Антим Поповски, протојереј- ставрофор (1902 – 31. III 1987) е македонски свештеник, учесник во Народноослободителната антифашистичка војна на Македонија (НОАВМ), борец за духовна и национална слобода на македонскиот народ. Заедно со свештениците Вељо Манчевски и Кирил Стојанов го организирал Првиот свештенички собир во октомври 1943 година, во село Издеглавје, на кој била донесена одлука за организирање на Македонска православна црква, како возобновена Охридска архиепископија и бил избран за прв архиерејски намесник за ослободената територика во 1943 година, во служба на Главниот штаб на НОВ и ПОМ.
Антим Поповски е роден во 1902 година, во селото Слатино, Дебарца. Потекнува од свештеничко семејство, од татко свештеник – учесник во Илинденското востание во 1903 година. Како син на бунтовник, опасен за српската власт, Антим бил протеруван од школските управи и немал можност за ја заврши богословско-учителската школа во Битола.
Во неможност да се школува заминал на печалба во Белград. Таму го посетувал друштвото Вардар, организирано од македонските студенти. Во друштвото воспоставил контакти со Петре Пирузе, Петар Богданов – Кочко, Кузман Јосифовски – Питу и многу други Македонци, прогресивни личности, од кои го надоградувал своето знаење.
Со своето однесување Антим ја освоил довербата на Кузман Јосифовски – Питу, кој заедно со Петре Порузе во ноември 1941 година го организирале неговото запопување во Тирана кај владиката Кристофор.
Антим бил учесник во НОБ, во служба на Главниот штаб на НОВ и ПОМ. Тој е во проширениот состав на ГШ на НОВ и ПОМ и ја води комисијата за верски прашања. Заедно со свештениците Вељо Манчевски и Кирил Стојанов го организирал Првиот свештенички собир во октомври 1943 година во селото Издеглавје, на кој била донесена одлука за организирање на Македонска православна црква, како возобновена Охридска архиепископија. Свештеничкиот собир во Издеглавје претставува континуитет на непрестаната врска на црквата и свештенството со својот народ и неговата борба за народна и црковна слобода.
На 23 октомври 1943 во Издеглавје, Охридско, на собранието на кое присуствувале 11 од 13 свештеници, а во присуство на претставници на повеќе народноослободителни одбори, биле донесени значајни одлуки. Свештениците и македонските христијани беа повикани да се вклучат во народноослободителното движење и со сите сили и средства да ја помагаат народната војска, Меѓудругото, било формирано и првото архијерејско намесништво на ослободената територија, за прв намесник бил избран свештеникот Антим Поповски, а намесништвото било поделено на 9 парохии.
Протојереј- ставрофор Антим Поповски починал на 31 март 1957 година во Скопје.