ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ИЗРАЕЛ И МАКЕДОНИЈА“ НА СЛАВЕ КАТИН
Денес во Израел има повеќе од 300 кибуци кои почнале да се формираат пред Првата светска војна, со првите доселувања на голем број Евреи, особено од Русија. Тие се карактеризираат со заедничка сопственост над земјиштето и над средствата за производство, како и со заедничката распределба според потребите на членовите на семејството и можностите на кибуцот. Дел од нив се формирани и под влијание на разни политички и верски организации.
Жителите во кибуците, главно, се занимаваат со производство на жито, памук, портокали, лимони, авокадо, банани, урми и со одгледување на други култури, а во некои од нив е доста развиено и сточарството, млекопроизводството и неговата преработувачка. Нивните потреби се заокружени во една целина која синџиресто е поврзана поради поголемо искористување на сите резерви и за што е можно поголемо задоволување на сите потреби на населението во кибуцот, во кој сите добиваат подеднакво.
Според пишаните податоци, моментално во кибуците живеат околу пет отсто од вкупното израелско население, меѓутоа во последно време некои од нив постојано ја губат колективната форма на живеење, за што младите генерации се изјаснуваат за поголема независност во креирањето на сопственото живеење.
Со доселувањето на руските Евреи, е формиран првиот кибуц – Дегонија, во 1905 година, во непосредна близина на Галилејското Езеро. Но, за еден од постарите кибуци се смета и Гинозард кој е подигнат на самиот брег на Галилејското Езеро и тоа на простори кои до пред седумдесет години биле непроодно мочуриште.
Во Гинозард, во 1986 година, е пронајден еден чамец за дванаесет лица и тоа сосема случајно, кога жителите од кибуцот се обидувале да го извадат пропаднатиот трактор во меката кал крај галилејското крајбрежје.
Според досегашните испитувања на археолозите и на други научни работници и историчари, чамецот е стар околу 2000 години. Некои претпоставуваат дека тоа е чамецот со кој пловел Исус Христос заедно со своите ученици по Галилејското Езеро. Библиските преданија од Новиот завет говорат дека токму овде Исус одел по тогашното Галилејско Море и како Божји син успеал да ги смири разбеснетите бранови што силно удирале по чамецот и да ги спаси своите ученици да не се удават.
Евреите посветуваат големо внимание на животната средина. Таму, навистина екологијата ја негуваат и почитуваат од најмалите до најстарите и се води голема грижа за иднината на земјата
Израелците не градат фабрики во градовите. Индустриските преработувачки капацитети, претежно ги лоцираат на периферијата на приморските региони или, пак, најчесто на пределите на Јудејската Пустина и на пустината Негев. Со тоа настојуваат, нивните градови, а особено поголемите, да останат со чиста и здрава животна околина и да се одржи бистрината на тие мали количества вода, што не се доволни ниту за водоснабдување на населението ниту, пак, за наводнување. На тој начин уште повеќе ја искористуваат пустината.
Во последно време во пустинските предели сѐ почесто се врши преселба на плантажи со некои култури што се поотпорни на суша. Оттука и не е ништо необична глетката на протегнатите пластични црева од системот „капка по капка“ на поголемиот дел од песочните дини, каде што температурата достигнува и до над 50° Целзиусови.
Во последно време се изведуваат и нови посовремени активности со копање бунари во песочната почва. Во нив се собира водата од дождот која потоа се прочистува до бистра капка за наводнување на новоосвоените производни површини. Всушност, Евреите така се снабдувале со вода уште од најстарите времиња, зашто во Израел врнежите се многу ретки, тие изнесуваат одвај 100 милилитри на метар квадратен, а во пустинските предели ги име уште помалку.
Единствената врнежлива сезона е од декември до февруари и затоа секоја капка дожд е скапоцена и таа мора да се искористи најрационално. А водата за Израел значи живот и не случајно Евреите велат дека имаат проблеми со две дупли „В“ (W), вода и војна.
Израел е карактеристичен и по бедуинските населби кои се распространети во сенките на издигнатите ритчести предели. Нивниот живот е организиран под импровизирани шаторски крила, но тоа е само местото за преноќување. Другиот дел, буквално, го минуваат под ведро небо, пасејќи стада кози и овци. Но, тие не се толку сиромашни колку што оставаат впечаток нивните населби, туку тоа е нивниот стил на живот уште од времето на Абрахам.
Често го менуваат своето место на живеење, а некои подолго време остануваат на едно место само ако имаат генератори за струја или, пак, доволно вода во ископаните бунари. Но, во последно време и тие се организираат и подигаат нови градови. Претежно се занимаваат со сточарство, со производство на волна, на месо, на кожа итн., а доволно заработуваат и од продажбата на сувенири и од организирањето на своевидни атракции со јавањето на камили. Во последно време се занимаваат и со производство на маслинки во пустински услови.
Со животот на Бедуините особено се запознавме на патот од Ерусалим до Мртвото Море. Така, колку повеќе се навлегува во пустината, во најсушниот и најтоплиот дел од државата, толку повеќе патот се спушта до местото каде е означено со нултата точка. На поставената табла овде е запишана голема нула. Надолу теренот се спушта кон просторот каде се наоѓа Мртвото Море.
Овој единствен феномен во светот се формирал во некогашните пукнатини под површината на Мртвото Море. Така, некогашната водена површина што се протегала одовде па сè до устието на реката Јордан и до Галилејското Езеро се загубила, или, пак, како што постојат тврдења се поделила на два дела. Северниот дел го опфаќа денешното Галилејско Езеро кое порано имало солена, а денес слатка вода и сегашното Мртво Море кое лежи во долниот дел на тектонската долина и кое има најсолена вода од сите солени мориња.
Оттука и не случајно денешната површина на Мртвото Море се наоѓа на најниската точка, дури на минус 410 метри под морската површина, која, поради природните (не)погоди и човечкиот фактор има постојано опаѓање, со тенденција на исчезнување. Затоа, израелските власти се заинтересирани преку подводни канали да донесат солена вода од Средоземното Море.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН