Започна вториот Преспа форум за дијалог – најголемата меѓународна конференција во земјава

„Градењето на иднината на Западниот Балкан во современата европска безбедносна архитектура“ што има за цел да ги отслика актуелните надворешно – политички предизвици, но и современите безбедносни закани со кои се соочуваме. е носечка тема на вториот Преспа форум за дијалог,  кој е во организација на Министерството за надворешни работи и под покровителство на претседателот Стево Пендаровски.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи на брифинг со медиумите, истакна дека темата е на линија на новиот безбедносен феномен, кој од темел го разниша поредокот кој обезбедуваше цврста безбедност и долгорочна стабилност.

-Западниот Балкан неминовно е дел од оваа нова архитектура на меѓународните односи, особено од аспект на новата безбедноста архитектура на Европа. Тоа во моментов е најважната тема за нас, но и безбедносно прашање кое е високо на агендата и кај нашите партнери во останатиот дел од Европа. А во изградбата на иднината на Западниот Балкан како дел од европската безбедносна архитектура, централно место зазема европската и евроатлантската перспектива на регионот,  истакна Османи

Меѓу темите за дискусија на годинешниот ПФД ќе бидат и градењето на отпорна безбедносна средина, зацврстување на стратешките партнерства, економската соработка, зелената агенда, климатските промени и влијанија, улогата на жените и младите во општествените текови кои ќе бидат адресирани на голем број панели со реномирани учесници.

Шефот на дипломатијата нагласи дека значењето на ПФД се потврдува со учеството на претседатели од регионот, меѓу кои Борут Пахор од Словенија, Зоран Милановиќ од Хрватска, Вјоса Османи од Косово, Мило Ѓукановиќ од Црна Гора, но и премиерот на Косово Албин Курти и премиерката на Србија- Ана Брнабиќ.

На форумот за посочените теми ќе говорат голем број министри за надорешни работи, како Александар Шаленберг од Австрија, Никос Дендиас од Грција, Горан Грлиќ Радман од Хрватска, Иван Корчок од Словачка, Збигнев Рау од Полска, Мевљут Чавушоглу од Турција, надбискупот Пол Ричард Галагер, секретар на Светата столица за односи со државите и други. Дополнително, на форумот учество ќе земат истакнати претставници на меѓународните организации како генерална потсекретарка на Обединетите Нации за политички прашања – Розмари ди Карло, актуелната генерална секретарка на ОБСЕ Хелга Шмит, итн.

Османи како особено значајно го нагласи тоа што на годинешниот ПФД на едно место по прв пат ќе се соберат петте специјални претставници за Западен Балкан: од САД заменик помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања Габриел Ескобар, потоа Мирослав Лајчак од ЕУ, Сер Стјуарт Пичод Обединетото Кралство, Мануел Сарацин од Германија и од Австрија Јоханес Ајгнер. Петорка ќе имаат засебен состанок со претставници од земјите од Западен Балкан каде ќе се разгледаат европските и евроатлантските перспективи на регионот во период што следи, но ќе стане збор и за регионалната иницијатива Б6 иницирана од наша страна на минатогодишниот ПФД.

-Успешната организација на Преспа форумот за дијалог, кој воедно се совпаѓа со четиригодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор, ја потврди нашата цел поставена минатата година, истиот да прерасне во докажан бренд и редовна платформа за градење на мостови, култура на пријателство и доверба, помирување на народите, зближување и надминување на стереотипите. Северна Македонија го потврди своето место на мапата на меѓународната заедница како сериозен партнер од кој произлегуваат позитивни иницијативи и уште еднаш успеа да се докаже како значаен сојузник, особено кога се работи за придонесот во меѓународните односи, порача министерот за надворешни работи Османи.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *