Заев: Одлуката на Иванов е флагрантно кршење на Уставот

Законот за употреба на јазиците нема ништо да се промени во Македонија ниту ќе  ја наруши нејзината заедничка иднина. Апелирам да се пушти законот да живее, да се почитуваат институциите, а Уставниот суд и Венецијанската комисија да се изјаснат по него, изјави премиерот Зоран Заев. Одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да не го потпише законот, за Заев е „флагрантно кршење на Уставот, но и кукавичлук“.

– Да го оставиме законот за употребата на јазиците да го види денот. Мене ми е жал што претседателот на државата одлучи буквално да не го почитува Уставот и објави по втор пат дека нема да го потпише законот. Тоа не е добро, тоа е флагрантно кршење на Уставот на Македонија и секако институциите немаат право да дозволат тоа да се случи. Но, истовремено тоа за мене значи кукавичлук, да не се дозволи законот да живее заради тоа што ако се пушти законот да заживее конечно ќе ја реализираме последната правна обврска од Охридскиот договор. И сите ќе видат дека нема да има ниту Тиранска агенда во Македонија, дека Македонија нема да биде држава на Албанците или не знам кои од малцинските заедници во државата, рече Заев одговорајќи на новинарски прашања на маргините на Форумот за владеење на правото во ЈИЕ.

Заев истакна дека овој закон не е изгласан скришно и заткулисно како што порано се правело, туку девет месеци беше отворена дебатата.

– Ајде сите да се фокусираме и да му дадеме шанса на ова наше мултиетничко општество каде што сите граѓани ќе бидат еднакви согласно Уставот и ќе ги користат своите права. Со овој закон дадено е едно ускратено прво на граѓаните од помалкубројните заедници, кажа премиерот.

Тој смета дека законот треба да се потпише, да се достави до Уставниот суд и Венецијанската комисија, но и јасно да се каже дека во Штип, во Гевгелија, во Струмица не мора никој да зборува албански јазик.

– Убаво е граѓаните Албанци да си го користат својот мајчин јазик во општините каде што се повеќе од 20 отсто, Ромите во единствената ромска општина во Европа да го користат својот јазик, Турците во Гостивар, Србите во Куманово итн. Апсолутно незаборавајќи дека официјален службен јазик во Република Македонија е македонскиот јазик и притоа овој закон дополнително го прецизира и начинот и употребата на македонскиот јазик за кое што беше отворена дилема и прашање во државата, изјави премиерот Зоран Заев.