Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ денеска оствари средба со пратениците од Европскиот парламент, на која било потврдено потврдија дека и покрај сите предизвици со кои се соочува Европа, Европската унија мора да остане активна во регионот и во Северна Македонија.
– Прогрес е возможен, веруваме дека има решение, но мора и да се покаже европско лидерство и политичка волја од двете страни. Европскиот парламент може да влијае на политиката на Унијата и очекуваме поддршката која ја добиваме ќе се реализира на дело, рече Маричиќ на состанокот.
Како што информираат од Секретаријатот за европски прашања, европратениците на средбата ја потврдиле заложбата за проширување на Унијата со регионот и нагласија дека очекуваат да продолжи дебатата во самата ЕУ за прашањето и важноста за проширување на Унијата, за иднината на Северна Македонија и регионот во ЕУ да биде потврдена.
– Верувам дека европратениците навистина ја ценат улогата на Северна Македонија и во регионот и како билатерален партнер на Европската Унија. Одамна требаше да ги започнеме преговорите и веќе доволно време е изгубено, сега е историски момент за историски одлуки, додаде Маричиќ.
На состанокот било разговарано и за суштинските визии за иднината на ЕУ, како и за ставовите на европратениците околу политичките случувања во Европа и на Западен Балкан.
Вицепремиерот на крајот ги потврдил македонските позиции во преговорите со Бугарија и посочил дека остануваме посветени на нашата европска интеграција, бидејќи тоа го заслужуваат граѓаните кои го прифатија предизвикот за трансформација и европеизација на општеството.