Заев: Задоволен сум од Судот што прифати гледањето на снимката за „Поткуп“ да биде јавно

Задоволен сум што Судот денеска го прифати моето барање за јавно изведување на доказите, односно јавноста да биде присутна  во судската сала кога ќе биде пуштена видео снимката што е доказ во судската постапка на предметот „Поткуп“,  изјави премиерот Зоран Заев денеска пред Кривичниот суд по завршувањето на рочиштето.

Заев посочи дека видео снимката влијаела многу на неговата чест, углед и на приватност.

– Почнаа суштините на постапките во случајот „Поткуп“ што се води против мене. Денеска сум задоволен што Судот го прифати барањето на мојата одбрана, но и моето да се направи јавно изведување на доказите, односно видео снимката која влијаеше многу на мојата чест, углед и на приватноста да биде јавно презентирана од причина што се гледа дека на двапати е пресечена токму во во моментите каде впечатокот е целосно различен од тоа што е прикажано во јавноста, рече Заев.

Тој нагласи дека му е значајно како премиер и претседател на најголемата политичка партија во Македонија снимката да биде транспрентно до крај и јавно презентирана за да можат граѓаните да имаат свој сопствен впечаток за тоа што се случувало и што всушност се разговарало.  

Заев во „Поткуп“ е обвинет дека како градоначалник на Струмица барал поткуп од околу 160.000 евра од струмичкиот бизнисмен Иван Николов Сачевалиев за легализација на градежно земјиште.