Самитот ЕУ-Западен Балкан ќе остане запаметен како неуспех на Европската Унија и француското претседателство, ова е ставот на повеќето дипломати присутни на вчерашниот состанок, кој заврши без никакви резултати за земјите од регионот, јави дописничката на МИА од Брисел. По повеќе дена неизвесност во јавноста, пак, премиерот Димитар Ковачевски, вчера и официјално соопшти дека предлогот што Париз го стави на маса за надминување на спорот со Бугарија во нацрт преговарачката рамка е неприфатлив за Северна Македонија.
По четири часа разговори помеѓу шефовите на држави и влади на ЕУ и Западен Балкан, во рамки на конференцијата што ја вети Франција уште на почетокот на нејзиното претседавање, тројцата челници на ЕУ, Шарл Мишел, Емануел Макрон и Урсула фон дер Лајен, кои требаше да одговорат на новинарски прашања, одлучија во последен момент да ја откажат прес-конференцијата. Ова беше првиот знак дека состанокот не поминал според очекувањата на ЕУ и француското претседателство.
Критиките на земјите од регионот беа бројни: Босна и Херцеговина и Косово и натаму се без статус кандидат додека ЕУ го додели овој статус на Украина и Молдавија, кои до пред три месеци не беа дел од политиката на проширување. Србија е под притисок да се усогласи со санкциите против Русија, Албанија не напредува поради инсистирањето на ЕУ да биде врзана за Северна Македонија, а Северна Македонија доби предлог неприфатлив за било која партија или институција.
По повеќе дена неизвесност во јавноста, премиерот Димитар Ковачевски, вчера и официјално соопшти дека предлогот што Париз го стави на маса за надминување на спорот со Бугарија во нацрт преговарачката рамка е неприфатлив за Северна Македонија.
– Предлогот на француското претседателство за деблокада на нашиот европски пат во ваква форма, каква што е во моментов, е неприфатлив за мене, за претседателот на државата, за Владата, за коалициските партнери и за граѓаните на Северна Македонија, изјави премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама во Брисел вчера.
Тој ги повтори клучните елементи под кои би бил прифатлив предлогот – чиста формулација за македонскиот јазик во преговарачката рамка и јасна заштита на македонскиот идентитет, историските прашања не можат да бидат критериуми во преговарачката рамка, преговорите помеѓу Северна Македонија и ЕУ мора да почнат пред отпочнувањето на постапката за уставните измени за вклучување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во преамбулата на Уставот и цврсти гаранции и од Бугарија и од ЕУ дека Софија нема да условува со нови барања надвор од она што ќе биде договорено во преговарачката рамка и билатералниот протокол, кој се уште не е усогласен со бугарската страна.
Тој повтори и дека секое решение ќе треба да е консултирано со институциите на Република Северна Македонија.
Доколку бидат запазени црвените линии на Северна Македонија, тогаш земјата е подготвена да разговара и до крајот на јуни, рече премиерот.
–Месеци наназад инсистиравме да си го посветиме времето и вниманието кон иднината и кон изнаоѓање решенија кои ќе го деблокираат процесот за пристапување и за Северна Македонија и за Албанија. Бугарија, пак, од друга страна реши да се врати во минатото и повторно да постави блокада која никому не оди во прилог, освен на одредени трети страни кои ќе имаат отворен терен да ги пополнат празнините кои неминовно ќе се отворат со вакви непромислени чекори што е исклучително важно од геостратешки аспект, посочи тој.
Ковачевски рече дека во меѓувреме, Северна Македонија, Албанија и Србија активно и практично ќе ги имплементираат четирите слободи на кои почива ЕУ, ќе ги европеизираат општествата и ќе го подобрат квалитетот на животот на граѓаните преку иницијативата „Отворен Балкан“ , истакна македонскиот премиер.
Отворен Балкан, додаде тој, не претставува замена за проширувањето.
Фрустрираност изразија и албанскиот премиер, Еди Рама и српскиот претседател, Александар Вучиќ, како поради блокадата на Северна Македонија, така и поради нивните сопствени пречки на патот кон ЕУ.
– Денеска всушност уште еднаш ништо не се случи, верувам дека нашите пријатели од Скопје и Тирана заслужуваат да добијат отворање на почетокот на преговорите со ЕУ и верувам дека до тоа ќе дојде што е можно поскоро, што не е прашање на молба, оти и двете земји сработеа се што е побарано од нив и навистина треба да го добијат заслуженото, изјави српскиот претседател .
Вучиќ состанокот со ЕУ со сумираше со зборовите дека немало конкретни резултати за Западниот Балкан.
– Никогаш не би потценил такво нешто. Ако ме прашате дали Македонија и Албанија добија датуми за почеток на преговори – не, Приштина не доби визна либерализација, БиХ не доби кандидатски статус. Бевме критикувани од многу членки за санкциите и тоа е тоа. Тоа е она што се случи ако сето тоа се сумира во конкретни ставки. Но, во политиката не секогаш се работи за конкретни работи , изјави српскиот претседател.
Еди Рама од своја страна вчера рече дека Северна Македонија чека 17 години да се отворат преговорите за членство во ЕУ, а Албанија осум години.
– Од една заедничка визија и заедница, ЕУ стана инструмент за поединечни членки да запрат нешто. Приказната со Бугарија е срамота. Едната земја наметнува нешто свое, а другите 26 не можат ништо да направат околу тоа. Има многу наводи дека (рускиот претседател Владимир) Путин е болен, но не можам да кажам дека оваа куќа овде изгледа здраво, изјави Рама.
Тој апелираше до лидерите на ЕУ да не ја убиваат вербата на Албанците во европската иднина, наведувајќи дека неговата земја ќе остане на европскиот пат со верба дека ќе стане дел од ЕУ.
Рама изрази жалење и што ЕУ сè уште не го либерализирала визниот режим за граѓаните на Косово.
Албанскиот премиер повтори дека ЕУ треба да има разбирање за Србија и дека не е добро да се бара од Белград да се приклучи на сите санкции што ги воведе кон Русија.
Лидерите од регионот се поставија обединето и солидарно, притоа тие се и единствените кои се обратија пред новинарите вчера по состанокот за Западен Балкан.
Лидерите на ЕУ, пак, испратија свои дипломати да ги брифираат новинарите, но без да бидат именувани, по откажувањето на прес-конференцијата.
Па така, висок дипломат на ЕУ изјави дека „пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија треба да започнат без одлагање – ова е апсолутен врвен приоритет. Работата продолжува кон изнаоѓање заемно прифатливо решение за преостанатите билатерални прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија со чувство на екстремна итност “.
Француски дипломати исто така упатуваа пораки преку новинарите.
– Имаше многу обединета порака на Европејците да се дадат осигурувања дека европската перспектива е загарантирана за земјите од Западниот Балкан, дека процесот на приклучување треба да продолжи и дури дека треба да му се даде нова динамика. Ова беше јасна порака што ја пренесоа сите Европејци, вели овој дипломат.
Конкретно за состанокот дипломатот објасни дека секоја земја ги искажала своите стравови и фрустрации.
Следниот чекор, велат, е да се третираат преокупациите на сите одделно.
– Се обидуваме да го решиме македонското прашање, многу е комплексно со оглед на политичката ситуација во Бугарија но и во Македонија, рече тој.
За Косово на маса ќе биде визната либерализација само ако ЕУ добие гаранции за миграција и безбедност. А за Босна и Херцеговина тие ќе побараат од Европската Комисија да најде начин да го забрза процесот со реформските приоритети кои сѐ уште не се исполнети, за да се види дали во иднина е можен кандидатски статус.
-Треба да се решат одделни случаи кои се презентираат и кои се доста сериозни затоа што може да дестабилизира некој дел на Западниот Балкан. Во овој контекст, предлогот за Европска политичка заедница беше многу, многу добро примена од страна на земјите на Западниот Балкан затоа што и самите гледаат дека, иако се даде нова динамика, дури да се дадат повторно гаранции за процесот на пристапување, за тоа ќе биде потребно време. Така што добивањето веднаш на таа политичка рамка каде земјите кои се на европскиот континент и споделуваат исти вредности и аспирации можат да се здружат и интересно за нив, вели овој дипломат за МИА за денешниот лидерски состанок.
Во меѓувреме Бугарија остана на својата позиција, премиерот во заминување, Кирил Петков, изјави дека барањата на Бугарија всушност биле барања на Европа. Несомнено Софија за оваа изјава доби охрабрување и по твитот на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји кој напиша дека барањата на Софија ќе бидат дел од преговарачкиот процес со Северна Македонија.
На крајот на вчерашниот ден се огласи францускиот претседател, Емануел Макрон, кој, и покрај одбивањето на Северна Македонија, останува уверен дека е можен договор до крајот на овој месец.
– Блиску сме до договор што овозможува правда за бугарските барања и е компатибилен со тоа што Северна Македонија може да го направи, потребно е видливост и доверба, во следните часови ќе има гласање на бугарскиот Парламент, ќе гледаме кон бугарскиот претседател и партиите од сегашното мнозинство, опозициските партии, рече Макрон, и додаде дека со „Северномакедонците“ во следните часови ќе разгледува начин да се склучи договорот, за до идната недела да помине на амбасадорско ниво и да се деблокира процесот, изјави францускиот претседател Емануел Макрон.
Тој ја поздрави храброста на некои лидери на Северна Македонија како Зоран Заев кој го смени Уставот и името на државата.
– Една земја членка со задоцнување побара промени, рече Макрон за Бугарија, но додаде дека ЕУ не може да се преправа дека тие не постојат и истакна дека има политичка криза во Бугарија.