихон е една од најстарите градски цивилизации во светот. Меѓутоа, некои нови истражувања покажуваат дека оваа населба била населена уште пред 10.000 години. Еврејското население овде живеело до пред 1.400 години, а денес живеат Арапи, чиј број на жители изнесува околу 30.000 муслимани и христијани.

Ерихон е град од селски тип, меѓутоа, во последно време  со изградбата на хотели, таканаречени зимски палати и други објекти сѐ повеќе го менува својот изглед. Тука е Палатата на Арафат и на некои други богати Палестинци кои овде доаѓаат во зимските месеци кога температурата изнесува од 17 до 20° Целзиусови.

Во летниот период овде е многу топло со температура од околу 50° Целзиусови. За туристите и за другите посетители Ерихон е привлечен и со богата историја. Тоа е прв град освоен од Џошуа, кој е опфатен во територијата на племето Бенјамин. Локацијата на тогашниот антички град била на северозападниот дел  на сегашниот северен Ерихон. Затоа, ова место е едно од најголемите предизвици за археолозите, зашто со ископините се откриени остатоци од повеќе периоди, почнувајќи од неолитот па сѐ до раните и средните таканаречени канаан периоди.

Овде се откриени и изворите на Елиша, а западно од градот се Херодовите западни палати од периодот на Макабите. Откриени се остатоци од синагоги изградени во VI век со мозаичен под. Во непосредна близина на Ерихон протекува и реката Јордан, која подолу се влева во Мртвото Море.

Тука на реката Јордан до градот Ерихон, според библиските преданија е местото каде што Јован Крстител го крстел Исус Христос. Но, тоа место сѐ уште не е отворено за крштавање на христијаните што доаѓаат овде. Тие се крштаваат, според обичајот од библискиот период, во реката Јордан на местото покрај Галилејското Езеро. Според Новиот завет, Ерихон е и местото каде што Духот го повел Исус низ пустината за да биде искушуван од ѓаволот.

На просторот на Мртвото Море се наоѓа манастирот „Свети Герасим Јордански“  сместен во близината на северната страна од Мртвото Море. Тука, на тоа место некогаш малиот Исус со мајка му Марија и дрводелецот Јосиф ноќевале, патувајќи при бегството од Витлеем за Египет

Исто така, во непосредна близина на Мртвото Море се наоѓа библискиот град Кумран, каде бедуинските овчари во 1947 година, во една пештера ги пронашле најстарите библиски ракописи познати како „Свитоци од Мртвото Море“. Во врска со наоѓањето и продажбата на овие ракописи слушнавме неколку верзии, меѓутоа, најважно е што тие денес се наоѓаат во Израел.

Патувајќи по западниот брег на Мртвото Море се стигнува до оазата Ен Геди, место во Јудејската Пустина, каде што царот Давид се криел од Саул. Тоа место некогаш било познато по своите лозја, опеано во „песна над песните“, место кое повеќепати се сретнува во старозаветните книги. Исто така, таму се водопадите од Давидовиот извор што со векови ѝ противречат на пустинската околина.

На пустинскиот простор долж Мртвото Море се лоцирани повеќе објекти, меѓу кои и една фабрика за производство на козметички препарати. Таа ги користи хемиските соединенија што ги содржи морето од кои, како што велат во шега, со употребата на таа козметика, луѓето се подмладуваат и по неколку години. Тоа е слично како и со мачкањето со морска кал, која посетителите ја употребуваат за поголем број болести и за подмладување.

Во непосредна близина на Мртвото Море има бања, која ја користат голем број посетители. Исто така, на тие простори се лоцирани одреден број научни институции, кои се занимаваат со истражување на животот и иднината на Мртвото Море и неговата околина.

Патувајќи на југ покрај Мртвото Море се пристигнува до остатоците од познатата планинска тврдина Масада, местото кое е запишано со големи букви во историјата на Евреите. Имено, Масада е пустинско плато што на околу 400 метри се извишува над западниот брег на морето од каде тешко може да се забележи. До висината на платото се стасува за неколку минути со современата жичница, а само најхрабрите се искачуваат или слегуваат (како што направивме ние) по „змискиот пат“, што стрмо се спушта од големата височина.

Продолжува

1slav kat Пишува: СЛАВЕ КАТИН