ДЕЛ ОД РОМАНОТ „АЛЕКСАНДАР ВЕЛИКИ“ (МАКЕДОНСКИ) ОД
УЛРИХ ВИЛКЕН ВО ПРЕВОД НА СЛАВЕ КАТИН)
Во тој период две Египќанки се омажија за двајца македонски воени гувернери, а тврдините на Мемфис и Пелузиум го примија својот посебен командант. Спротивно на оваа децентрализација, целата финансиска администрација беше во рацете на Клеомен од Наукрат.
Старешините на подрачјето мораа да му плаќаат данок веднаш по воспоставувањето на поранешната положба. Несомнено населението беше искрено задоволно дека собирањето на данокот не беше во рацете на странец, туку во рацете на човек од нивното место. Александар Македонски си замина од Египет со сознанието дека народот се чувствува ослободен од товарот што го носеше од повторната окупација на Окус. Легендата можеше да го воздигне Александар како син на последниот домашен крал Нектанебо II.
Во почетокот на пролетта 331 година, Александар Македонски тргна од Мемфис и продолжи кон Феникија, каде што се задржа малку време во Тир. Овде направи многу измени во власта на освоената територија. Значајно е да се спомне дека назначи двајца важни финансиски офицери, еден за Мала Азија, западно од Таурус, а другиот за Галиција, Феникија и Сирија.
Додека Александар Македонски најпосле го изврши предавањето на атинските заробеници кај Граник на атинската амбасада, што порано го одбиваше, затоа што сакаше да изврши влијание врз мислењето во Атина, во Елада Агис беше зафатен со врбување на регрути од Сојузот за борба против него. Агис извојува победа над силите на Македонија во изминатата зима и во пролетта успеа да ги придобие на своја страна Елис, Ахаените (сите но не и Пелен) и Аркадијанците (сите но не и Мегалопол).
Доколку персиската флота се уште егзистираше, во таа ситуација тешко дека Александар Македонски би можел да се пробие во срцето на Азија. Но бидејќи сега тој го контролираше морето, можеше да му верува на Антипатер и со задоволство да ја испрати својата флота, засилена со повеќе од 1000 бродови, од Кипар и Феникија, со цел да ги заштити Пелопонезијците кои му останаа верни.
Откако му ја даде својата втора понуда на Александар Македонски, Големиот крал започна со огромна брзина да собира голема војска во Вавилон. Во тоа време кога веќе Запад беше загубен, само народот од Исток го снабди со војска. Покрај Персијците и Медесите имаше и добри племиња од источен Иран, како што беа Бактријанците и Согдијанците под намесникот Бес од Бакгрија, Аракозијанците и Аријанците, Партијанците, Хирканијанците и други.
Скитијанските Саки, не како потчинети туку како сојузници, испратија контингент, а и Индијците кои живееја од оваа страна на реката Инд испратија петнаесет слонови. Повторно не треба да се прифатат фантастичните бројки: повеќе автори спомнуваат еден милион пешадија и 40.000 коњаници. Но, бројот на противничката војска со која Александар Македонски несомнено требаше да се соочи, беше многу голем.
Тврдењето дека оваа персиска војска беше многу побројна од онаа што се бореше кај Ис, несомнено е точно. Освен тоа, тргнувајќи од своето искуство кај Ис, Дарие мораше во извесна мера да го подобри вооружувањето на единиците. Тој ја зголеми убиствената моќ на своите коли со тоа што на тркалата постави косила и долги копја на врвот од горниот дел, кои, како и денешните тенкови, сееја смрт во непријателските редови.
Секој би признал дека тој направи целосна подготовка за решавачката битка. Откако сфати дека многу настрада кај Ис поради ограничениот простор, овојпат избра широка рамнина, како што настојуваше да го направи во Сохој. Тоа се случи на левиот брег од реката Тигар, северно од стариот „град на четирите богови” Арбела (денешен Ербил). Таму ја поведе својата војска од Вавилон, веднаш штом слушна дека Александар тргнал од Феникија.
Од Тир Александар Македонски настапи северно кон Еуфрат, со цел да ја премине реката кај Тапсак. Неговите инженерски единици веќе започнаа да градат два големи моста преку реката Еуфрат, но не ги имаа завршено, бидејќи од другата страна беше Мазај, намесникот на Сирија и на Месопотамија, стациониран таму со неколку илјади војници повеќе да го шпионира приближувањето на Александар Македонски, отколку да го спречи преминувањето.
Тоа беше во интерес на Дариј: да го натера Александар Македонски да оди преку Еуфрат и Тигар на бојното поле што тој го избра.
Веднаш штом Александар Македонски се приближи до Тапсак, Мазај исчезна, мостовите беа довршени, а Александар слободно ја поведе својата војска преку реката. Оттука тој тргна кон север во северна Месопотамија, веројатно по стариот каравански пат до Каран и Едеса, а потоа продолжи јужно од Арменската гора источно по патот до Низиб на Тигар.
При приближувањето до Тигар, лажно беше известен од фатениот персиски шпион дека Дариј го чека од другата страна на реката Тигар, за да го спречи неговиот премин. Меѓутоа, кога насилно настапи и дојде до реката, не го најде ни Дариј, па дури ни стражарска единица на Персијците и можеше да премине преку Тигар без пречки, но не и без некои тешкотии, бидејќи оваа брза река овде оправдано го добила името „брза како стрела”.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН