ФИЛИП МАКЕДОНСКИ И НЕГОВИТЕ ВИЗИИ И ПЛАНОВИ ЗА АНТИЧКА МАКЕДОНИЈА (20)

ДЕЛ ОД РОМАНОТ „АЛЕКСАНДАР  ВЕЛИКИ“ (МАКЕДОНСКИ) ОД

 УЛРИХ ВИЛКЕН ВО ПРЕВОД НА СЛАВЕ КАТИН

 

Современиот читател со изненадување ќе забележи колку оваа расправа за практичната политика се потпира врз аргументи од митската историја, a ocoбено врз легендата за Херакле. Но, со цел да се разберат античките Грци од тој период, треба да се навлезе во особеноста на нивниот менталитет, како што еднаш Јакоб Буркхардт формулира дека „митот беше идеална основа за нивното целокупно постоење”.

Дури и во најобичните политички прашања се правеа митски споредувања, па дури, како што Исократ овде делумно вели, да се формира митот во интерес на сегашноста и погледите на сегашноста да се проектираат според митските времиња, со цел да им се даде поголема моќ.

Оваа практика одигра голема улога во личниот живот на Александар Македонски. Додека Исократ во оваа расправа го прави Херакле толку голем како прадедо на Филип, не мисли единствено на Филип Македонски туку и на античката грчка јавност. Затоа ова отворено писмо до кралот, кое исто така кружеше како памфлет низ античка Грција, се очекуваше да има двоен ефект: на Филип Македонски да влијае за да биде водач на националната војна, а на античките Грци за да подготват јавно мислење за неговото раководење.

Силното потенцирање на Филип Македонски како еден Хераклид, a co тоа и како вистински Елин, беше да се олесни целта: античките Грци да се потчинат на странско раководење.

Кога Филип Втори Македонски ја прочитал книгата, мора да му било добредојдено инсистирањето за неговото потекло од Херакле, па во својата политика тој мораше да го нагласува ова митско потекло, како што покажуваат најдените метални пари со ликот на Херакле. Но, од друга страна, пак тој се смеел на наивноста што ја покажал Исократ.

Според Исократ, каков резултат требаше да донесе војната што ја водеше Филип Македонски против Персија со античките Македонци и со обединетите античките Грци? Филип требаше да им служи исклучиво на античките грчки интереси: античките Грци од Мала Азија требаше да бидат ослободени; Мала Азија да се насели со бездомни антички Грци, со цел да се ослободи Античка Грција од своите економски и социјални неволи. Тоа богатство и изобилство на Исток требаше да го добијат античките Грци. Одвај само општо се најавуваше дека и Филип Македонски би стекнал моќ, слава и наклоност од античките Грци.

Исократ веројатно го зел овој силен реалист како идеалист, каков што беше и тој лично, ако веруваше дека Филип Македонски би го извлекол својот меч за белите очи на античките Грци. Тој лошо го процени Филипа во еден правец, како што направи Демостен во друг, мислејќи дека целта на Филип Македонски е целосно уништување на Атина. Доколку Исократ ги знаеше тајните планови на Филиповата македонска политика, никогаш немаше да го напише своето дело „Филип”.

Од уште поголемо историско значење е и тоа што Исократ се сврте кон Филип Македонски, бидејќи е непобитно дека изврши влијание врз Филиповите натамошни дејствија. Иако овие сугестии за исполнување на чисто античко грчки желби можеа да бидат туѓи за Филип Македонски, чиј начин на однесување беше чисто македонски, делото „Филип” во целина несомнено му направи силен впечаток, па затоа со радост го поздрави.

Според тајните планови, тоа беше голем морален успех и можеше да има материјална корист. Исократ, како славен публицист и професор, имаше најголемо влијание сред јавното мнение на целокупниот антички грчки свет и можеше да го повика Филипа Македонски да ја води панелинистичката национална војна што многу ја посакуваа голем број Елини.

Несомнено, големиот стратег Филип Македонски веднаш увиде дека идеите што му беа предложени имаа тесна врска со неговите тајни планови и цели, па затоа многу вешто ги модифицира со цел своите македонски намери да ги прикрие со панелинистичките барања.

Главната разлика меѓу неговите планови и програмата на Исократ беше во тоа што тој самиот во последно време размислуваше за доминацијата над античка Грција, со цел да ја поведе македонската освојувачка војна против Персија и сé друго во врска со својата империја, додека Исократ го претпочиташе помирувањето на античките грчки држави како единствена претпоставка за националната војна.

Делото „Филип” често се интерпретираше во смисла на тоа дека Исократ му препорача на кралот обединување на античката грчка нација во една држава, или во Федерална држава, или во лига на држави, на чело со Филип Втори Македонски, а подоцна се покажа дека Филип уште на Коринт ја имал таа идеја на Исократ.

Меѓутоа, во расправата нема траги од ваков вид. Исократ, на пример, никогаш не помислуваше да се создаде политички обединета држава под раководство на Филип Македонски, туку едноставно да направи внатрешно обединување на Елада, за што го повика Филипа да го изведе во хармонија со античките грчки полиси кои требаше да дејствуваат смирувачки врз постојните антагонизми.

Погрешно е ако се верува дека панелинистичката идеја започна со цел обединување во една држава. Тешко е да се спореди Исократ со приврзаниците на идејата од 1848 година, кои подготвија подлога за германското обединување. Реално, и кај Горгија и во „Панегирик” на Исохрат (380) се бара помирување и внатрешна хармонија меѓу античките Грци. Во дадениот момент, како во петтиот век така и пред тоа, Елините немаа концепција за национално обединета држава.

Оваа замисла, што денес ни е толку многу блиска, не треба да биде внесена во грчката историја и да се зема како мерило за оценка на политичкото создавање на нација. Како Елини, античките Грци се чувствуваа обединети единствено со својата општа цивилизација, а врз тоа се потпираше и нивното национално чувство.

 

Продолжува

 

 

Пишува: СЛАВЕ КАТИН