Генчовска најави оставка

Бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска денеска најави дека ќе поднесе оставка, поради тоа што дознала дека премиерот Кирил Петков водел разговори со европски дипломати за тргање на ветото за Северна Македонија. Генчовска за БТВ изјави дека во текот на денот ќе ја депонира нејзината оставка до Собранието, поради што не знае дали таа ќе присустува на престојната средба со германскиот премиерт Олаф Шолц, кој в сабота доаѓа во посета на Скопје и Софија.

Генчовска денеска изјави дека постојат записи за средби на премиерот Кирил Петков со европски дипломати на темата Северна Македонија. Таа нагласи дека од секоја средба има стенограми, со различен степен на доверливост и додае дека таа лично не присустувала на сите средби кои Петков ги имал со европски дипломати.

-Не сум присустувала на сите разговори на Петков со дипломати, но во нашите разговори со претставници на ЕУ институциите не информираа дека има други сигнали, рече Генчовска одговарајќи на прашањето дали таа ги видела записите од тие средби во кои Петков бара заобиолување на ветото.

Нагласи дека тие записи се од неодамна, се со назнака доверливо, а на прашањето дали се чувствува притисок врз Софија да го крене ветото, таа одговори дека притисокот бил поголем во јануари и февруари, но оти тие од првиот ден ја кажале нивната позиција и сега, како што рече, нивните европски партнери имале разбирање за нив.

-Министерството за надворешни работи е совршена институција. По секоја средба има стенограми. Тие според содржината имаат различна класификација и по потреба може да се покажат, додаде Генчовска и напомена дека надворешната политика не треба да зависи од политичките партии.

Претходно Тошко Јорданов од Има таков народ (ИТН) изјави дека Петков бара начин да ја заобиколи коалициската спогодба за Северна Македонија. Јорданов рече дека наводно се воделе разговори со европските дипломати, а тоа се случувало во изминатите три до четири месеци.

-Ставете се на местото на дипломатите, кои во разговор со министерката Теодора Генчовска слушаат едно, а во други разговори со претставници на премиерот или дури и од него слушаат друго. Се бараше начин да се заобиколи коалициската спогоодба и да почне процесот на приклучување на Република Северна Македонија без практично да има гаранции за исполнување на Договорот, потпишан меѓу двете држави, рече Јорданов.

Бугарското собрание има 240 пратеници, од кои 67 се од партијата на Петков „Продолжуваме со промената“ и 16 од Демократска Бугарија. Овие две партии се дел од владината коалиција, кои имаат помек став во однос на деблокадата на македонските евроинтеграции.

БСП и Има таков народ, од каде доаѓа Генчовска, се другите две партии во влидината коалиција, кои имаат став како тој на бугарскиот претседател Румен Радев, дека не смее да се тргне ветото додека Северна Македонија не ги исполни условите. БСП има 26 пратеници, а Има таков народ 25 пратеници.

Опозициската партија Движење за права и слободи има 34 пратеници и помек став во однос на прашањето со Северна Македонија. Тринаесет пратеници има партијата Преродба, која се смета за проруска и за која „Македонија е втората бугарска држава на Балканскиот Полуостров“. Најголемата опозициска партија ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов, има 59 пратеници.

Бугарски  социолози и коментатори јавно ги изразија своите очекувања за тоа како ќе се развива политичката ситуација во земјата откако лидерот ИТН, Слави Трифонов, вчера најави дека ќе ги повлече своите министри од владејачката коалиција.

За тиражниот софиски весник „24 часа“, социологот Геновева Петрова од Алфа Рисрч, изјави дека потегот на Слави Трифонов во голема мера беше предвиден, истакнувајќи дека партијата ИТН е еден од главните елементи на нестабилноста во бугарската владејачка коалиција.

Како што пренесе дописникот на МИА од Софија, Петрова сугерира дека бугарската малцинска влада ќе биде новата парламентарна конфигурација. Тоа ќе биде поврзано со префрлање на актуелните проблеми во Народното собрание, кои ја попречуваа актуелната владејачка коалиција. Според неа, ќе бидеме сведоци на тешки разговори, стискање раце, ултиматуми и политички „замки“. Според Петрова, формирањето на малцинската влада ќе биде привремено решение.

Според политикологот на „Тренд“, Димитар Ганев, постојат три опции за развој на политичката ситуација во Бугарија. Првата опција е поврзана со недостигот од 11 пратеници, кој мора да се надомести со 11 нови пратеници или дел од распуштање на пратеничка група. Втората опција е да се формира нова влада во рамките на овој бугарски Парламент со уште еден премиер и други поддржувачки партии од трите партии, кои според бугарскиот Устав имаат право да учествуваат во добивањето мандат за негово формирање. Според Ганев, третата опција е да се оди на предвремени парламентарни избори во септември, на кои, според досегашните анкети, ГЕРБ би била прва политичка сила, но рано е да се каже што ќе предложи владата.