ДЕЛ ОД РОМАНОТ „АЛЕКСАНДАР ВЕЛИКИ“ (МАКЕДОНСКИ) ОД
УЛРИХ ВИЛКЕН ВО ПРЕВОД НА СЛАВЕ КАТИН
Птолемеј кој јаваше зад Александар Македонски пренесува дека во бегството тие јавале преку клисурата која била исполнета со непријателски корпуси. Кога падна мракот Александар Македонски го прекина гонењето и се врати на реката Пинар. Овде, персискиот кралски логор со сиот свој ориенталски раскош падна во рацете на победникот.
Највредната добивка беше кралското семејство – мајката и жената на Дариј со нејзините три деца – кои како заложници можеа да бидат од голема вредност. Истата ноќ, кога тие го жалеа Дариј мислејќи дека е мртов, Александар Македонски ги извести оти тој е жив.
Тоа, впрочем, не беше вообичаена дипломатска игра, која го натера да се однесува со почит кон оваа жена како спрема кралица, бидејќи и по смртта на Дариј тој се однесуваше на ист начин како кон мајка која го спасила. Но, подобро е овде да го разгледаме витештвото што беше типична особина на Александровиот карактер.
Александар Македонски отиде толку далеку со своето почитување кон мајката на Дариј, што дури и не ја зауши кралската сопруга Статеира, која што во тоа време ја сметаа за најубава жена во Азија.
Така, на почетокот од ноември 333 година, огромната војска на Големиот крал беше победена и разединета, а тој самиот прогонет. Само 8.000 антички грчки наемници побегнаа преку планините. Веста за возбудливиот настан се пренесе низ целиот антички свет, при што исходот од битката беше пречекан со голема возбуда.
Сите непријателски расположени елементи се надеваа на персиската победа, а најмногу Демостен, кој по добивањето на писмата од Исток триумфално ја обиколуваше Атина, објавувајќи дека Александар е отсечен од Киликија и дека наскоро ќе биде уништен од персиската коњица.
Оние, пак, што беа пријателски расположени спрема античките Македонци беа многу загрижени. Потоа, веста за брилијантната победа на Александар Македонски одекна како гром од ведро небо, предизвикувајќи веселба на бојното поле, а потиштеност во Античка Грција.
Чувствата на пратениците на федералниот совет на Коринтската лига мора да биле многу различни кога на наредниот редовен состанок за Истмијанските игри во 332 година, решија на Александар Македонски да му испратат златен венец преку амбасадорот, со цел да му ја честитаат победата и да му заблагодарат за она што го направи за спасувањето и слободата на античка Елада.
Веста за победата ги скрши персиските адмирали во Егејот и сите изгледи за нивна соработка со античките Грци исчезнаа засекогаш. Тие штотуку започнаа да се договараат со Агис, спартанскиот крал, на островот Сифнос, но кога пристигна приливот и одливот, веднаш се разотидоа.
Фарнабас брзаше кон Киос за да го заштити од победникот по дознавањето на веста. Агис, меѓутоа, не го напушти својот план за водење војна, туку позајми триесет таланти и десет триреми од Персијците, со цел да го присвои Крит за свои цели.
Победата кај Ис предизвика многу измени и кај самиот Александар Македонски. Додека по битката на Граник силно ја изразуваше својата хегемонија во Еленистичката лига, сега тој првпат јавно го побара владетелството над целата персиска империја. He ce знае дали оваа голема амбиција не беше била присутна кај него од порано.
Може да се претпостави дека веројатно пророштвото од Гордион, кое му вети суверенитет над Азија, му ги определи мислите, а таа намера не му беше целосно чиста се до Ис кога лично го порази Големиот крал.
Александар Македонски пројави веднаш по битката кај Ис во писмото до Дариј како одговор на барањето на Дариј за предавање на неговото семејство и на неговата понуда за пријателство и сојуз. Ова писмо Аријан го презентира во една значајна автентична форма, а тоа е еден од најинтересните документи кој се однесува на животот на Александар Македонски.
Во почетокот Александар Македонски изјавува дека како избран хегемон на античките Грци ја окупирал Азија за да се одмазди “за злото сковано од претците на Дариј спрема Античка Македонија и спрема другите во Античка Грција“.
Потоа раскажува за непријателските недела што ги беа извршиле Окус, а потоа Дариj, против Филип Македонски и лично против него. Бидејќи сега, по победите на Граник и кај Ис, со милост на боговите ја поседува земјата и е господар на цела Азија, му дозволува на Дариј да дојде кај него и да го прими своето семејство. Во иднина Дариј мора да му се обраќа како на крал на Азија, а не како рамен на него. Доколку не се согласува со ова, му дозволува да војува но не и да бега, бидејќи ќе го фати каде и да е.
И овој пат ќе нагласиме дека во изминатите и во наредните продолженија ќе се обидеме да го претставиме историскиот роман „Александа Велики“ од германскиот научник Урлих Вилкен (Ulrich Wilcken ALEXANDER THE GREAT), преведен и прилагоден од англиски на македонски како „Александар Македонски“ од Славе Николовски-Катин, а во издание на Издавачката куќа „Мисла“ од Скопје, во 1988 година. Преводот на романот „Александат Македонски“ беше прво дело за Античка Македонија на македонски јазик и беше добро прифатен пред триесет и пет години
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН