Членството во ЕУ, според оценките на странски аналитичари, е природна траекторија на движење на Северна Македонија, а францускиот предлог на долг рок ќе се покаже како добар за граѓаните на земјата. Новата техничка Влада на Бугарија, пак, оценуваат, не може и нема да бара ревизија на одлуката за деблокирање на европската перспектива за Скопје. Пораката на власта е дека нема враќање назад од почнатиот процес на преговори, треба што побрзо да го комплетираме скринингот и да ги завршиме обврските со уставните измени од вклучувањето на делови на народи кои живеат во земјава.
Ричард Кремер, добар познавач на случувањата на Западниот Балкан од организацијата Алијанса САД – Европа во Вашингтон во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик, вчера оцени дека негодувањата за прифаќањето на францускиот предлог се поради зголемени емоции во моментов, но оти на долг рок, сите граѓани на Северна Македонија, ќе го ценат членството во ЕУ.
Тој го поздрави политичкиот чекор напред дека по 17 години од добивањето на кандидатски статус, Северна Македонија ги почна пристапните преговори и и изрази задоволство што ѝ Албанија е во пакет со Северна Македонија.
-Што е следно? Тоа е прашање од 64.000 долари, како што велиме. Ова требаше да се случи многу порано, уште во ноември 2019-та. Северна Македонија и Албанија одамна имаат стремеж кон ЕУ и двете земји се ориентирани кон западните демократии, а не кон авторитарните режими, вели Кремер.
Тој не гледа проблеми да се организира каков било референдум за важно прашање, но потенцира дека Северна Македонија има демократски избрана Влада во чија платформа е нагласен почетокот на преговори со ЕУ.
-Имаше компромиси. Бугарија мораше да направи отстапки, Северна Македонија, исто така. Така се постигнува напредок. Не се сите среќни секогаш при компромис, но тоа е суштината на преговорите. Негодувањата за прифаќањето на францускиот предлог се поради зголемени емоции во моментов. Но, на долг рок, мислам дека сите граѓани на Северна Македонија, ќе го ценат членството во ЕУ и во НАТО, што е природна траекторија каде се движи земјата во моментов, додава Кремер.
Според него, остварливи се проекциите на некои аналитичари, до 2030-та, Северна Македонија и Албанија да станат дел од европското семејство.
-Остварливо е. Има генерализирање дека постои загриженост за нивото на корупција во Албанија. Но, албанскиот премиер Еди Рама покажа дека иако не може да се сузбие целосно, но има напредок на тоа поле. Истото се случува и во Северна Македонија. Владеење на правото, одговорна и транспарентна влада, организирање фер и слободни избори би биле посакувани компоненти од една демократска земја. Тоа би било инспиративно за другите аспиранти кон ЕУ во регионот, додава Кремер.
Се додека САД продолжуваат да им помагаат на земјите од Западниот Балкан да станат консолидирани демократии на слободниот и отворен пазар, тоа, вели, ќе помогне полесно да се интегрираат во ЕУ.
Професорот на софискиот Нов бугарски универзитет, Михаил Иванов во интервју за БНР, вчера оцени дека со унилатералната изјава во однос на македонскиот јазик, Бугарија всушност измислила „вештачка формула“ со која се прави обид „да не се каже дека го признава македонскиот јазик“ и со тоа, вели, се создала неверојатна бариера во односите меѓу двете земји.
Според Иванов, кој е и коосновач на Клубот за бугарско-македонско пријателство и некогашен советник за етнички прашања на поранешниот бугарски претседателот Жељу Желев, и барањето на Бугарија за вклучување на Бугарите во македонскиот Устав претставува „непромислено инсистирање“ на бугарските националисти, бидејќи на тој начин се воспоставува јасна уставна етничка разлика меѓу Македонците и Бугарите. Не случајно, додава тој, на ова се спротивставува водечката организација на Бугарите од Скопје и инсистира тоа да не се случи.
– Проблемот со отпочнувањето на претпристапните преговори со Македонија како веќе да остана во втор план. Од друга страна, Бугарија во моментов нема многу маневарски простор, бидејќи работите сега се во Европската комисија, која ќе ги води преговори со Република Македонија, додава Иванов.
Според него, новата техничка Влада на Бугарија не може и нема да бара ревизија на одлуката за деблокирање на европската перспектива за Скопје, бидејќи во моментов бугарската страна нема многу можности за да преземе некакви чекори.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера во телевизиско гостување истакна дека во однос на преговорите со ЕУ е рационален оптимист. Веќе имаме почнато процес на преговори и од тој процес нема назад. Треба, порача, што побрзо да го комплетираме скринингот и да ги завршиме обврските од вклучувањето на делови на народи кои живеат во земјава.
-Рационален оптимист сум во однос на преговорите, а тоа значи дека верувам во остварување на целта, работам на тоа и целта ќе се оствари. Ова е неповратен процес што оди напред, што ја носи државата напред, процес од кој нема назад, нема ни лево, ни десно. Од сите нас зависи колку брзо ќе одиме напред и колку брзо ќе станеме членка на ЕУ, потенцира Ковачевски.
При гласањето за заклучоците на европскиот предлог од Европскиот совет за почнувањето на преговорите на државата со ЕУ, како што рече, секој пратеник ја изразил слободно својата волја.
– Истото треба да биде и со уставните измени, бидејќи се работи за вклучување на дополнителни делови од други народи во преамбулата во нашиот Устав. Тоа ја зголемува хомогеноста, го зголемува капацитетот на државата, рече Ковачевски
Тој порача дека секој пратеник без разлика на неговата политичка, верска припадност има обврска кон граѓаните да носи одлуки кои значат подобра иднина за оваа генерација и идните генерации на државата.
-Побрзото пристапување кон ЕУ, значи и побрз економски развој, поголема социјална правда и поголем развој на сите други сегменти на општеството по примерот на европските држави. Ние низ историјата сме потврдиле дека можеме да носиме и тешки и големи одлуки, меѓутоа и дека сме вреден народ. Вие само ако погледнете во државата се произведуваат високософистицирани производи коишто ги прават македонски граѓани. Значи, јас верувам, ние имавме најбрзо интегрирање во НАТО и сметам дека ќе имаме и најбрзо интегрирање во ЕУ, рече Ковачевски.
Во знакот на пораки за обединување и заедништво, и на посветеност на државните приоритети на патот кон зачленување во ЕУ помина и чествувањето на Денот на Републиката и на двата илиндена. Концептот на обединета Европа, како што порача претседатателот Стево Пендаровски, е најдобра шанса за развојот на државава.
– Концептот на обединета Европа ни ја дава најдобрата шанса да го заокружиме развојот на Северна Македонија како современа европска република. Овие напори се жртвата на нашата генерација за нашите млади и за нивната иднина. Но, за сето ова да не биде залудно, огромна незавршена работа нè чека дома каде што треба да продолжиме да ја градиме државата како праведна и прогресивна во која македонските граѓани ќе имаат пристоен живот, добро образование, квалитетно здравство и ефикасен правен систем што ќе ги сузбива криминалот и корупцијата, порача Пендаровски.