Политичките надмудрувања во Гостивар се уште го кочат донесувањето на буџетот на општината

Политичките надмудрувања и натаму го кочат донесувањето на буџетот на општина Гостивар.

Прекинатата трета седница на советот на општина Гостивар, на која треба да се расправа за буџетот, наместо денеска, ќе продолжи утре. Ова решение дојде откако претседавачот ја прифати писмената препорака на градоначалникот, дека салата за седници е зафатена и резервирана од претходно.

– Имајќи го во предвид вашето барање, Ве известувам дека нема услови за одржување на седницата што сте ја сте ја закажале. Во тој период закажани се средби со високи претставници на ЕУ. Истиот ден, салата на Советот на општината е резервирана за активности на Младинскиот форум предвидени со програма од 09.00-14.00 часот, се наведува во писменото известување на градоначалникот по барањето на претседавачот со советот за овозможување на услови за одржување на третата седница.

Иако во јавноста владее голем интерес, исходот околу изгласувањето на општинскиот буџет сé уште е неизвесен. Во советот нема јасно дефинирано мнозинство со оглед на превирањата од претходните седници. На една од претходните седници советничката од НДП се изјасни дека ќе гласа за Предлог буџетот со што рамнотежата на „политичката нишалка“ се измести и се доби впечаток за ново мнозинство. Таа седница траеше повеќе од пет часа и покрај паузите и консултациите, не дојде до гласање.

Минатата среда, повторно беше прекинато продолжението на седницата откако градоначалникот Таравари го повлече Предлог-буџетот од дневен ред за да се собират предлози за надополнување и измени на некои ставки по барање на советниците.

Од советничката група на ДУИ, која го предводи мнозинството, искажаа незадоволство и посочија на непринципелност, па преку претседавачот Насир Муслиу иницираа продолжување на седницата за денеска, на која како што најавија ќе го усвојат буџетот, бидејќи имале мнозинска поддршка.

– Седница ќе има и ние со поддршка на СДСМ, НДП и советникот од ромската партија ќе го изгласаме буџетот, за доброто на граѓаните. Ќе го одобриме целиот предлог-буџет освен делот што се однесува на средствата за договорите за времени вработувања кои се надвор од законските норми, наведуваат ДУИ.

Дека исходот ќе биде неизвесен најавува и изјавата на градоначалникот Арбен Таравари. Тој вели дека бил во право кога го повлече буџетот, а гласањето ќе биде незаконски потег. Тој појасни дека во периодот што им го даде на советниците за дополнувања на предлог-буџетот добил околу 100 предлози за измени.

– Информиран сум дека ќе се гласа за некаков буџет, но не знам за што ќе дискутираат и гласаат, кога јас, како предлагач на буџетот, врз основа на точка 158 алинеја 2, додека сé уште траеше дискусијата, го повлеков од дневен ред. Ова е ситуација сосема спротивна со сите законски норми и правила, изјави Таравари.

Мнозинството во Советот и локалната власт месеци наназад меѓусебно се обвинуваат за опструкции во функционирањето на општината. Предлог-буџетот за прв пат беше ставен на дневен ред на 5 март. Советниците од мнозинството даваа свои предлози во дискусиите, а останатите бараа да се изгласа така како што е предложен. На продолжението на седницата во средата пак, предлози почнаа да даваат советниците од партијата на Таравари, што резултираше тој да го повлече буџетот од дневен ред.

Доцнењето на донесувањето на овој финансиски документ ја доведе локалната самоуправа во состојба на времено финансирање. Последиците од неизгласувањето на буџетот се одразуваат со отежнато исплаќање на платите во образованието и администрацијата.

Доколку општина Гостивар не добие буџет до 31 март, според законската рамка треба да следи самораспуштање на советот и распишување на нови избори за членови на Советот.