Ќе заседава Буџетскиот совет на Собранието, не е закажана комисиската расправа за уставните судии

Предлог на стратешки план на Собранието за периодот 2023-2027 година, Предлог- одлуката за давање на финансиска согласност на Годишниот план за вработување во Службата на Собранието за 2023 година и Предлог на буџет на Собранието за 2023 година, се на дневен ред на денешната седница на Буџетскиот совет на Собранието. Ова е една од првите активности на Парламентот по завршувањето на колективниот одмор.

Иако се очекуваше, а вчера препорача и претседателот на Собранието Талат Џафери, за денеска не е закажана седница на Комисијата за избори и именувања на која би продолжила расправата за предлозите за уставни судии.

На собраниската агенда за денеска се дводениот Форум на генерални секретар на Западен Балкан што ќе се одржи во Мериот, средбите на претседателот на Комисијата за надворешна политика на германскиот Бундестаг Михаел Рот со претседателот на Собранието Талат Џафери и со претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика Антонио Милошоски, како и средбата на претседателот на Националниот совет за евроинтеграции Александар Николовски со италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри.

Собранието почна со работа вчера по завршувањето на колективниот одмор. Претседателот на Собранието Џафери одржа координативен состанок со потпретседателот Горан Мисовски, координаторите на СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците, претставниците на Алтернатива и БЕСА и претставникот од Владата Бојан Маричиќ. На состанокот не присуствуваше координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски и претставникот на Левица.

На 14 септември е планирано одржувањето на првата нова седница за овој месец. Како што соопшти неговиот Кабинет, Џафери им посочи на координаторите на пратеничките групи од утре да продолжи со работа Комисијата за избори и именувања со точката за избор на уставните судии, а преостанатите комисии на Собранието да продолжат со разгледување на заостанатите точки од дневните редови. Во периодот што следи, пратениците ќе работат и по продолженијата на веќе започнатите пленарни седници.

По состанокот изјава за медиумите даде координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески кој рече дека пред седницата на 14 септември ќе има уште една свечена седница на која ќе има обраќање странски претседател на држава. Митрески изрази надеж дека односот на опозицијата во иднина ќе се промени и дека нивен претставник ќе присуствува на координациите, повикувајќи ја да делува конструктивно и одговорно.

– Денеска направивме обид за контакт со опозицијата, се уште не е остварен, најверојатно Комисијата за избори и именувања ќе продoлжи утре или задутре, рече Митревски одговарајќи на прашање кога ќе продолжи оваа Комисија со работа.

Наместо активна и пасивна блокада, потребен е функционален и ефикасен Парламент, смета тој, и побара од ВМРО-ДПМНЕ да не се дозволат блокади на важни закони за граѓаните.

Митрески ги повика претседателите на комисиите да продолжат да работат според тоа што им го наложува Деловникот.

– Сите пратеници како избраници од граѓаните треба да работат одговорно и посветено во интерес на граѓаните. Во услови на глобални предизвици уште поголема е одговорноста на Собранието и на секој пратеник. Очекувам секој пратеник да даде придонес за функционално Собрание, рече Митрески, додавајќи дека парламентарното мнозинство останува посветено на работата.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со активната блокада во Собранието, но нема да ги кочи законите кои се во интерес на граѓаните, а нејзиниот координар или пак друг претставник на опозициската партија нема да присуствува на координациите со претседателот на Собранието Талат Џафери, изјави за МИА координаторот на оваа пратеничка група Никола Мицевски. Опозицијата во Собранието ќе бара информации за трошењето на парите од страна на институциите поврзано со кризната состојба.

Мицевски не присуствуваше ниту на денешната прва координација со Џафери и колегите од другите пратенички групи по колективниот одмор, а неприсуството го образложи со обвинување дека претседателот на Собранието не се придржувал до она што било договорено и ги менувал одлуките врз основа на договорите со претставници од владејачкото мнозинството.

– Не гледаме причини да одиме. Она што се договараме понеделнички на координација веќе во вторник не важи, вели Мицевски.

Пред годишните одмори на брифинг со новинарите, потенцира тој, Џафери рече дека Парламентот завршува со работа на 28 август и после уцената од Алтернатива на 29 август Собранието работеше. На седницата откако ВМРО-ДПМНЕ замина од салата немаа доволен број пратеници за да го изгласаат она што го доворија со Алтернатива, додаде Мицевски наведувајќи дека има многу такви причини зошто опозицијата да не оди на координации.

На прашањето како ќе се договараат за работата и функционирањето на Собранието и дали имаат неформални средби со Џафери, Мицевски рече дека за тоа ќе се договараат претседателите на комисиите и пратениците, кои редовно се информираат меѓусебно.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ очекува дека ќе продолжи седницата за  уставните судии, а најави и дека ВМРО-ДПМНЕ ќе бара информации за прогласување на кризните состојби, како и извештаи за тоа што е потрошено од страна на институциите. Мицевски рече дека ќе реагираат за сите штетни закони кои овозможуваат можност за договори во четири очи.