ОД ПРЛИЧЕВ ДО ТРПОСКИ

Сега сме во пресрет на 40 годишнината од формирањето на Македонското литературно друштво „Григор Прличев„ во Сиднеј, Австралија. Друштвото го носи името на еден од најславните македонски поети, ловороносецот-охриѓанецот Григор Прличев. Литературното друштвото во Австралија има одиграно важна улога во промовирање на македонскиот јазик преку промовирање на повеќе од четириесет поети и писатели; издаде педесетина броеви на списанието „Повод“ и издаде стотина наслови од македонски автори кои делуваат во Австралија, Америка, Канада и Македонија. Насловите се од сите жанрови но најповеќе збирки поезија во кои се опишува болката за својата земја – Македонија и за сето она што е поврзано со тоа поднебје, како историјата, културата, јазикот, а секако и теми кои се тесно поврзани со печалбарството и разделбата поради желбата за подобар живот или како резултат на поделбата на Македонија или економско-политичката состојба. Но не само Прличев кој еден период живееше надвор од Македонија ја почувствува таа разделба, носталгија и болка за својата Македонија, туку и браќата Димитар и Константин Миладинов, Рајко Жинзифов, Коле Неделковски, Никола Вапцаров и други поети – преродбеници кои толку убаво ги ткаеја желбите преку песните да се вратат на своето огниште во милата Македонија. Во оваа толку политичко напната прилика ќе го споредиме бунтовниот излив на Прличев против насилната окупација на Охрид и охридските цркви, со истиснување на црковно-македонскиот јазик и воведување на елинистички- грчки јазик. Тој најдобро го искажува својот гнев преку стиховите напишани во песната „Песна за Патрикот (1762 – лето)“, која за охриѓани ипошироката македонска јавност ќе остане како вековен хит.А ете сега, за жал, да ги споредиме настаните во нашата татковина Македонија, каде насилно се воведува двојазичност, се менува Устав, се преговара за националното име и идентитет, пра-пра-пра внукот на Прличев, поетот Иван Трпоски, не можејќи да остане равнодушен, најмногу им забележува на македонските парламентарци во владината коалиција на Република Македонија кои во Парламентот изгласуваат се и сешто само за да ги сочуваат своите позиции или да добијат мито како Јуда (дали од Тирана или Атина – сеедно). Таквиот револт Трпоски (како и Прличев пред повеќе години) ја искажува со стиховите испишани во песната „Македонијо – не те забораваме“.
Душан Ристевски