Односите меѓу Северна Македонија и САД бележат постојано унапредување што беше потврдено и со почетокот на процесот за Стратешки дијалог во Вашингтон на 2 јуни годинава, истакнале денеска на средба премиерот Димитар Ковачевски и заменик-помошникот на државниот секретар на Соединетите Американски Држави за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој учествува на годинешното издание на Преспа форумот за дијалог во Охрид.
-За истакнување е фактот, беше потенцирано за време на разговорот, што Северна Македонија е првата земја од Западен Балкан која го започна стратешкиот дијалог со САД како следна напредна фаза во политичката и економската соработка со идентификување на нови проекти и иницијативи од заеднички интерес, пренесува владината прес-служба.
На средбата Ковачевски и Ескобар разговараа за актуелната состојба во светски рамки, кризата предизвикана од воената агресија на Русија врз Украина, која уште еднаш е оценета како неоправдана и со ништо неиспровоцирана и како исклучително сериозна за меѓународната безбедност и сигурност.
-Премиерот Ковачевски во разговорот со Ескобар истакна дека Северна Македонија продолжува да ги применува стратешките политички определби за поддршка на процесите за активно учество на Северна Македонија во операциите на НАТО, како и за забрзување на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ. Заменик-помошникот на државниот секретар на Соединетите Американски Држави за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар, ја нагласи неопходноста од итен почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ и ја потенцираше поддршката на САД за изнаоѓање заеднички прифатливи решенија за билатералните прашања со Република Бугарија, информира владината прес-служба.
Секое натамошно одлагање на тој процес, нагласиле двајцата соговорници, предизвикува сериозни регионални последици и ги поттикнува ризиците за зголемено влијание на трети страни.
Премиерот Ковачевски на средбата ги посочил придобивките од иницијативата „Отворен Балкан“, која, како што потенцирал заменик-помошникот на државниот секретар Ескобар, САД целосно ја поддржува и ја оценува како особено значајна за регионалниот развој и за забрзување на европската интеграција на земјите од Западен Балкан.