ДОМ ќе ја напушти Владата ако се прифати францускиот предлог

Демократската обнова на Македонија (ДОМ) објави дека ќе ја напушти Владата ако се прифати францускиот предлог. Ваквата одлука, како што информираа вечерва од партијата, била разгледана на денешниот состанок на Извршниот одбор во проширен состав.

– Раководството на ДОМ едногласно донесе став дека овој предлог е неприфатлив и Владата треба да го отфрли. Отворените прашања со Бугарија треба билатерално да се решаваат во добра волја, взаемна почит и согласно европските вредности. ДОМ останува на ставот дека за македонскиот јазик и идентитет не смее да се преговара. Доколку Владата го прифати овој т.н. француски предлог, ДОМ ќе ја напушти Владата и парламентарното мнозинство, се вели во соопштението од ДОМ.

Од ДОМ сметаат дека овој предлог ќе го претвори пристапниот процес за членство на земјава во ЕУ во бескрајна агонија и го доведува во неизвесност и самото започнување на преговорите.

Претходно, со ист став, излегоа и Демократскиот сојуз и ЛДП.