Сметам дека Северна Македонија треба да продолжи по патот на евроинтеграциите и друга опција за нас како држава не треба да постои. Нема двоумење и мислам дека АА е јасна во овие линии, изјави лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села по денешната средба во Скопје со премиерот Димитар Ковачевски, посочувајќи дека ќе го разгледаат францускиот предлог по што ќе излезат со свој став како партија.
Села, нагласи дека Алијанса за Албанците и пред овој предлог да биде конечен, имале став во врска за спорот со Бугарија.
– Јасен е нашиот став дека тој спор треба да се реши почнувајќи од најосновното, ако веќе има проблем меѓу соседи, соседите треба да почнат да се признаваат меѓу себе. Од друга страна, јас пред Самитот на ЕУ, се изјаснив како претседател на партијата дека не се работи само за прифаќање или не на францускиот предлог, туку се работи за продолжување или не по патот на евроинтеграциите и мислам дека тоа треба да биде пристапот на политичките чинители внатре во државата, изјави Села.
Во врска со ова, нагласи Села е и ставот на АА за „Отворен Балкан“, односно дека не треба да создаваме алтернативи за ЕУ и единствениот пат на Северна Македонија треба да биде членството во ЕУ.
– Единствен пат треба да биде ЕУ што побргу. Нормално дека тој пат оди преку преговори, преку договори кои треба да се постигнат со земјите на ЕУ. Нема двоумење и мислам дека АА е јасна во овие линии. Јасни сме биле и кога сме давале поддршка и за членување на државата во НАТО. Мислам дека АА е главниот чинител кој ги почна овие промени за да денеска ние бидеме дел од НАТО-Алијансата и граѓаните да се чувствуваат посигурни побезбедни во време на оваа воена криза која се случува помеѓу Русија и Украина, изјави Села.
Зачленувањето на Северна Македонија во ЕУ, според Села, има геополитичко значење и политичарите треба повеќе да размислуваат за стабилноста на регионот, а помалку за добивање на политички поени.
– Немаме никакво двоумење, ние би прифатиле таков предлог како политичка партија и тоа е ставот на Алијанса за Албанците, изјави Села.
Дел од дебатата со премиерот Ковачевски, како што изјави Села, била и во врска со македонскиот јазик, посочувајќи дека имаат разбирање за емоционалното чувство на секој граѓанин, но и дека дефиницијата за јазикот којшто го зборуваат над 20 отсто од граѓаните и кој е различен од македонскиот јазик, е омаловажувачка за Албанците и дека во ситуација кога ќе се отворат уставните измени, треба да се има предвид тоа и во Уставот да стои албански јазик.
– Алијанса за Албанците ќе инсистира на ова како политичка партија. И сакам да ја искористам можноста да и пратам апел на ДУИ и тие да се позанимаваат со промена на оваа дефиниција, рече Села.
Прашан дали на средбата со Ковачевски било разговарано и за можноста АА да влезе во владината коалиција, Села рече дека тоа не било тема на средбата.
– Алијансата за Албанците е јасно определена во опозиција и мислам дека ние нема повеќе да дозволиме или да бидеме некоја си резервна варијанта за потребите што ги има оваа или некоја друга власт, рече Села.