ДЕЛ ОД РОМАНОТ „АЛЕКСАНДАР ВЕЛИКИ“ (МАКЕДОНСКИ) ОД
УЛРИХ ВИЛКЕН ВО ПРЕВОД НА СЛАВЕ КАТИН
По смртта на Мемнон Персијците презедоа воен напад на запад, ги окупираа Митилен и Тенед, кои го раскинаа договорот со Александар Македонски и врз основа на Кралскиот мир повторно влегоа во сојуз со Големиот крал. Александар Македонски сепак можеше без грижа да ја остави на своите адмирали и на Антипатер обновата на островите и смирувањето на запад.
Во пролетта 333 година Александар Македонски го напушти Гордион и замина за Кападокија преку Анкара (сегашниот главен град на Турција), со цел да сврти кон југ и со најголема можна брзина да ги освои преслапите на Тавр. Само што помина мал дел од Кападокија Александар Македонски не наименува намесник антички Македонец, туку Сабитка – припадник на месното население, со што се потврди дека немаше сила да го воведе античкиот македонски режим како што тоа го направи на Запад.
Немаше време да ја пороби целата земја. Само Јужна Кападокија со Тавр ја направи намесништво, Северна Кападокија со Понт и со принцот Аријарат не му беа потчинети на Александар Македонски. Тоа остана пукнатина во неговото азискоатичко кралство, а исто така и Ерменија остана независна.
Тој напредуваше толку брзо што Арсам, намесникот на Галиција беше сосема изненаден. Тешко совладливиот преслап на планинскиот венец Тавр беше освоен без тешкотија. Стражата избега кога во ноќта се искачи со неколку лесно вооружени единици.
Подоцна, кога дојде во рамнината под планината, Александар Македонски дозна оти жителите на Тавр, главниот град, се исплашиле дека Арсам ќе го опустоши нивниот град пред да го напушти. Александар Македонски влезе во градот со својата коњица, а Арсам веднаш избега без да му направи некоја штета на градот.
Во Тавр, херојскага кариера на Александар Македонски за малку ќе имаше трагичен крај. Во еден топол летен ден тој се фрли во ладната вода на реката Киднус, што тече од планините низ градот. Доби опасна болест и долго се бореше со смртта во треска и грчеви, судрувајќи се речиси со истата судбина како онаа на стариот владетел Барбароса чиј живот заврши недалеку од Каликаднус.
Веројатно Александар Македонски остана жив повеќе како резултат на својата младост и челична конструкција, отколку од примената на медицината на својот верен доктор Филип. Но, сепак, неговиот поход беше за подолго време одложен поради заболувањето кое остави силни траги.
Кога Александар се укотви, го испрати Парменион со мал дел од војската да го најави заземањето на морските премини кои водат од Киликија кон Сирија, а тој тргна кон западната страна за да го избегне планинскиот предел Тракеја во Киликија, со цел да го покори и да го присвои морскиот брег се до Ликија и целосно да ја заштити својата заднина пред да се сретне со Големиот крал.
Брзото извршување на оваа задача за неколку дена покажа дека кај него се врати поранешната моќ. На патот кон стариот антички грчки крајбрежен град Солој, ја прими веста дека неговите генерали на кои им ја довери опсадата на тврдината во Халикарнас извојувале голема победа.
Во чест на таа победа, Александар Македонски приреди гозба, а му изрази благодарност и на богот Асклеп за оздравувањето. Покрај процесијата и трките со факели имаше и гимнастички и музички натпреварувања, што првпат овде беа приредени. Имаше гимнастички натпревари на војниците, како и уметнички натпревари во кои учествуваа пејачи, музичари и уметници кои веројатно беа доведени од воените штабови во Tape.
Потоа главниот дел од војската го започна маршот од Tape кон исток. Кога Александар Македонски дојде до Мал, приложи жртва за херојот-пророкот Амфилох од Аргос, кој овде имаше славно пророштво и беше почитуван како основач на градот. Во Мал слушна од Парменион, кој во меѓувреме ги освои преслапите, дека Дареј со својата војска се улогорил во Сохој во рамниот дел на Сирија, два дена одење од преминот што сега го нарекоа Баилан.
По смртта на Мемнон, Големиот крал одлучи лично да ја преземе командата и да се сретне со Александар Македонски во решавачка борба. За таа цел собра голема војска во Вавилон. Доцна во летото на 333 година, информиран дека Александар Македонски е во Галиција, Дариј отиде до Еуфрат во придружба на голема свита со багаж, а потоа премина во рамнината источно од планината Аман, за да се подготви кога Александар Македонски ќе навлезе, во Баиланската клисура, и тука во Сохој да започне борба со својата многубројна војска. Тргнувајќи од својата голема надмоќност, Дариј веруваше во победа.
Освен тоа, тој сфати дека треба да го цени Александар Македонски како противник, што може да се заклучи од фактот дека извесно време пред тоа, како вистински султан, го поттикна Линкестијанецот Александар да го убие Александар Македонски. Штом Александар дозна за веста во врска со Сохој, кога беше во Мал, свика воен совет за договор што да се прави и со одобрение на советот одлучи да му се противстави на Големиот крал.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН