Ковачевски ги пречека лидерите од регионот: Со Отворен Балкан отвораме нови перспективи за нашите држави

Премиерот Димитар Ковачевски вечерва заедно со своите колеги од Владата, во вилата „Билјана“ во Охрид ги пречека лидерите од регионот, кои утре, ќе учествуваат на официјалниот дел од самитот на „Отворен Балкан“.

Пред почетокот на работната вечера Ковачевски им посака добредојде на српскиот претседател Александар Вучиќ, на премиерите на Албанија, Еди Рама, на Црна Гора, Дритан Абазовиќ и на претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија, нагласувајќи дека со особена чест ги пречекува на Самитот, посветен на иднината на иницијативата „Отворен Балкан“.

-Ја нагласувам иднината, затоа што докажавме дека Отворен Балкан го става зад себе минатото. Наместо ѕидови како некогаш, Отворен Балкан гради мостови. Отвора нови перспективи за нашите држави, за нашите народи, за нашите економии и за нашите општества, истакна Ковачевски во поздравниот говор пред почетокот на работната вечера со колегите од регионот.

 

Ковачевски, како што пренесува владината прес-служба, посочи дека иницијативата „Отворен Балкан“ ги брише границите меѓу народите на земјите од регионот и преку заедничката соработка и поврзаност ја остварува заедничката визија за споделување на европските вредности.

-Со Отворен Балкан се поврзуваме со јасна, отворена и јавна намера нашите народи да ги почувствуваат директните економски придобивки од олеснувањата кои ги обезбедуваме. Со претседателот Вучиќ и со премиерот Рама се согласивме дека европеизацијата и имплементацијата на европските вредности во Северна Македонија, Србија и Албанија нема зошто да чекаат. И овој пат порачуваме дека поканата за придружување кон иницијативата Отворен Балкан е отворена за сите земји од регионот.  Вечерва со нас се Црна Гора и Босна и Херцеговина и се надевам дека оваа иницијатива ќе се проширува и понатаму, истакна премиерот Ковачевски порачувајќи дека поканата за придружување кон иницијативата „Отворен Балкан“ е отворена и за сите земји од регионот.

Поздравувајќи ги гостите, премиерот Ковачевски посака успешен и просперитетен самит со нови идеи за развој на регионот и за придобивки за сите граѓани.