Мицкоски до пратениците на СДСМ: Одбијте го предлогот и послушајте го народот

Информацијата за содржината на предлог-преговарачката рамка која е контроверзна и недостоинствена за Република Македонија  овие денови влегува во собраниска процедура.

Сакам на почетокот јасно да подвлечам дека независно што ќе се расправа во Собранието, за нејзиното прифаќање пресудно беше влијанието на Владата на СДСМ и ДУИ која игнорирајќи ја волјата на огромното мнозинство граѓани, на сила сака да протурка процедура која е во целосна спротивност со државните и национални интереси.

Се работи за информација која Собранието ја носи со просто мнозинство, односно со 41 пратеник од присутни 61.

Суштински, усвојувањето, односно неусвојувањето на оваа информација нема да смени ништо посебно бидејќи Владата на Ковачевски истата веќе ја прифати.

Меѓутоа, пред да се расправа за информацијата во Собранието сакам да се обратам и до пратениците од владеачката СДСМ, а  за кои знам дека се колебаат, односно не се индиферентни на овие народни повици како што е Владата.

Пратеници од СДСМ, ве повикувам да не подлегнувате на притисоците на власта и да постапите исклучиво според сопствената совест. Бидете достоинствени, почитувани пратеници од СДСМ и не потклекнувајте на притисоците од некои челни луѓе на вашата партија.

Сакам нешто да се знае. Мојата цел не е борба за гола власт, туку првенствено заштита на државните и национални интереси преку отфрлање на процес кој е штетен за Македонија. И тоа треба да биде нашата заедничка борба во која треба да се обединиме сите на страната на народот и на страната на нашата Македонија.

Пратеници од СДСМ, Вие отфрлете ја информацијата на Владата, а јас ви ветувам дека нема да барам избори и ќе поддржам опстојување на оваа влада, па макар било  тоа и малцинска, само Македонија да не биде уценетата и понижена и да не се прифати она што сега ни се нуди.

Мојата понуда е чесна и искрена и таа е водена исклучиво од интересите на народот и иднината на нашата Македонија.

Пратеници од владеачките партии, Ве повикувам да застанете со нас, со народот на Македонија на вистинската страна од историјата.

Гласно извикајте „Ултиматум, не благодарам”.

Не робувајте на вашата партија, туку бидете како што доликува единствено во служба на народот!

Вие сте на потег!

Во оваа битка сме сите  едно!

Ви подаваме рака!