„Францускиот предлог“ за деблокирање на евроинтеграцијата на Северна Македонија претставува предлог на Европската Унија, бидејќи е прифатен со консензус од сите членки на ЕУ, ја доби и потребната политичка поддршка, како во бугарското, така и во македонското Собрание, изјави бугарскиот европратеник и известувач на Европскиот парламент за земјава, Илхан Ќучук во гостување во емисијата „Ова утро“ на софиската телевизија бТВ Новините.
Во истата емисија, гостуваше и бугарскиот европратеник Андреј Ковачев и бТВ на својата интернет страница дел од неговите изјави ги пренесува како изјави на Ќучук.
Ќучук во својата изјава додава дека процесот на преговори меѓу ЕУ и Република Северна Македонија се уште не е започнат, бидејќи се чека да заврши скринингот, кој ќе потрае извесно време.
– Од бугарското искуство знаеме дека тоа трае од година и половина до две години и мора да се дадат оценките за тој скрининг, изјави Ќучук, кој е од редовите на Движењето за права и слободи (ДПС) и во Европскиот парламент е член на либералната Пратеничката група „Обнова на Европа“.
Ковачев, од своја страна, наведе дека доколку лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски својата кампања ја води со ставови против Бугарија и се противи на вклучувањето на Бугарите во Уставот на земјата, тоа ќе го блокира патот на Република Северна Македонија кон ЕУ.
– За жал, во македонскиот Парламент, „францускиот предлог“ беше прифатен само со гласовите на владејачките партии. Опозицијата категорично се спротивстави на овој предлог и најави дека нема да гласа за измените на Уставот и вклучувањето на Бугарите во нивниот Устав. Ова, би рекол, е многу тажен развој на настаните, вели Ковачев во изјавата, која бТВ ја пренесува како изјава на Ќучук.
Согласно „францускиот предлог“, преговорите на земјава по кластери и поглавја треба да почне по завршувањето на процесот на скрининг, но и по вклучувањето на Бугарите во Преамбулата на Уставот во редот на останатите делови од народи што живеат во државата.
Ковачев, кој е член на партијата Граѓани за европски развој на граѓаните (ГЕРБ) и на Пратеничката група на Европската народна партија (ЕПП) во Европарламентот, изрази надеж дека македонската опозиција ќе го промени својот став и ќе го отвори патот за преговорите на земјава со ЕУ.